На денешната прес-конференција на тимот на Рено Ф1 се зборуваше за новиот 2020 болид и целите за новата сезона. Настанот се одржа во изложбениот салон на Рено на Елисејските полиња во Париз.
Она што требаше да биде презентацијата на новиот болид, RS20, се претвори во дебата на претставниците на тимот и возачите со присутните новинари, но самиот болид не беше присутен, тој сè уште не е подготвен.
Тимот покажа само неколку макро фотографии од детали на новиот болид во бои кои ќе се користат за тест сесиите во Барселона. Претставниците на тимот се сигурни дека сè ќе биде подготвено за почетокот на истите.
Во тимот на Рено се добива впечаток дека наголемо се подготвуваат за 2021 сезоната, па оваа 2020 ја сметаат за преодна и за нив ќе биде успех ако повторно го задржат 4тото место во генералниот пласман на конструктори.
Следната 2021 сезона, е време кога регулативата на Формула 1 значително се менува и тоа во Рено го гледаат како можност сериозно да ја намалат разликата со најбрзите Ф1 тимови. 2020 година е и последната година според тековните договори со кои се уредуваат комерцијалните права на Формула 1.
Новите договори и правила, веќе се во напредна фаза на донесување, кои треба да донесат поизбалансиран и конкурентен Формула 1 Шампионат.
Џером Стол, Претседател на Рено Спорт Рејсинг: "2020 година е важна година за транзиција за тимот. Нашата цел е да ја искористиме позитивната динамика од првите три години по враќањето во Формула 1, додека паралелно се подготвуваме за следната сезона, кога ќе започне нов циклус за сите екипи."
Ален Прост: "Денес сме собрани во Париз, на легендарнитe Елисејски полиња, каде секогаш се слават победите. Така, сакаме да ја покажеме нашата страст и посветеност кон врвниот мотоспорт наречен Формула 1. Треба да разбереме дека ни требаат ресурси и време. Откако го купивме Лотус во 2016 година, започнавме од нула. Имавме многу проблеми, што се должи на фактот дека си поставивме премногу високи цели."
Кирил Абитeбул: "2020 сезоната означува крај на еден циклус и почеток на друг. Оваа година мора да го избереме најдобриот можен начин да се подготвиме за голема промена во регулативата во 2021 година. Промените во структурата на тимот во втората половина на 2019 година го зедоа предвид овој фактор."
"За оваа сезона, која започнува следната недела во Барселона, имаме три приоритети. Неопходно е да се обезбеди висока изджливост на болидот од првата трка. Неопходно е да се гарантира висока стапка на развој и надградби."
"Треба да ја вратиме довербата во тимот, да го зајакнеме нашиот дух за секој од нас го даде својот максимум, при секој тркачки викенд во текот на оваа долга и тешка сезона. Нашата цел е четвртото место кај конструкторите, но борбата за оваа позиција ќе биде остра."
Ник Честер, кој во декември го напушти тимот, го предводеше проектот за новиот 2020 болид, а Пет Фрај беше донесен да го продолжи и засили неговото дело. Британецот започна со работа пред неколку дена.
Марцин Будковски, извршен директор на Рено Ф1: "Пeт ќе го сподели со нас неговото големо искуство стекнато низ годините на работа во неколку врвни Ф1 тимови. Тој е специјалист во многу области, се занимавал со решавање на инженерски проблеми, бил одговорен за развој на Ф1 болиди и водел технички одделенија."
"Неговото искуство и знаење ќе се искористи за решавање на стратешки проблеми поврзани со развојот на болидот за 2021 година, како и за модернизацијата на RS20, кој претставува еволуција на RS19. Процесот на развој на RS20 ќе биде ограничен, но тоа беше свесна одлука поврзана со количината на ресурси што ни стојат на располагање и задачите со кои се соочува тимот на подолги патеки."
Реми Тафен, главниот инженер на Рено зборуваше за нова верзија на Рено ПЕ: "Минатата година ја решивме важната задача за значително зголемување на ефикасноста на ПЕ и сега ќе мора максимално да ги искористиме нејзините способности во секоја трка. Ние се стремиме да постигнеме највисок сооднос на интеграција на ПЕ и шасијата."
Во новата 2020 сезона, Естебан Окон ќе биде тимски колега на Даниел Рикиардо. Французинот беше ослободен од договорните обвски кон Мерцедес АМГ и по едно едногодишна пауза се враќа во Формула 1.
Даниел Рикиардо: "Со нетрпение очекувам да продолжам да работам со тимот, по една заедничка сезона, сега треба да биде полесно. Во Барселона, на претсезонските тест сесии, сигурен сум дека сè ќе оди непречено. Јас го познавам мојот тркачки инженер, ги знам нашите цели, ги знам приодите за работа и карактеристиките на болидот, така што веднаш ќе преминеме на работа. Се надевам дека ќе можам да дадам квалитетни информации и да ги споредам RS19 и RS20 болидите."
Естебан Окон : "Со нетрпение очекувам да ги започнам тест сесиите во Барселона и чувствувам дека сум подготвен за новата задача. Беше корисно што учествував на тест сесијата во Абу Даби, имав можност да ги запознаам сите, да го испробам RS19 болидот, кој е основа во конструирањето на 2020 болидот."
"Во Формула 1, сè се развива многу брзо, па така и Рено исто така направи голем исчекор. Во Формула 1, деталите решаваат многу, видов многу детали на RS20, па со нетрпение очекувам да го почувствувам на патеката."
ПРВИЧНИ ДЕТАЛИ: РЕНО ГО ПРЕЗЕНТИРАШЕ RS20
2/12/2020 08:58:00 PM
0
Share to other apps