Пред десет дена на официјалната веб-страница на Формула 1 започна финалното гласање за највлијателната личност во историјата на врвниот мотоспорт. Фановите ширум светот бираа помеѓу Берни Еклстоун, поранешниот шеф на Формула 1, и Михаел Шумахер, најодликуваниот возач и седумкратен Шампион.
Денес беа откриени резултатите од гласањето. Со 61% од фановите за Победник и највлијателна личност во историјата на Ф1 беше прогласен, Михаел Шумахер. За Берни Еклстоун гласаа 39% од фановите.
На патот до финалето, Шумахер ги победи Ники Лауда, 56% наспроти 44%, Аиртон Сена, 52% наспроти 48%, Хуан Мануел Фанџо, 72% наспроти 28% и Енцо Ферари, 54% наспроти 46% од гласовите.
Марк Хјуз, Британски Ф1 аналитичар, за веб-станицата на Формула 1 објаснува зошто Шумахер со право може да се смета за највлијателна личност во историјата на овој мотоспорт.
"Статусот на Михаел Шумахер се заснова на нешто повеќе од неговите рекордни постугнувања. Неговото влијание се протега и надвор од тркачките патеки. Тој ја искористи својата способност и брзина за да ја смени својата судбина."
"Тој беше повеќе од само вработен во тимот и овие квалитети му овозможија не само да се согласи со понудата на Ферари, по двете титули со Бенетон, туку да го стори тоа по свои услови, земајќи ги со себе и авторите на успехот на Бенетон - Рос Браун и Рори Бирн."
"Жан Тод ја препозна визијата на Михаел за тоа како треба да изгледа иднината на Ферари и како треба да работи тимот. Со тоа му овозможи на ферари да се трансформира од губитнички во најголемиот тим во Формула 1."
"Неговата самодоверба и силниот карактер, диктирајќи ги неговите услови на еден тим како Ферари, изгледаа неверојатно. Највлијателниот тим во Формула 1 ги послуша желбите на својот возач, кого го сметаа за свој спасител. Историјата покажа дека тие биле во право."
"Методите што ги користеше за да го концентрира тимот околу него не беа диктаторски. Како и во Бенетон, тој воспостави блиски односи со вработените, ги научи нивните имиња, ги прашуваше за нивните семејства и ги знаеше нивните родендени. За возврат, тие му дадоа на Михаел се што можеа, за тој да го исцеди максимумот од болидот."
"Неговите перформанси и физичката кондиција беа на сосема ново ниво за сите. Неговото разбирање за личните и организационите процеси придонесе за целосен успех. Тој учествуваше во насочување на карактеристиките на болидот, што помогна во работата со неговиот тркачки инженер."
"Михаел беше идеализиран од неговиот тим и честопати омразен од своите ривали. Ова беше последица на неговиот пристап - Оној што не е со мене, е против мене. Тоа играше улога со неговото безмилосно однесување на патеката."
"Воведенoто правило за еден потег за бранење од претекнување е делумно и негова заслуга, меѓу другото, со цел да се спречат неговите нагли пресекувања на патеката кога имавме борба тркало до тркало."
"Како и да е, тој секогаш наоѓаше начин да се справи со критиките, исто како што инженерите наоѓаа начини да играат на лимитите на техничките прописи. Ваквото однесување неизбежно го подели спортот и фановите на два табора. Тоа ја зголеми тензијата помеѓу тимовите и играше улога во сомнежот дека неговите болиди можеби не ги исполнуваат прописите."
"Секогаш имаше драма околу него, и тоа беше она што ја правеше Ф1 возбудлив спорт, благодарение на што шампионатот значително ја прошири својата публика. Малкумина успеаа да се кренат толку високо колку што тоа го направи Михаел."
МИХАЕЛ ШУМАХЕР - НАЈВЛИЈАТЕЛНАТА ЛИЧНОСТ ВО ИСТОРИЈАТА НА ФОРМУЛА 1
5/13/2020 10:46:00 PM
0
Share to other apps