Организаторите на оваа трка се стремат ова да биде голем популарен настан, организиран во срцето на регионот, кој е познат низ целиот свет поради својата економска сила, култура, туризам и гастрономија.
Француското ГП сериозно има за цел да стане незаменлив настан во тркачкиот календар за 2018 и годините што следуваат. Патеката Пол Рикард беше домаќин на Големата Награда на Франција од 1971 до 1990 година, а Французинот Ален Прост е победник на последната Ф1 трка на оваа патека.
Патеката е изградена во 1969 година благодарение на длабоките џебови на индустрискиот магнат Пол Рикард. Таа беше отворена на 19 Април 1970 година со трка на дволитарски автомобили пред Формула 1 да стане главен настан една година подоцна. 1.8-километарскиот правец со име Мистрал (денес прекинат на 1км. поради безбедносни ризици со креирање на нова шикана) и издолжениот дизајн на патеката се главна одлика на патеката.
Со заминувањето на Формула 1, патеката се префрли на мотоцикли и локални трки, за по смртта на Ричард во 1997 година на 88-годишна возраст, патеката биде продадена во 1999 година на Excelis, компанија во сопственост на поранешниот главен извршен директор на Формула 1, Берни Еклстоун.
Од 20 возачи кои се натпреваруваат во 2018 Ф1 шампионатот, за тројца ова ќе биде домашна трка: Роман Грожан, Пјер Гасли и Естебан Окон. Тоа значи дека Франција е најзастапената земја во оваа сезона, пред Германија, Шпанија и Финска.
Со оглед на враќањето на Големата Награда на Франција, патеката Пол Рикард изминатата зима започна со поголеми зафати на реновирање. По отстранувањето на 5 см од површината на патеката, беше поставен нов асфалт на патеката и пит линијата. Асфалтот мораше да биде колку што е можно помазен и пред сè, без никакви нерамнини, ниту премногу лизгав, ниту премногу абразивен.
Исто така беа модифицирани три свиоци на 5.8 километарската патека: Влезот во вториот свиок беше проширен за да се олесни стартот и да се создаде технички свиок кој бара силно сопирање, а многу бавниот свиок 5 и свиоците 14-15 беа проширени за да се зголеми брзината при нивно поминување, со што би се овозможиле повеќе претекнувања за време на трката.
| Патеката Пол Рикард се враќа во Ф1 календарот по 28 годишна пауза!!! |
Дебелите линии со сина, црна и црвена боја имаат практична цел. Црните и сините области имаат површина со мешавина од асфалт и волфрам. Втората, подлабока зона на излетување, обоена во црвена боја, има зголемена абразивна површина дизајнирана за да го максимизира грипот на гумите, со што би се минимизирало растојанието за сопирање. Со оваа иновацијата Пол Рикард стана првата патеката што од ФИА беше означена како "центар на извонредност - Centre of Excellence".
Околу патеката се работеше на:
- Изградба на нов медиумски центар (капацитет 500 новинари);
- Изградба на нов падок (16.000 м2);
- Инсталација на привремени трибини (51.000 седишта);
- Инсталација на безбедносни огради на ФИА;
- Изградба на три нови пристапни порти на запад од објектите;
- Монтирање на семафор на влезот од стартниот правец, пред главните трибини;
- Нови пешачки мостови за полесно движење на фановите.
Метео прогнозата за тркачкиот викенд во Ле Кастел, Франција, во најновиот апдејт најавува голема веројатност за дожд во сабота.
Во петокот температурата се очекува да достигне со +30°C со мала облачност и умерен северозападен ветер.
Во сабота, температурата ќе се намали, а во втората половина од денот е најавена голема веројатност за дожд. Температурата на воздухот нема да надмине +25°C.
Во неделата не се очекуваат врнежи, со температури во текот на денот повторно до +25°C со променлива облачност и слаб југоисточен ветер.
Упатувајќи се кон Франција, за првиот од трите последователни тркачки викенди во 2018 календарот ситуацијата во генералниот пласман на возачи е интригирачка. Со победата во Канада, Себастијан Ветел се врати на врвот со предност од само еден поен пред Луис Хамилтон.
Двајцата направија значителна предност пред третопласираниот Валтери Ботас кој заостанува 34 поени зад својот тимски колега. Но, како што кажавме во следните три недели може многу нешта да се промена, во игра се 75 поени за кратко време.
Во генералниот пласман на конструктори, Мерцедес АМГ ја задржа лидерската позиција со предност од 17 поени во однос на второпласираниот тим на Ферари. Комплетниот временски распоред го имате на следниот ЛИНК.
За ова враќање на патеката Пол Рикард, од Пирели ги номинираа жолтите меки, црвените супер-меки и виолетовите ултра-меки смеши. Како што напоменавме, патеката е целосно реасфалтирана, така што можеме да очекуваме голем грип, но ниска деградација, слично на Барселона.
Тоа значи дека гумите што ќе се користат овој викенд ќе имаат намалена дебелина на нагазната површина за 0,4 милиметри, како што беше случајот во Шпанија и на на почетокот на Јули во Силверстоун. Сите три патеки имаат нов асфалт.
Со тоа што Ф1 тимовите не се многу запознаени со новиот формат на патеката, тренинг сесиите ќе бидат поважни од вообичаеното за да се добие точна слика за однесувањето на гумите. Само тогаш нивните тркачки инженери ќе имаат подобра претстава за тоа која би била најдобрата стратегија."





