Себастијан Ветел заслужува честитки за контролираната трка од старт до финиш, згора на тоа, успешно справувајќи се со проблемот на неговиот управувачки систем. 1-2 Победата на Ферари допринесе за зголемување на нивната самодоверба, но и за одржување на тензијата со Мерцедес АМГ. Унгарското ГП го издвои Ред Бул како вистинска закана за пласман на победничкиот подиум.
Детскиот потег на Макс Ферстапен, кога заврши во болидот на неговиот тимски колега, Даниел Рикиардо, ни ја ускрати можноста за уште поинтересна трка. Сепак, поради дефицитот на Рено ПЕ, најверојатно Ред Бул нема да претставува голема закана во СПА и Монца, но, тие ќе бидат конкурентни на патеките кои не зависат од моќта на ПЕ, како Сингапур. Тоа е тимот кој може да има вистинско влијание врз исходот на борбата за титулите.
Себастијан Ветел вели дека Ферари го има најдобриот болид: "Сите ние во тимот може да бидеме многу среќни и горди на она што го направивме на трката! Тоа беше тешка трка која, на крајот, имаше добар завршеток. Јас имав проблем со воланот, за кој се уште не знаеме од што беше предизвикан. Во иднина треба да ги избегнеме ваквите работи, но за време на трката немав друга опција, освен да продолжам да возам."
"На почетокот имав чудно чувство, но, во одреден момент, заборавив на тоа и само се обидов да се навикнам на тоа. Според мое мислење, ние го имаме најдобриот болид со многу потисна сила, што не беше случај многу години наназад. На крајот, ние сме кројачи на нашата судбина. Следуваат тест денови на Хунгароринг и имаме многу работа пред нас. Потоа следува Белгиското Гран При. Нашиот болид е добар на СПА, па затоа очекувам добар тркачки викенд."
Кими Раиконен, задоволен од успешно завршената тимска работа: "Болидот беше неверојатен, управувањето беше совршено и јас се чувствував одлично. Дури и блиското возење зад Себ не предизвикуваше проблеми, беше фантастично. Воопшто не бев загрижен дека Мерцедесот би можел да ме претекне. Имав прилично добар старт, но, по првиот свиок останав на истата позиција. Потоа трката ја возев без поголемо форсирање. На вакви патеки престигнувањето е незгодно, па, јас не сакав да ризикувам премногу со мојот колега."
"Кога ме повикаа за пит-стоп, сакав да останам на патеката, бидејќи чувствував дека имав брзина, но тимот ја има поголемата слика и верувам на нивните одлуки. На трката не можев да ја искористам мојата целосна брзина, ги имав сите алатки да завршам во подобра позиција, но требаше да имам подобри квалификации. Среќен сум за резултатот што го постигнавме како тим и тоа е главната работа. Тоа беше одличен викенд, го добивме максимумот од него."
Валтери Ботас верува во тимот: "Toa беше вистински незгодна трка. Темпото не беше толку проблем, но, откако ќе се доближевме на секунда до болидот пред нас, стануваше тешко да се управува и престигнува. Првиот стартен ред беше голема придобивка за Ферари. Иако Себастијан имаше проблеми, никој не можеше да го престигне. Се обидовме како тим да ги замениме местата, но и Луис не можеше да ги помине."
"Ми беше ветено дека Луис ќе ми дозволи да се вратам на третото место ако не успее. Имав проблеми со заостанатите болиди, така што разликата до Луис стана поголема отколку што посакував. Но, Луис и тимот го одржаа своето ветување и ги сменивме позициите во последниот круг. Мислам дека не секој тимски колега би го направил тоа, а се бори за шампионската титула, па мислам дека тоа беше навистина убавo од него и тоа покажува дека тој е вистински тимски играч. Нашите положби сè уште не се многу лоши во однос на бодовите во двата шампионати. Луис и јас се уште се во борба за Титулите."
