Во тимот на Мекларен не се суеверни и не се плашеа да закажат презентација на 13 Февруари. Традиционално, нивниот нов болид, MCL35, беше откриен за пошироката јавност во Вокинг, пред присутните новинари. Од настанот имaше директен пренос на социјалните мрежи и на веб-страницата на тимот.
Презентацијата не започна со долги официјални говори, напротив MCL35 беше прикажан веднаш, а потоа претставниците на тимот излегоа на сцена. Забележителен е трендот на обојување на болидите во мат боја, секако во овој случај со препознатливиот стил на Мекларен.
Тимот го задржа истиот двоец на возачи, но и техничкиот персонал, па клучна тема на церемонијата беше стабилноста, поврзувајќи ја со надеж за натамошен напредок.
Зак Браун, извршен директор на Мекларен Рејсинг: "Денес сум горд на нашиот тим. Минатата сезона ја постигнавме нашата цел со пласман на четвртото место во пласманот на конструктори. Постигнатиот напредок ни овозможи да го зголемиме бројот на партнери и фанови ширум светот, а сега со нетрпение очекуваме уште една силна сезона."
Андреас Зајдл, тимски шеф: "Презентацијата на новиот болид е важен момент за тимот. Синоќа, по повеќемесечна работа во која учествуваа сите вработени во Мекларен, тие прв пат го видоа MCL35 пред да го покажеме пред пошироката јавност. Секој од нив инвестираше многу труд во развојот и производството на MCL35 за да го подготвиме навреме за предсезонските тест сесии."
"Минатата година, Карлос Саинc Jr. и Ландо Норис покажаа вистинска упорност и решителност, и сега продолжуваат да тренираат напорно за да се подготват за претстојната сезона. Сите сме подготвени да го надоградиме она што беше постигнато во 2019 година."
"Денес направивме уште еден чекор напред. Важно е да не се опуштиме премногу, затоа што претстои напорна сезона. Во Формула 1, ништо не е лесно, а во средината на табелата се одвива многу остро ривалство. Ќе имаме само шест тест дена за да се подготвиме за почетокот на новата сезона, но Карлос, Ландо и целиот тим имаат борбен дух."
Минатата година Мекларен беше еден од првите тимови што ја потврдија возачката постава, Карлос Саинц Јр. и Ландо Норис.
Карлос Саинц Јр., изјави: "Денес е важен ден за сите нас! Во текот на зимата, внимателно го следев создавањето на MCL35 и знам колку напор вложи тимот. Многумина можеби мислат дека 2020 година е само преодна сезона помеѓу сегашните и новите регулативи, но ние во Мекларен го притиснавме копчето за ресетирање по завршувањето на трката во Абу Даби и работевме напорно за да го подобриме секој елемент на болидот."
"Забележителниот чекор напред направен минатата сезона беше огромна мотивација за сите, но во исто време и потсетник за тоа колку е интензивна борбата во средината на поредокот. Не можеме да си дозволиме да седиме со сксртени раце во 2020 година, ако сакаме да ја намалиме разликата до водечките три тима."
"Целта е да направиме еден чекор понатаму оваа сезона. Со нетрпение ги чекам тест сесиите во Барселона и продолжувањето на позитивната динамика што ја видовме минатата година."
Ландо Норис, продолжува: "MCL35 изгледа одлично во ажурираната шема на бои, која треба да им се допадне на нашите фанови, и јас со нетрпение го чекам првото излегување на патеката. Целокупниот тим на дизајнери, инженери, механичари и Карлос и јас вложивме многу напор во создавање на овој болид."
"Дебитантската сезона ми даде неверојатно искуство, научив многу од тимот и Карлос. Пред почетокот на мојата втора Ф1 сезона, јас имам поголема самодоверба во моите тркачки способности, како и мојот фидбек до инженерите. Ние ќе продолжиме да го подобруваме болидот во текот на сезоната."
"Сè уште не поставивме цел за оваа година, знаеме дека е тешко да се задржи освоеното четврто место од минатата година, но јас сум љубопитен какви позиции ќе заземеме во однос на водечките тимови на тест сесиите и трките."
ФОТО ГАЛЕРИЈА: МЕКЛАРЕН ГО ПРЕЗЕНТИРАШЕ 2020 БОЛИДOT, MCL35
2/13/2020 07:19:00 PM
0
Share to other apps