Вилијамс Мартини денес и официјално објави дека Сергеј Сироткин ќе му се придружи на Ленс Строл како тимски колега за 2018 Шампионатот.
22-годишниот Русин го импресионирал тимот со својот настап на последниот тест на Пирели во Абу Даби, каде што за првпат го возеше FW40.
Сергеј Сироткин веќе поодамна се подготвува за 2018 сезоната и со нетрпение го очекува партнерството со Ленс Строл, иако се доцни со неговата објава како возач на овој тим.
Доцнењето со објавата делумно било поради тоа што во Вилијамс сакале во своите редови да го имаат и Роберт Кубица, како нивни резервен и развоен возач за новата сезона во Формула 1.
Враќањето на Роберт во Формула 1 вклучуваше неколку тестови со Вилијамс во текот на втората половина на минатата година, како и развојниот тест на Пирели во Абу Даби на крајот од минатата сезона.
Полјакот ќе има особено активна улога во тимот со учеството на пред-сезонските и сезонските тест сесии, а исто така ќе учествува и на неколку петочни тренинг сесии за време на тркачките викенди.
Се разбира, тој ќе биде секогаш спремен да замени некој од првите возачи, доколку се јави потреба. Кубица, исто така, ќе има значителна комуникација со медиумите и спонзорите.
Роберт Кубицa: "Многу сум среќен што се приклучив на тимот на Вилијамс иако само како резервен и развоен возач за оваа сезона. Чувствувам дека сум во најдобра физичка форма што некогаш сум ја имал, но, за тоа беше потребна макотрпна работа. Сакам да му се заблагодарам на Вилијамс за дадените прилики и за нивната доверба во мене со ова назначување."
"Уживав во можноста да се вратам во Ф1 болид и сега очекувам соработка со техничкиот тим на Вилијамс, и во фабриката и на патеката. Навистина сакам да помогнам во развојот на FW41 и вистински придонесам за што подобар пласман на тимот во 2018 година."
"Откако ги возев и FW36 и FW40, јас со нетрпение очекувам да видам како FW41 ќе се однесува на самата патека и да работиме со тимот за да ги максимизираме неговите перформанси. Мојата крајна цел останува иста т.е. повторно да се тркам во Формула 1 и ова е уште еден важен чекор во таа насока."
Сергеј Сироткин: "Морам да потенцирам дека сум среќен и горд што се приклучив на еден таков познат тим како Вилијамс. Потребна е огромна работа за да се добие местото каде што сум, и јас сум навистина среќен и благодарен на сите што беа вклучени во остварувањето на мојот сон. Бидете сигурни дека тимот може да се потпре на мене за да го извлечам најдоброто од себе."
ОФИЦИЈАЛНО: СИРОТКИН И КУБИЦА ВО ВИЛИЈАМС
1/16/2018 06:56:00 PM
0
Share to other apps



