Дводневниот тест во Абу Даби беше организиран од страна на Пирели, за запознавање на сите 10 тимови со нивните нови смеши и гуми кои имаат ревидирана конструкција и потенок нагазен слој.
Консензусот помеѓу возачите е дека 2019 гумите не се нешто значително поинакви од сегашните кога се во прашање нивните перформанси. Според Пирели тоа е очекувано, затоа што основните промени на новите гуми не се базирани за перформанси, туку за елиминирање на блистеринг* и грејнинг**.
Повратните информации од новата Број 5 смеша, покажуваат дека во однос на перформансите, таа е многу слична со тековната хипер-мека, но проблемите со кои се соочувавме оваа сезона во голема мера се елминирани.
Во новата сезона ќе се користат потенки гуми на секоја трка, поради проблемите со прегревање и блистеринг. Ова следи по успешната, иако контроверзна, употреба на потенки гуми на три трки во 2018 година.
* Блистерингот како појава се случува кога температурата на гумите надминува одредена граница, особено на гумите со подебел нагазен слој, кои повеќе ја задржуваат топлината, што за последица може да предизвика откинување на парчиња од истиот тој површински слој на гумата.
Патеката Јас Марина нема брзи свиоци, кои предизвикуваат силно странично оптоварување на гумите, што оваа сезона беше главната причина за појава на блистеринг.
Сепак, од Пирели по спроведените тестови во Барселона, Силверстоун и Сузука се уверени дека го решиле овој проблем.
Кога сме кај прегревањето на гумите, возачите се жалеа дека кога сте зад некој болид, предните гуми неконтролирано се загреваат. Италијанците се надеваат дека и тој проблем ќе биде решен со новите гуми, решение кое е помогнато и со промените во правилата за предните крила на новите 2019 болиди.
** Грејнинг се случува кога се одделуваат ленти гума од нагазната површина, а потоа веднаш се лепат врз загреаната иста таа површина на гумата. Ова создава нерамна, неправилна нагазна површина што го отежнува сопирањето и возењето низ свиоците поради намалениот грип и тракција. Грејнингот обично се појавува кога гумата се лизга странично и е почест кај помеките гуми. Често е краткорочен проблем, бидејќи тој исчезнува откако ќе се истроши гумата и нагазната површина повторно ќе стане изедначена.
За следната сезона ќе ја нема 2018 супер-меката црвена смеша во 2019 спектарот на гуми, затоа што од Пирели сметаат дека таа била премногу блиска со перформансите на ултра-меката гума.
Веќе објавивме дека ќе се престане со употребата на сегашните именувања на смешите, од најмеката до најтврдата - хипер-мека, ултра-мека, супер-мека, мека, медиум, тврда и супер-тврда. За 2019 имаме две помалку смеши и ќе се именуваат како Број 1,2,3,4 и 5.
Следната година ќе се користат само три имиња за номинираните гуми, тврди, медиум и меки, за секој тркачки викенд, а тие ќе се избраат од расположивите пет 2019 смеши на Пирели, во зависност од карактеристиките на патеката.
Покрај ревидираните хипер-меки гуми, Пирели ги измени и сите други гуми. На оваа тест сесија Италијанците имаа две верзии на ултра-меката смеша, од кои едната се покажала како премногу блиска со перформансите на хипер-меката гума. Тие имаат рок до 1 Декември да одлучат која ќе биде хомологирана за употреба.
Медиумот и тврдата смеша ќе бидат малку помеки за 2019 година. Ова е за да се зголеми стратегискиот избор со изедначувањето на разликата во перформанси помеѓу смешите.
Крајниот рок на Пирели за номинирање на гумите за 2019 Австралиското ГП е 6 Декември.
Тимовите ќе треба да го направат својот избор за пред-сезонските тест сесии во Барселона и Австралиското ГП, плус нацрт-избор за следните 4 трки од календарот, до 13-ти Декември.
АБУ ДАБИ ТЕСТ СЕСИЈАТА ОД ВИСТИНСКИОТ АСПЕКТ, ТОЈ НА ПИРЕЛИ
11/29/2018 08:12:00 PM
0
Share to other apps