Луис Хамилтон смета дека го дал максимумот, но претекнување било невозможно: "На трката го дадов целосниот мој потенцијал. Фрустрирачки е кога притискате толку напорно, работите многу напорно и ќе завршите на истото место на кое сте ја започнале трката. Кога радиото не работеше, мислев дека тимот е загрижен за трошењето на гумите, па можеби затоа е Валтери побавен, за подоцна да може да забрза. Знаев дека имам далеку побрзо темпо, но, не можев да му кажам на тимот поради радиото."
"Во последниот круг, го одржав мојот збор. Реков дека ако не можам да го престигнам Кими, тогаш ќе ја вратам позицијата на Валтери. Во текот на оваа година кажав дека сакам да ја освојам оваа титула на вистински начин и можеби ќе гледам на поинаков начин, ако на крајот од сезоната ја загубам со мала разлика, но, верувам дека правејќи ја вистинската работа, се ќе си дојде на свое место. Имав 20 бода дефицит, падна на еден, а сега се врати на 14. Во првата половина од сезоната изгубивме доста поени, но знам дека ќе се вратиме уште подобри по летната пауза."
Даниел Рикиардо ја имаше најлошата трка во полусезоната: "Имав пристоен старт и добив добар излез од првиот свиок, го видов Ботас на внатрешната страна од вториот свиок, па знаев дека имам шанса од надвор. Мислев дека тоа е добро место да се поставам и да ја заштитам мојата позиција. Почувствував удар, но не можев да видам кој е, знаев дека Макс беше од мојата лева страна, па претпоставував дека мора да е тој. Навистина е фрустрирачки, бидејќи знаевме дека нашиот болид е брз, па затоа се надевавме на добар резултат и пласман на подиумот. Јас и Макс приватно ќе разговараме и ќе ги расчистиме работите. Срамно е да се заврши првата половина од сезоната на овој начин."
Тото Волф, тимскиот шеф на Мерцедес АМГ, вели: "Тоа беше тежок ден за тимот, но, на кој ги покажавме вредностите до кои се држиме. Сигурно дека не можеме да бидеме задоволни со третото и четвртото место, но успеавме да ја ограничиме штетата и бевме среќни што возачите на Ред Бул се судрија во првиот круг. Значи, позитивно е што не изгубивме премногу поени на патеката каде што Ферари имаше предност. Двата шампионати се сеуште во игра."
Кристијан Хорнер, тимскиот шеф на Ред Бул, вели: "Многу фрустрирачки ден за нас. Откако двата наши болиди имаа добри стартови, Макс направи грешка при сопирање, тркалата блокираа и тој удрил во Даниел, предизвикувајќи голема штета на неговиот болид. Не само што го изгубивме едниот болид, туку и Макс заработи казна од 10 секунди за инцидентот. Тоа беше особено фрустрирачко, бидејќи беше јасно дека имавме многу конкурентен болид. Не радува фактот што Макс ја увиде својата грешка и веднаш се извини на Даниел и на тимот и ние мора да продолжиме напред."
Макс Ферстапен се извини за инцидентот во вториот свиок: "Мојот старт беше добар, но, во првиот свиок поминав низ рабниците и изгубив доста брзина. Следуваше битка за позиција со Даниел низ вториот свиок, и ние ги користевме сопирачки доста доцна. Јас имав болид пред мене, па изгубив доста од потисната сила и предните тркала блокираа, па, од тој момент инерцијата управуваше со болидот."
"Се обидував да го избегнам Даниел, но, за жал тоа не беше можно. Никогаш не ми била намера да погодам некој, особено не мојот тимски колега. Со Даниел секогаш сме имале вистински добри односи и секогаш можеме да се смееме. Ова не беше убаво од моја страна и му се извинувам на Даниел за тоа и на тимот, бидејќи тука можевме да освоиме многу поени. Ќе разговарам приватно со Даниел и ние ќе ја средиме работата. Единствено позитивно за мене беше што имавме силно темпо и дека напредуваме со болидот."
РАЗМИСЛУВАЊЕ НА ВОЗАЧИТЕ ПO ТРКАТА
7/31/2017 11:27:00 AM
0
Tags
Share to other apps







