Најновото име во Формула 1 ја обнови традицијата на врвниот мотоспорт со организирање на гламурозна презентација на новиот болид и своето ребрендирање во Скудерија АлфаТаури, по премиум модниот бренд на "Ред Бул".
Пред повеќе од 500 гости и претставници на медиумите беше откриен 2020 болидот, кој ќе ја носи ознаката АТ01, и неговото ново и доста впечаливо обојување на настанот во Салцбург, додека истовремено на околу 600 километри оддалеченост, во Милано, беше откриена реплика од болидот, поставена на фасадата на престижната модна продавница Ринасцент.
Легендата на Формула 1, Дејвид Култхард, беше презентер на трансформацијата на Скудерија Торо Росо во Скудерија АлфаТаури на настанот што се одржа во "Хангар-7" во Салцбург.
Гостите, меѓу кои беа присутни и извршниот директор на Формула 1, Чејс Кери и актерот Патрик Демпси, не само што го видоа новиот изглед на болидот, туку и тркачките комбинезони за возачите и иновативната тимска облека. Со доминантно бела и темно сина боја и црвеното лого на Хонда, АлфаТаури АТ01, изгледаше многу импресивно.
Франц Тост, тимски шеф на АлфаТури, рече: "Овој настан беше еден од највозбудливите и најзабавните на кој што сум присуствувал во Формула 1. Имаше посебна атмосфера во Хангар-7 во Салцбург. Ова беше уникатен настан каде гламурот се поврза со Формула 1, кога модната линија на АлфаТаури и нашиот нов болид беа прикажани на глобално ниво."
"Со нетрпение очекуваме да започне новата сезона во Австралија и убеден сум дека заедно ќе имаме успешна иднина. Нашиот ентузијазам се темели на тоа што како прво, гледаме дека болидот во воздушниот тунел покажува добри резултати. Второ, нашите јапонски пријатели од Хонда остварија голем напредок во текот на зимските месеци, зголемувајќи ја ефикасноста и издржливоста на нивната погонска единица."
"Трето, во нашиот тим има двајца одлични возачи, кои се докажаа на патеките и се способни да победуваат. Ние сме навистина оптимистични, тимот треба да покаже добри резултати, особено со толку прекрасен партнер како Алфатаури. Убедени сме дека нè чека успешна сезона."
"Исто така, морам да истакнам дека имаме многу блиски односи со одделот за технологија на Ред Бул, од нив целосно ја добиваме задната и предната суспензија, хидрауличниот систем и менувачот, што значи дека целиот механички пакет на нашите болиди е доста конкурентен. Ако зборуваме за очекувања, тогаш целиме кон Топ 5 пласман кај конструкторите."
Вечерта имаше ран крај за возачите на тимот, Пјер Гасли и Даниел Квјат, кои ќе бидат во акција веќе утре со новиот болид на Алфатаури на патеката Мисано, Италија.
Пјер Гасли: "Мислам дека Скудерија АлфаТаури е фантастичен проект, нова авантура. Завршува приказната за Торо Росо, што е доста емотивен момент за мене, бидејќи тоа беше тимот што ми ја даде мојата прва можност во Формула 1. Но, следува ново поглавје со Скудерија АлфаТаури."
"Ми се допаѓа и модата, така што за мене ова е супер комбинација, моден бренд со Формула 1. Минатата сезона имавме неколку успешни трки, а во Бразил се пласирав на победничкиот подиум. Тоа беше најдобрата трка во мојата кариера и секако наша цел е да се вратиме на подиумот. Се надевам дека годинава ќе го повториме овој резултат."
Даниел Квјат: "Сите во тимот се многу задоволни од овие промени, вклучително и јас. Утре претпладне ќе го возам и ќе го тестирам овој болид за прв пат на патеката во Мисано, а тест сесиите се веќе следната недела во Барселона. Болидот изгледа елегантно. Не чекаат интересни времиња."
"Минатогодишниот подиум во Германија беше фантастична награда за тимот за напорна работа. Покрај тоа, Пјер се искачи на подиумот во Бразил, па минатата сезона беше одлична за тимот.
Покрај двата подиуми, имавме и други силни настапи на трките."
"Со нетрпение го очекуваме почетокот на новата сезона, за време на којa се надеваме дека повеќе пати ќе ги реплицираме и подобриме нашите добри резултати. Тимот работеше многу напорно да ни овозможи што поконкурентен болид."
ЗБОГУМ ТОРО РОСО, ДОБРЕДОЈДЕ АЛФАТАУРИ - ИМПРЕСИВНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА АТ01
2/14/2020 11:25:00 PM
0
Share to other apps