Форс Индија и Мекларен сакаат ФИА да ја истражи техничката соработка помеѓу Ферари и Хас, бидејќи се прашуваат како Американскиот тим одеднаш има толку добри перформанси. За време на Австралиското ГП, тимот на Хас се пласира на третиот стартен ред, а пред проблемите со тркалата, се наоѓаа на 4-тото и 5-тото место.
Таквиот развој на настаните ги поттикнал нивните ривали од средниот ред на поредокот, Мекларен и Форс Индија, да се посомневаат во нелегална соработка со Ферари, т.е. дека Италијанците испорачуваат делови кои се забранети со техничките регулативи, како и дека им овозможуваат на Далара, партнерот за конструкција на шасијата на болидот на Хас, да го користат нивниот воздушен тунел.
Омар Сафнауер, главниот оперативен директор на Форс Индија, вели: "Не знам како успеаа да го направат овој голем чекор напред во нивните перформанси, тоа е магично. Ова никогаш досега не било направено во Формула 1."
"Не знам како може некој кој е во овој спорт само неколку години, без никакви ресурси, да направи ваков болид. Тоа се случи со помош на магично стапче?!? Ако е така и ние го сакаме тоа магично стапче!!!"
Фернандо Алонсо, возачот на Мекларен, го нарече болидот на Хас, VF18, копија на минатогодишниот Ферари, додека Зек Браун, тимскиот шеф на овој Англиски тим беше повнимателен и објасни дека тоа е нешто што мора да се испита внимателно.
"Немам никакви докази дека Хас не ги почитува правилата, но, сите знаеме дека имаат многу блиски односи со Ферари и ние треба да се осигураме тие да не станат премногу блиски."
"Може да има некое влијание, но, има делови од болидот што се премногу слични на минатогодишниот Ферари, но, останува на ФИА и нивните инженерите внимателно да го испитаат тоа."
"Можеби тоа е успех на нивните инженери, но, од друга страна се поставува прашањето, како можете да го добиете тоа знаење без историја, без вистински алатки и луѓе?"
Штајнер, тимскиот шеф на Хас, запрашан за овие коментари од страна на ривалските тимови, вели: "Имаме тим кој може да биде горд на она што го прави во овој момент. Ние не правиме ништо што е забрането."
"Тие велат дека нашиот болид изгледа многу слично на минатогодишниот болид на Ферари. Се поставува прашањето, дали треба ние да копираме некој болид, кој веќе е историја, или треба да направиме болид кој треба да биде брз? Одговорете ми."
"Мораме да го имаме истото меѓуоскино растојание како Ферари, бидејќи имаме иста амортизација. Тоа е логично. Значи не може да сме копија на минатогодишниот Ферари, бидејќи го имаме истото меѓуоскино растојание како и овогодинешниот Ферари."
"Но, кога треба да ја оправдате вашата неспособност, нападот е најдобрата одбрана. Ако некој има двојно повеќе пари и е зад вас, нивниот сопственик треба да се запраша, што правиме погрешно?"
"На крај да завршиме на оваа тема, ако имаат проблем ете им ја ФИА. Тие можат да поднесат официјален приговор."
ХАС: АКО ИМАТЕ ПРОБЛЕМИ, ЖАЛЕТЕ СЕ НА ФИА
3/29/2018 11:30:00 AM
0
Share to other apps