Викендот што следува Ф1 карванот се сели во Русија, т.е. црноморското одморалиште Сочи, патека каде ќе се вози 16-тата трка од 2019 сезоната. Патеката во Сочи, изградена за време и по 12-тите Зимски Олимписки Игри, е мошне техничка и одредувањето на балансот на болидот не е едноставна задача. Патеката се карактеризира со силно сопирање при влез во бавните свиоци. Моќта на ПЕ и тракцијата се од особено значење за севкупните перформанси.
Патеката е со вкупна должина од 5.848 километри со што е третата најдолга во календарот, зад СПА и Силверстоун. Најдолгиот правец изнесува 650 метри. Главна карактеристика по која што сите ја распознаваме е долгиот трет свиок, но како најлесно место за претекнување е делот од последниот свиок до силното кочење за влез во вториот свиок.
На оваа патека проблемите на современите болиди се изразени во голема мера, па болидот што се наоѓа назад има проблем со следењето на болидот пред себе, па претекнувањето е потешка задача отколку на другите патеки. Како и на секоја улична трка, клучно за добро место и што повисок пласман ќе биде освоената стартна позиција и добар старт.
За зголемување на шансите за претекнување, минатата година од ФИА се решија да ја зголемат првата ДРС-зона, која сега остана непроменета. За оваа година ја зголемија втората ДРС зона за 133 метри, што треба да помогне во претекнувањето пред 13-от свиок.
Во Сочи, Хонда се реши да ги замени моторите на сите "нивни" болиди за да ги отслужи предвидените казни и да ги зголеми шансите за успешен настап во Сузука. Сите четири возачи, Макс Верстапен, Александар Албон, Пјер Гасли и Даниел Квјат, ќе добијат нов мотор од Спецификација 4.
Во исто време, Русинот ќе добие целосно нова ПЕ, па, домашната за него трка ќе ја стартува од последниот ред, а другите три возачи ќе загубат по пет позиции на стартот, ако за време на викендот не бидат заменети и други делови на нивните ПЕ.
Асфалтот е мазен и неабразивен и се очекува висок степен на еволуција на патеката, од многу лизгава патека во петок, до "гумирана" за трката. Малата деградација и трошење на гумите, најверојатно, ќе донесат само едно застанување во боксевите.
Од минатата година трката во ова Руско одморалиште повторно се одржува во есен, па затоа за оваа сезона од Пирели се решија да номинираат еден степен потврди гуми во однос на 2018 година. Овој пат ги носат средните три смеши, C2, C3 и C4, кои работат совршено во широк спектар на услови. Како резултат возачите не би требало да се грижат за нивното менаџирање и би можеле повеќе да нападнат.
Во Сингапур, Мерцедес АМГ по втор пат оваа сезона не успеа да се пласира на Победничкиот подиум, бидејќи Хамилтон и Ботас завршија на четвртото место
и петтото место, соодветно. Ферари пак, ја забележа својата прва сезонска еден-два Победа, по што разликата до врвот е намалена за 21 поен.
Сепак, Сребрените стрели сè уште имаат значителна предност од 133 поени
над тимот од Маранело со преостанати шест трки до крајот на сезоната. Одличниот резултат на Ферари
на Марина Беј значи дека ја зголемија својата предност
над Ред Бул на 105 поени.
Во меѓувреме, кај генералниот пласман за возачи, Хамилтон
и со четвртото место во Сингапур го зголеми своето водство. Британецот сега
има 296 поени, 65 повеќе од Валтери Ботас и
96 повеќе од Макс Верстапен и Чарлс Леклер. Победникот од Сингапур, Себастијан Ветел е на петтото место.
Во изминатите сезони, Мерцедес АМГ доминираше во Сочи, забележувајќи Победа на сите пет досега одржани трки. Три победи се на Луис Хамилтон во 2014, 2015 и 2018, Нико Розберг во 2016 и Валтери Ботас во 2017 година.
Доминацијата на Мерцедес АМГ се потврдува и со четирите Пол позиции, Хамилтон во 2014, Розберг во 2015, 2016 година. Себастијан Ветел стигна до пол позицијата во 2017 година, колку да не биде се во знакот на Мерцедес АМГ. Минатата година повторно Мерцедес АМГ на првата стартна позиција, но овој пат со Валтери Ботас на истата.
Временскиот распоред сеуште е со Европска саатница, со Квалификациите во Сабота, 14:00 часот и Трка, Недела, во 13:10 часот по Македонско време.
Подетално на следниот ЛИНК.
НАЈАВА НА РУСКОТО ГРАН ПРИ
9/26/2019 06:04:00 PM
0
Tags
Share to other apps





