По трката за Големата Награда на Соединетите Држави од минатата недела, овој викенд Формула 1 се сели на патеката Браќа Родригез во Мексико, најбрзата во календарот. Патеката е домаќин на Мексиканското ГП уште од 1963 година, но во рамките на подготовките за 2015 сезоната беше комплетно реновирана. Мексико пред својот кам-бек беше домаќин на Ф1 Шампионатот во два наврати во период од 1963-1970 и 1986-1992 година.
Историскиот ден за Мексико беше во 1962 година кога Гран При трките имаа "проба", за да веќе следната сезона се одржи Големата Награда на Мексико. Време кога Хуан Мануел Фанџо беше во залез на кариерата, но новата ѕвезда беше во подем, која ги надмина неговите постигнувања, а тоа беше Џим Кларк. Мексиканците се горди на брилијантните браќа Родригез, Моисес Солана, Хектор Ребак, до современите достигнувања на Естебан Гутиерес и Серџо Перез, мексикански возачи кои ги врежале своите имиња во историјата на мотоспортот.
Реновираната патека задржува голем дел од ДНК-та на оригиналот, преку брзиот прв сектор и исто така брзиот и течен средишен дел, каде брзите промени на насоката ставаат акцент на добрата аеродинамична ефикасност и баланс на болидот. Финалниот сектор е трансформиран во технички сложен дел, кој треба да обезбедува возбудливи моменти за Ф1 фановите на патеката и пред ТВ екраните.
Реткиот воздух на 2.250м. надморска височина, за погонските едниници, особено турбо полначите значи работа со поголем капацитет за да испорачаат одредена моќност. Минатата година максималните брзини достигнаа до 362 км/ч, па тимските инженери треба да изнајдат компромис помеѓу праволиниската брзина и потисната сила за што постабилно минување на свиоците.
Во Мексико, хипер-меката смеша ќе го има своето петто и претпоследно појавување за оваа сезона, заедно со ултра-меката и супер-меката смеша. Патеката Браќа Родригез е една од најбрзите на кои ќе се користи најмеката смеша на Пирели, овозможувајќи им на возачите целосно да го искористат рекордниот потенцијал на розевата гума.
Со воведувањето на хипер-мекат розева гума, најмеката номинација е два чекори помека од минатата година, кога беа користени меките, супер-меките и ултрамеките смеши.
Асфалтот е доста мазен и лизгав, со што се намалува абењето и деградацијата на гумите. Пит линијата е една од најдолгите во календарот, тоа го зголемува времето потребно за замена на гумите, па тимовите најверојатно ќе тежнеат кон еден пит-стоп.
Со оглед на карактеристиките на патеката, возачите при својот избор секако дека приоритет им дадоа на хипер-меките гуми, со тоа што Рено и Заубер се со најмногу сетови од истата. Возачите на двата тима се одлучија за по 10 сета од најмеката смеша, додека возачите на Мерцедес АМГ и Ферари, избраа по осум комплети розеви гуми.
Патеката во Мексико Сити е особено сурова кон сопирачките. Иако нема точки на екстремно нивно оптоварување како на Јас Марина или Монтреал, високите брзини и фреквенцијата на нивно користење, не им остава доволно време да се изладат, а кога се премногу загреани може да откажат во секој момент.
Атмосферата во Мексико несомнено е една од најогнените во Ф1 календарот, па возачите и фановите ширум светот уживаат во текот на целиот тркачки викенд. Квалификациите и Трката се закажани за 20:10 часот по Македонско време.
ВАЖНО ВАЖНО ВАЖНО ВАЖНО ВАЖНО
САБОТА КОН НЕДЕЛА СТРЕЛКИТЕ НА ЧАСОВНИКОТ СЕ ПОМЕСТУВААТ ЗА ЕДЕН ЧАС ПОНАЗАД!!!
Третото место за Луис Хамилтон и четвртото место на Себастијан Ветел на трката во Остин, значеше дека битката за Титулата во пласманот на возачи продолжува овој викенд во Мексико.
Тука, на патеката каде што минатата година ја обезбеди својата четврта Титула, Хамилтон може да ја освои и својата петта круна, со што ќе се изедначи со Хуан-Мануел Фанџо.
За тоа да стане реалност, Хамилтон треба само да ја финишира оваа трка минимум на седмо место или погоре, без разлика каде се наоѓа Ветел.
Битката кај конструкторите остануваат поотворена, а Мерцедес АМГ има предност од 66 поени во однос на Ферари со преостанати три трки до крајот на сезоната.
НАЈАВА НА МЕКСИКАНСКОТО ГРАН ПРИ
10/25/2018 02:07:00 PM
0
Share to other apps