Викендот што следува Ф1 карванот се сели во Русија, т.е. црноморското одморалиште Сочи, патека каде ќе се вози 16-тата трка од 2018 сезоната. Патеката во Сочи, изградена за време и по 12-тите Зимски Олимписки Игри, е мошне техничка и одредувањето на подесувањата на болидот не е едноставна задача. Патеката се карактеризира со силно сопирање при влез во бавните кривини. Моќта на ПЕ и тракцијата се од особено значење за севкупните перформанси.
Патеката е со вкупна должина од 5.848 километри со што е третата најдолга во календарот, зад СПА и Силверстоун. Најдолгиот правец изнесува 650 метри. Главна карактеристика по која што сите ја распознаваме е долгиот трет свиок, но како најлесно место за претекнување е делот од последниот свиок до силното кочење за влез во вториот свиок.
На оваа патека проблемите на современите болиди се изразени во голема мера, па болидот што се наоѓа назад има проблем со следењето на болидот пред себе, па претекнувањето е потешка задача отколку на другите патеки. Како и на секоја улична трка, клучно за добро место и што повисок пласман ќе биде освоената стартна позиција и силен старт.
Асфалтот е мазен и неабразивен и се очекува висок степен на еволуција на патеката, од многу лизгава патека во петок, до "гумирана" за трката. Малата деградација и трошење на гумите, најверојатно, ќе донесат само едно застанување во боксевите. Со оглед на тоа од Пирели, ги номинираа своите најмеки смеши хипер-меката и ултра-меката, кои полесно ја достигнуваат нивната работна температура. Третиот избор е меката смеша, со прескокнување на супер-меката.
Омилен избор на сите возачи беше најмеката гума од палетата на Пирели, избирајќи помеѓу 7 и 10 комплети од хипер-меката смеша. Меката гума со жолта ознака беше одбегнувана. Само Шпанецот во тимот на Мекларен, Фернандо Алонсо избра три сета, додека сите останати возачи имаат од 1-2 сета на располагање.
Луис Хамилтон со Победите во Италија и Сингапур е во одлична позиција да ја задржи шампионската титула во пласманот на возачи. Британецот има предност од 40 поени во однос на пуленот на Ферари, Себастијан Ветел со шест преостанати трки до крајот на сезоната.
Работите се поблиски во шампионатот на конструктори каде Мерцедес АМГ има предност од 37 поени во однос на Ферари, а во сезона каде двата најбрзи тима се многу блиску со перформансите тоа е минимална предност, која лесно може да биде достигната.
Во изминатите сезони, Мерцедес АМГ доминираше во Сочи, забележувајќи Победа на сите четири досега одржани трки. Две победи се на Луис Хамилтон во 2014 и 2015, Нико Розберг во 2016 и минатата година Валтери Ботас.
Доминацијата на Мерцедес АМГ се потврдува и со трите Пол позиции, Хамилтон во 2014 и Розберг во 2015 и 2016 година. Минатата година, Себастјан Ветел стигна до пол позицијата допринесе да не биде се во знакот на Мерцедес АМГ.
Временскиот распоред се враќа на "нормална" за нас Европска саатница, со Квалификациите во Сабота, 14:00 часот и Трка, Недела, во 13:10 часот по Македонско време.
ВО ПРЕСРЕТ НА РУСКОТО ГРАН ПРИ
9/27/2018 09:11:00 AM
0
Tags
Share to other apps