Формула 1 менаџментот и ФИА, во обид да им овозможат на фановите колку што е можно повеќе информации, најавија новости кои што се однесуваат на пред-сезонските тест сесии.
Имено, за прв пат, сите шест тест денови во Барселона, ќе се пренесуваат во живо на дигиталната платформа F1 TV Pro, како и на телевизиски канали на британскиот и италијанскиот Sky F1.
На тимовите повеќе не им е дозволено да распоредуваат паравани пред нивните гаражи се додека патеката е отворена. Исклучок од ова правило имаме, во случај кога болидот треба да се поправи по инцидент или технички дефект.
Тоа значи дека, уште од самиот почеток на зимските тест сесии, десетте нови болиди ќе бидат целосно видливи за медиумите во Ф1 падокот, за фановите на трибините и за оние што ќе гледаат во живо на Ф1 телевизијата. Програмата ќе се емитува секој ден од 09:00-13:00 и 14:00-18:00 часот по Македонско време. Од 18-19:00 ќе се емитува резиме на денот.
За жал, во Македонија оваа услуга не е достапна, барем не легално!?!
Покрај тоа, секој ден помеѓу тест сесиите, ќе има прес конференции со учество на возачи и претставници на тимот, организирани од Формула 1 и ФИА, што досега не беше случај.
Главен коментатор и презентер на програмите на Ф1 телевизијата ќе биде Вил Бакстон, новинар на официјалната веб-страница на шампионатот, a како помошник ќе го има Џолион Палмер, поранешен Ф1 возач за тимот на Рено.
Плус, ќе се емитуваат емисии како "Paddock Pass" на 21 и 28 Февруари со информации и интервјуа на возачите и други членови на тимовите, и "What we learned" на 22 и 29 Февруари кои ќе дадат првична проценка за тоа како поминаа сесиите и предвидување за почетокот на сезоната.
Од Формула 1 ветуваат дека ќе ја подобрат официјалната апликација на Ф1, нудејќи повеќе информации и начини на споредување на перформансите помеѓу возачите. Друго е што не ја разбираме логиката на Ф1, која вели дека земји за кои што немаме слушнато имаат достапност, повеќето ЕX-YU републики, додека само ние сме отсечени дури и од бесплатната верзија на оваа апликација!!!
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.