На 6 Јануари во Лима започна најпознатото рели на светот ДАКАР 2018. Во следните четиринаесет дена натпрeварувачите ќе мора да поминат скоро 9.000 километри, од кои 4.500 се во посебни етапи, на територијата на три земји: Перу, Боливија и Аргентина. Трката завршува на 20 Јануари во Кордоба.
Од минатата сезона ова рели, покрај стандардните категории на автомобили, мотоцикли, квадроцикли и камиони се додаде и категоријата SxS.
Во категоријата на автомобили фаворитите се јасно дефинирани, тоа е тимот на Пежо, кој под своја "заштита" ги собра речиси сите најдобри рели возачи.
Но, сепак и помеѓу нив постои очигледен фаворит, 13-кратниот победник на ДАКАР, Стефан Петерхансел.
Неговите тимски колеги, деветкратниот рели шампион Себастијан Леб, двократниот шампион во истата категорија и победникот на ДАКАР 2010, Карлос Саинц и петкратниот победник на ДАКАР во категоријата на мотоцикли Сирил Деспре, ќе се обидат да му конкурираат, но, да се победи Петерхансел е многу, многу тешко.
Сепак, ова не значи дека другите тимови немаат шанса за успех. Оваа година категоријата на автомобили е поконкурентна од било кога. Посебно внимание треба да се посвети на Тојота, каде што ќе настапуваат Насер Ал-Атија и Жинел де Вилие, со вкупно три победи на Дакар.
Во поконкурентните тимови спаѓа и тимот на МИНИ, чии автомобили ќе бидат возени од искусни возачи како Нани Рома и Орландо Теранова, како и четирикратниот вице-шампион во класичното рели Мико Хирвонен.
Кај мотоциклите секако сите сте слушнале за Сирил Деспре и Марк Кома кои владеаа со години во оваа категорија, но, кога Деспре се префрли да се натпреварува во категоријата на автомобили, а Кома стана спортски директор на трката, нема јасен лидер.
Меѓутоа, во оваа категорија имаме една константа во последните 16 години, секогаш победува возач со КТМ мотоцикл.
Австриската компанија атакува и на 17-тата последователна победа.
Главните фаворити на трката се токму мотоциклистите на КТМ: Сем Сандерленд, Матијас Вулкер и Тоби Прајс. Аналитичарите велат дека шансите за победа на еден од овие тројца возачи може да се сметаат за приближно еднакви.
Од сенка шанса за победа ќе чекаат, Антоан Мео, фабричкиот возач на КТМ, како и Стефан Свитко, Жерар Фар, Оливие Бол и други.
Од останатите присутни брендови може да изненади Хуан Баред со Хонда.
Другиот возач на фабричкиот јапонски тим, Пауло Гонзалес, кој исто така, имаше добри шанси за успех, на само еден ден пред почетокот на релито мораше да се повлече. Португалецот заработил повреда на лигаментите, паѓајќи од мотоциклот за време на тренингот. Тој беше заменет со младиот Чилеанец Хозе Игнацио Корнехо, кој нема доволно искуство за нешто повеќе.
Тука е и Јамаха, чии главни адути се Андријан ван Беверен и Ксавиер де Солтре.
Како што во Формула 1 се прашуваме има ли крај на доминацијата на Мерцедес АМГ, овде сите чекаат кога ќе биде прекината победничката серија на КТМ.
Во категоријата на камиони главен фаворит е рускиот тим на КАМАЗ. Тимот ќе стартува со четири камиони, од кои три, зад чии волан ќе бидат Едвард Николаев, Ајрат Мардеев и Антон Шибалов, се речиси идентични, додека четвртиот е опремен со експериментален 13-литарски мотор модифициран според прописите за следната година.
И покрај фактот што главниот ривал на КАМАЗ, Жерар де Рој, не дојде во Јужна Америка, неговиот тим треба да биде конкурентен со камионите на Ивеко. Во овој тим ќе возат Федерико Вилагра, Тони ван Генутен и Артур Ардавичус, секој од нив способен да се носи со возачите на КАМАЗ.
Тимот на ТАТРА сеуште е силен, тука се и неколку камиони на Рено и претставниците на белорускиот тим на МАЗ кои со секоја нова трка би требало да се наметнуваат како посериозни конкуренти на оваа рели трка.
Кај квадроциклите главен фаворит е Русинот Сергеј Карјакин, кој е актуелен победник на ДАКАР и има добри шанси да го повтори својот успех. Карјакин е неверојатно брз, но, на ова рели брзината не е решавачка, туку и издржливоста на возачот и машината. Оваа година ќе го користи квадроциклот на Јамаха, Raptor 700, и останува да се надева дека новата технологија нема да откаже.
Некогаш доминантните браќа Патронели, повторно ја пропуштаат трката, а најголемите ривали на Русинот ќе бидат Полјакот, Рафал Соник и Чилеанецот Игнасио Казале. Тука се и Пабло Копети, Џереми Гонзалес Фериоли, Аксел Дутри, Нелсон Санабриа. Сите тие ќе се натпреваруваат со квадроциклите на Јамаха.
Во оваа категорија Хонда се обидува да биде конкуренција на нивните сонародници со искусниот возач Волтер Носилија. Оваа година имаме пријавено рекорден број од вкупно 49 квадарциклисти.
Минатата година, на ДАКАР релито дебитираше новата категорија - UTV. Натпреварувачите во оваа категорија возат "мини-баги" возила што претставуваат нешто помеѓу квадроцикли и автомобили, со ограничен капацитет на моторот до еден литар.
Оваа година категоријата беше преименувана во SxS, а во исто време имаме комплетно нова листа на учесници. Во оваа категорија не постојат очигледни фаворити, не само кај возачите, туку и кај брендовите.
Минатата година сите учесници беа на брендовите Поларис и Јамаха, но само Поларис стигна до финишот.
Во 2018 година, се приклучува и Can-Am, а конкуренцијата се очекува да биде поостра. Како кај сите категории и овде еден од главните фактори за победата ќе биде издржливоста.
ДАКАР 2018 - КОИ СЕ ФАВОРИТИ ЗА ПОБЕДА
1/07/2018 01:51:00 PM
0
Share to other apps