За разлика од Хокенхајм, брза патека, сега следува борба на бавна, тесна и кривулеста патека. Тоа е најбавната постојана патека во календарот со просечна брзина од само 190 км/ч. Само уличните трки во Сингапур и Монако имаат понизок просек од Хунгароринг. Затоа тимовите ќе донесат аеродинамичен пакет сличен на Монте Карло со цел да се "извади" максимумот од болидите.
Хунгароринг е патека на која многу од Ф1 возачите ја забележале својата Прва Ф1 Победа, Фернандо Алонсо во 2003 година, Џенсон Батон во 2006 година. Дејмон Хил, исто така, ја забележа својата Прва Ф1 Победа во Унгарија, во болидот на Вилијамс, далечната 1993 година. Тој беше првиот син на светски шампион кој Победил на Ф1 трка.
Со 14 свиоци и само еден вистински правец, Хунгароринг за Ф1 тимовите претставува сличен проблем со кој се среќаваат и во Монте Карло, како да се максимизира и зголеми потисната сила врз болидот. Оптималниот аеродинамичен грип ќе биде резултат на подесувањата од страна на тимовите, но, овде голема улога игра механичкиот грип кој во голема мера ќе зависи од гумите на Пирели.
На оваа трка возачите ќе имаат избор од ултра-меката, меката и медиум смеша. Екстремните температури поврзани со значителното странично оптоварување ги става гумите во тешка работна положба, па затоа од Пирели не се одлучија да ги донесат најмеките гуми од својата палета.
Менаџирањето и разбирањето на работата на гумите од Пирели ќе биде клучна задача за секој возач и тим во битката за што подобар пласман.
Во квалификацискиот круг, возачите ќе треба да бидат внимателни и да не форсираат премногу во почетните фази од кругот, затоа што би ризикувале прегревање на задните гуми пред почетокот на финалниот сектор, каде може да биде загубено многу време ако болидот нема добар грип и тракција.
Температурата на гумите ќе биде важен фактор и за време на трката, па нивното прегревањето може да биде причина за лош излез од последниот свиок, правејќи го болидот подложен на напади на единствениот правец на оваа патека.
Патеката е физички напорна за возачите, кои често ја споредуваат со Сингапур (физички најнапорната патека во календарот), поради големиот број на свиоци, високите температури, и релативно малото воздушно струење низ болидот.
Дополнителна неизвеснот на тркачкиот викенд во Унгарија може да донесе и временската прогноза која најавува жешко време, но со можности за грмотевици и поројни дождови. А колку хаос може да донесат и неколку капки дожд се покажа на трката за ГН на Германија, одржана минатиот викенд.
Во пресрет на 12-тата трка од 2018 сезоната, битката за шампионските титули се врти во корист на Сребрените стрели, т.е. тимот на Мерцедес АМГ. Нивната 1-2 Победа во Германија им донесе водство од 8 поени над Ферари во генералниот пласман на конструктори, додека кај возачите Себастијан Ветел, по нулата на Хокенхајм, сега има дефицит од 17 поени во однос на главниот ривал, Луис Хамилтон.
Кога Хамилтон скокна од расипаниот болид и се обиде да го врати назад во боксот во квалификациите, неговите шанси за освојување на Големата Награда на Германија се чинеа минимални. Еден ден подоцна тој ја забележа една од своите најголемите победи на сите времиња. Според него тоа беше божјо дело, чудо, сепак потпомогнато од цела низа околности за да биде овозможено.
Себастијан Ветел, направи минимална грешка, но со големи последици. Тој има само неколку дена да се врати на вистинскиот пат во Унгарија и да ја врати неизвесноста во борбата за Шампионската Титула. Возачите на Ред Бул ќе бидат голема пречка кон остварување на таа цел. На Хунгароринг тие ќе бидат фаворитите за првите две места!!!
Се надеваме дека не е во право Жак Вилнев кој вели дека после Германија Британецот може да биде недопирлив во борба за Титулата.
"Ефектот би можел да биде сличен на Сингапур минатата година, Луис комплетно нервозен, депресивен, мислеше дека сите го мразат и така натаму. Тој имаше голема негативност во своите коментари. И тој доби 25 поени веќе впишани кај својот најголем ривал за Титулата. Потоа од Сингапур тој беше непобедлив, се врати неговата позитивна состојба на умот, што го тера да извади и повеќе од максимумот. По трката на Хокенхајм неговите коментари беа дека дождот ги однесе сите негативности насобрани во него по Силверстоун."