Ландо Норис ја искористи Пол позицијата за да ја добие битката против Оскар Пјастри на Големата Награда на Австрија.
Возачите на Мекларен беа доминантни на Ред Бул Ринг, а единственото слободно скалило на победничкиот подиум му припадна на Чарлс Леклер.
Гледавме интензивна битка помеѓу возачите на Мекларен во првиот стинт, кога Оскар му дишеше во врат на Ландо, а беа блиску до контакт во четвртиот свиок.
По промената на гуми и предупредувањето до Австралиецот дека претерал во тој 4-ти свиок, победникот беше решен.
Оскар Пјастри имаше добар старт и брзо се ослободи од Ферарито на Чарлс Леклер и се искачи на второто место, што доведе до блиска борба меѓу возачите на папаја тимот.
На крајот, Ландо Норис успеа да се одбрани од нападите и да ја забележи својата седма победа во Формула 1.
Чарлс Леклер лесно го победи својот тимски колега, Луис Хамилтон, за пласман на подиумот.
Џорџ Расел заврши петти, пред Лиам Лосон шести, Фернандо Алонсо на седмото место.
Возач на денот беше Габриел Бортолето, кој ги освои првите поени со осмото место за тимот на Заубер.
Нико Хулкенберг и Естебан Окон го комплетираа списокот со освојувачи на поени на денешната трка во Шпилберг.
Битката продолжува веќе следниот викенд, со трката за Големата Награда на Велика Британија на патеката во Силверстоун.
Единаесетта трка од 2025 Ф1 календарот беше Големата Награда на Австрија, а најголеми фаворити беа возачите на Мекларен, нешто што беше потврдено на тренинг сесиите и квалификациите.
За трката, асфалтот на Ред Бул Ринг достигна температура од 51 степен, а Пирели прогнозираше дека стратегијата од две застанувања во бокс е најдобрата опција.
Карлос Саинц Јр. беше елиминиран уште на стартот од формацискиот круг. Неговиот Вилијамс одби да стартува и преку радио пријави дека е заглавен во прва брзина.
Стартот мораше да биде прекинат и се одложи за 15:15 часот.
Првично, со помош на стјуардите, болидот тргна и се чинеше дека шпанецот ќе може да стартува од пит-линијата, но додека стигна до излезот, сопирачките на задните тркала се запалија, по што трката за него беше завршена.
Ландо Норис имаше многу добар старт, задржувајќи го првото место, но оној на Оскар Пјастри беше уште подобар, претекнувајќи го Чарлс Леклер. Луис Хамилтон, по тесна борба со Џорџ Расел, го задржа четвртото место.
Пјер Гасли се искачи за четири позиции, на шестото место, а Алекс Албон напрдуваше пет позиции за седмото место. Габриел Бортолето, Лиам Лосон и Фернандо Алонсо ги комплетираа првите 10.
Зад нив, имаше мал хаос во третиот свиок, кога Кими Антонели ги блокираше задните тркала, по што изгуби контролата врз својот Мерцедес АМГ и се судри со болидот на Макс Ферстапен, принудувајќи ги двајцата да се упатат пешки кон своите гаражи.
Следуваше период на Безбедносното возило, кое на патеката остана со следните неколку круга, додека не беа евакуирани болидите на Ред Бул и Мерцедес АМГ.
Трката беше рестартирана во четвртиот круг, а Ландо Норис успеа да добие неколку метри во однос на Оскар Пјастри. Сепак, не можеше да направи поголема разлика од една секунда, па на неговиот тимски колега му беше дозволено да го користи ДРС системот.
Само два круга подоцна, во шестиот круг, Оскар го имаше првиот обид за преземање на водството од внатрешната страна од четвртиот свиок, но Ландо остана смирен и успеа да го задржи водството.
Возачите на Мекларен беа толку желни за победа што двајцата возеа со огромно темпо. И покрај тоа што водеа меѓусебна битка, и Ландо и Оскар беа речиси една секунда побрзи од Чарлс Леклер и до десеттиот круг веќе имаа водство од повеќе од четири секунди.
Во меѓувреме, црвените гуми на Пјер Гасли почнаа да откажуваат, а Алекс Албон беше првиот што го престигна французинот во болидот на Алпин.
Напред, Ландо Норис се бранеше со сите сили, за да остане во водство. Во 11-тиот круг, Пјастри излезе напред во првиот свиок, но Ландо во третиот свиок со подобра тракција и ДРС успеа да се врати во водство во четвртиот свиок.
Возачите кои стартуваа на црвените гуми започнаа да влегуваат во бокс по нови гуми. Оливер Берман во 12-тиот круг, Пјер Гасли и Нико Хилкенберг во 13-тиот круг.
Алекс Албон, и покрај тоа што стартуваше со жолти гуми, влезе во бокс во 14-тиот круг, како и Франко Колапинто, кој беше на црвени гуми.
