Веднаш по Малезиското ГП, Формула 1 Шампионатот се сели на еднo од традиционалните Ф1 места, патеката Сузука, на која овој викенд ќе се одвива 16-тото Гран При од 2017 сезоната. До крајот остануваат само уште 5 трки и тимовите ги имаат последните шанси да финишираат на најдобар можен начин.
Сузука е многу предизвикувачка и брза патека. Таа има многу брзи свиоци кои се надоврзуваат еден по друг и на кои возачите едвај ја допраат сопирачката. Тоа е оригинална патека, во форма на бројот осум, што значи дека таа е единствената во календарот која истовремено се вози спротивно и во насока на стрелките на часовникот во еден ист круг. За оваа година нема некои позначајни промени во инфраструктура на патеката.
Пирели за Големата Награда на Јапонија ги донесе истите три номинации од Сепанг, белата медиум, жолтата мека и црвената супер-мека смеша. Супер-меките гуми за прв пат ќе дебитираат на Сузука, што според Пирели треба да обезбеди различни можности за стратегијата на тимовите.
Сузука е една од историските патеки во сезоната, која припаѓа на "старата школа", со мали области за излетување и релативно потесна, па возачите со овие нови хибридни болиди ќе имаат потешкотии во претекнувањето.
Малку од Ф1 фановите во светот можат да парираат на Јапонските во однос на нивниот ентузијазам и страст. Некои од нив се многу верни, па како што вели Серџо Перез, секоја година има еден фан, кој го чека кога ја напушта патеката или хотелот, за да се слика со него. Како целина, тие се значајно обележје низ целиот викенд.
Второто место во Сепанг ја прекина низата од три последователни победи на Луис Хамилтон, но, беше доволно за возачот на Мерцедес АМГ да ја зголеми предноста пред неговиот единствен ривал за Титулата, Себастијан Ветел, за дополнителни шест поени, со што сега му бега на возачот на Ферари релативно големи 34 поени. Мерцедес АМГ, исто така, ја зголеми предноста и во шампионатот на конструкторите и тие сега имаат 118 поени пред Ферари.
Сепак чистата статистика веројатно не ги доловува вистинските перформанси помеѓу најбрзите три тима, бидејќи на асфалтот како најбрз се покажа Италијанскиот тим, но тие освоија само 12-поени на изминатите две трки. Спротивно на нив, иако со проблеми Мерцедес АМГ и Хамилтон ги зајакнаа своите позиции во двата шампионати.
И покрај победата и третото место во Малезија, тимот на Ред Бул и теоретски испадна од борбата за титулата кај конструктори, но, ако го задржат своето темпо, тие имаат силен потенцијал да влијаат на тековната битка за титулите.
НАЈАВА НА ГН НА ЈАПОНИЈА
10/05/2017 12:21:00 PM
0
Share to other apps









