Како што беше најавено, попладневниот тренинг започна со 30-минутен тест период за евалуација на 13 инчните 2021 прототип гуми на Пирели кои немаа никакви ознаки. За време на овој тест-период, повторно најбрз беше Валтери Ботас со време од 1:21.662, додека Леклер беше на втората позиција на табелата благодарение на кругот од 1:22.043. Времето на Финецот беше скоро три секунди побавно од времето што тој го забележа утринава, но и со непозната количина на гориво во својот болид. Многу од круговите на возачите беа избришани, откако не ги почитуваа лимитите на патеката, кои беа мониторирани на првиот и четвртиот свиок. Во пракса тоа значеше бришење на 60 времиња, а особено беше проблематичен 4-от свиок со 46 непочитувања на лимитите на патеката.
Возачите истакнуваат дека тоа е "слеп" свиок и тешко е да се избегне прекршување на правилата, па на брифинг со раководството на ФИА ќе се разговара за ова прашање. Можеби утре повеќе нема да бидат казнувани за ова.
По измината 1/3 од сесијата, тимовите се вратија на своите вообичани тест програми, по што Себастијан Ветел со болидот на Ферари и жолтите гуми на Пирели скокна на врвот на табелата со круг од 1:19.936. Веќе во следниот круг, Германецот ја спушти границата на 1:19.175, но потоа имаше мало извртување на патеката во 14-от свиок.
Макс Ферстапен го прифати предизвикот и го подобри реперот на 1:18.535, пред Ботас да стане првиот возач кој се префрли на црвените гуми за квалификациски круг. Најмеката смеша веднаш даде резултат, по што возачот на Мерцедес АМГ се смести на врвот со време од 1:17.940. Луис Хамилтон го откажа својот брз круг, жалејќи се дека нема грип на црвените гуми, а подоцна, како повеќето возачи, немаше шанси за нов обид.
Неколку моменти по забележување на најбрзото време на Финецот беа покажани црвените знамиња кога Пјер Гасли се паркираше покрај патеката со пламени јазици кои излегуваа од задниот дел на неговиот АлфаТаури.
Сесијата беше стопирана околу 15 минути, додека целосно не беше изгаснат пламенот, а потоа и изнесен болидот на безбедно место. Акцијата продолжи со уште половина час до крајот, по што повеќето возачи се вратија на патеката на црвените гуми.
Кога има гужва на асфалтот, веројатноста за инциденти се зголемува, па само пет минути подоцна Ферстапен и Строл се судрија на патеката и црвените знамиња беа повторно истакнати. Канаѓанецот во болидот на Рејсинг Поинт беше пред Ферстапен на влез во првиот свиок.
Поради конфузија во врска со намерите на Строл, кој само што комплетираше брз круг, возачот на Ред Бул удри во задниот дел на болидот на Рејсинг Поинт, по што Канаѓанецот заврши во чакалот покрај патеката, а Ферстапен беше принуден да се врати во својата гаража.
Инцидентот беше ставен под истрага на стјуардите. По сослушувањето на двајцата возачи беше одлучено инцидентот да помине никакви последици, поради след на погрешни претпоставки од страна на двајцата возачи, па така не може да се издвои никој од нив како одговорен за инцидентот. Вината за истиот ја сносат подеднакво.
Сесијата продолжи со нешто повеќе од седум минути на тајмерот и повторно сите возачи се упатија на патеката со меките гуми. Додека првите две позиции на табелата останаа непроменети, со Ферстапен повторно заостанувајќи зад Мерцедес АМГ на жолтите гуми.
Ландо Норис со Мекларен максимално го искористи краткиот период на акција за да се искачи на третото место во поредокот, буквално во последните моменти од сесијата, забележувајќи круг од 1:18.743. Со тоа го помести Чарлс Леклер на четвртото место, по што следува Карлос Саинц Јр. со вториот Мекларен.
Себастијан Ветел изгледаше поудобно во своето Ферари отколку на неодамнешните трки забележувајќи го шестото место со заостанување од 1.235 секунди зад најбрзото време. Несреќниот Гасли беше само три илјадити делови од секунди побавен од Германецот на седмото место, додека лидерот во шампионатот Луис Хамилтон заврши на осмото место пред Естебан Окон од Рено и вториот Ред Бул на Алекс Албон.
2020 ПОРТУГАЛИЈА ГП - ТРЕНИНГ 2 | |||||
П. | ВОЗАЧ | ТИМ | ВРЕМЕ | РАЗЛИКА | КРУГ |
1 | Валтери Ботас | Мерцедес АМГ | 1:17.940 | 32 | |
2 | Макс Ферстапен | Ред Бул | 1:18.535 | + 0.595 | 34 |
3 | Ландо Норис | Мекларен | 1:18.743 | + 0.803 | 35 |
4 | Чарлс Леклер | Ферари | 1:18.838 | + 0.898 | 34 |
5 | Карлос Саинц Јр. | Мекларен | 1:19.115 | + 1.173 | 32 |
6 | Себастијан Ветел | Ферари | 1:19.175 | + 1.235 | 33 |
7 | Пјер Гасли | АлфаТаури | 1:19.178 | + 1.238 | 26 |
8 | Луис Хамилтон | Мерцедес АМГ | 1:19.308 | + 1.368 | 27 |
9 | Естебан Окон | Рено | 1:19.496 | + 1.556 | 32 |
10 | Алекс Албон | Ред Бул | 1:19.643 | + 1.703 | 37 |
11 | Џорџ Расел | Вилијамс | 1:19.821 | + 1.881 | 32 |
12 | Серџо Перез | Рејсинг Поинт | 1:19.901 | + 1.961 | 33 |
13 | Даниел Рикиардо | Рено | 1:19.987 | + 2.047 | 28 |
14 | Николас Латифи | Вилијамс | 1:20.465 | + 2.525 | 33 |
15 | Кими Раиконен | Алфа Ромео | 1:20.490 | + 2.550 | 34 |
16 | Кевин Магнусен | Хас | 1:20.680 | + 2.740 | 29 |
17 | Даниел Квјат | АлфаТаури | 1:20.729 | + 2.789 | 33 |
18 | Роман Грожан | Хас | 1:20.867 | + 2.927 | 32 |
19 | Ленс Строл | Рејсинг Поинт | 1:20.983 | + 3.043 | 26 |
20 | Антонио Џовинаци | Алфа Ромео | 1:21.396 | + 3.456 | 34 |
ХИБРИДНА ЕРА - АЛГАРВЕ 2020 Валтери Ботас - Мерцедес АМГ - 1:17.940 |
|||||
@МкФормула1 - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА @MkFormula1 - REPUBLIC OF MACEDONIA |