Мекларените продолжија со своето темпо, а Ландо направи мала грешка во третиот сектор, давајќи му на Оскар уште една шанса, иако без успех. И покрај битката меѓу нив, Чарлс Леклер не успеваше да ја намали разликата и остана повеќе од четири секунди зад нив до шеснаесеттиот круг.
Раното запирање на Албон беше оправдано, тој беше принуден да го паркира својот Вилијамс во неговата гаража два круга подоцна. Катастрофална трка за тимот од Гроув.
Од водечките, во 19-от круг, Џорџ Расел ја започна серијата на влегувања во бокс по нови гуми. Естебан Окон застана во 20-тиот, а Ландо Норис, по малата грешка на Оскар Пјастри, кој ги блокираше предните тркалата во 4-тиот свиок и кога речиси се удри во болидот на својот тимски колега, се упати по нови гуми во 21-виот круг.
Австралијанецот претпочиташе да почека четири круга и излезе од боксот повеќе од шест секунди зад својот тимски колега, но со мала предност во гумите. Чарлс Леклер влезе во 26-от круг, а Луис Хамилтон во 27-от круг.
Ова ги врати Мекларените на првите две места, а Ландо Норис, на чист воздух, успеа да ја зголеми својата предност пред Оскар Пјастри на над седум секунди додека трката се приближуваше до 30-от круг.
Во 31-от круг, Јуки Цунода го удри Франко Колапинто во 4-от свиок, предизвикувајќи извртување на Аргентинецот, но тој успеа да продолжи понатаму.
Кратко потоа, во 34-от круг, Лиам Лосон одлучи да ги смени жолтите за бели гуми, а Фернандо Алонсо го стори истото во следниот круг, што на крај им даде можност со еден пит-стоп да се најдат во списокот со освојувачи на поени.
Во втората половина од трката, Оскар Пјастри почна да ја намалува разликата, но таа едноставно беше превисока да се намали и да се дојде до позиција во која може да го нападне тимскиот колега за водство.
Чарлс Леклер и Луис Хамилтон беа поназад, одвоени за нешто повеќе од три секунди во нивната борба за подиумот. Зад нив, Габриел Бортолето се чинеше дека е најдобар од останатите, и покрај тоа што направи два пит-стопа, а и Лосон и Фернандо беа во добра позиција.
Ландо Норис почна да губи повеќе од својата разлика, кога започна со претекнување на заостанатите болиди, но, иако Оскар Пјастри тоа го направи подобро, сепак не доби шанса за напад. На 20 круга до крајот, разликата меѓу нив беше четири секунди.
Во 50-тиот круг, Чарлс Леклер одлучи да го направи својот пит-стоп и постави нови жолти гуми. Габриел Бортолето исто така го направи своето второ застанување во бокс и на патеката се врати на белите гуми.
Во 51-виот круг, Луис Хамилтон, и покрај тоа што на радио рече дека не сака да застане, беше повикан во бокс, исто така за жолти гуми.
Во 53-от круг, со Оскар Пјастри заостанувајќи нешто помалку од четири секунди, Ландо Норис ја искористи можноста да го направи својот втор пит-стоп и да се врати на патеката на нов сет на жолти гуми.
Неочекувано, веќе во следниот круг, Оскар Пјастри го направи истото, излегувајќи од боксот на слично растојание како и пред тоа, но изгуби малку време со Франко Колапинто, па дури мораше и да ја користи тревата, бидејќи Аргентинецот бил фокусиран на битката со Јуки и не го видел како доаѓа.
Како што трката влегуваше во самиот финиш, предноста на Норис во однос на Пјастри беше доволна за мирен финиш, а Леклер и Хамилтон беа на "ничија земја", исто како што Расел немаше соперник за петтото место.
Се водеше борба за шестото место, при што Лосон се обидуваше да се одбрани од Фернандо Алонсо, а Зауберите доаѓаа со подобри гуми и поголема брзина, но не видиме посериозна битка.
На крајот, Ландо Норис ја помина целта со разлика од повеќе од две секунди пред Оскар Пјастри, обезбедувајќи ја својата седма победа во Формула 1, со што го намали своето заостануваше во шампионатот на возачи на 15 поени зад својот тимски колега.
Чарлс Леклер го комплетираше подиумот, пред Луис Хамилтон и Џорџ Расел. Лиам Лосон заврши шести, а Фернандо Алонсо заврши седми. Шпанецот беше нападнат од Бортолето во третиот свиок, два круга пред крајот, но успеа да ја задржи позицијата.
Нико Хулкенберг и Естебан Окон го комплетираа списокот со освјувачи на Поени.
НОРИС ЈА ДОБИ БИТКАТА СО ОСКАР ВО АВСТРИЈА
6/29/2025 11:11:00 AM
0
Share to other apps