АлфаТаури е вториот тим кој го претстави својот 2021 болид, AT02, со целосно редизајниран сино-бел мат изглед, заедно со неговите возачи Пјер Гасли и Јуки Цунода. Презентацијата беше одржана во новиот изложбен салон на АлфаТаури во Салцбург, Австрија, и претставена дигитално преку социјалните мрежи. Традиционално, заедно со новиот изглед на тимот за претстојната 2021 сезона, беше претставена и премиум колекцијата Есен/Зима 2021 на модниот бренд на Ред Бул.
Дизајнот на новиот болид нема поголеми промени, дури ни задниот дел, кој можеше да се позајми од Ред Бул без да се трошат токени. Целта на нивните дизајнери беше оптимизација на AT02, обидувајќи се да ги реши проблемите на минатогодишниот AT01, но и поголем фокус на развој на болидот за следната сезона, кога регулативите во Формула 1 значително ќе се променат.
Сепак, тимот не е подготвен целосно да се жртвува оваа сезона и се стреми кон повеќе од седмото место кај конструктори освоено минатата година. Вербата да се обидат да го предизвикаат ривалите во она што се очекува да биде ултра-конкурентен среден ред во 2021 година, ја засноваат на новиот возачки тандем.
Од дебитант со тимот во 2017 година, Гасли забележа два пласмани на подиумот, вклучително и спектакуларна прва победа на Монца во 2020 година. Неговото искуство со тимот ќе му овозможи да се истакне во улогата на лидер на тимот.
На Французинот ќе му се придружи 20-годишниот Јуки Цунода, првиот јапонски возач што се трка во Ф1 од 2014 година. Неговата промоција во Ф1 доаѓа како резултат на неговиот брз напредок во последните четири години, од освојување на јапонскиот Ф4 шампионат во 2018 и завршување на третото место во Формула 2 шампионатот во 2020 година. Од него се очекува да го надополни искуството на Гасли.
Минатата 2020 сезона, АлфаТаури АТ01 со големо мнозинство беше избран за најубавиот болид на гридот, успех кој во тимот се надеваат дека ќе го повтори и АТ02, на чиј изглед повторно беше ставен акцент на овој моден бренд. 2021 болидот ќе дебитира на патеките на предсезонската тест сесија во Бахреин, која е претходник на уникатен календар од 23 трки.
Франц Тост, Тимски шеф: "Одлуката да се настапи со Пјер и Јуки во 2021 година беше донесена затоа што филозофијата на АлфаТаури е сепак да им даде можност на талентирани млади возачи од младинската програма на Ред Бул да се промовираат и развиваат во Формула 1, ете зошто Јуки ја добива својата шанса."
"Со Пјер како колега на Јуки, имаме искусен возач, кој може да му помогне на нашиот јапонски дебитант да се развива побрзо, но во исто време можеме да се стремиме кон добри резултати. Мислам дека овој пар е најдоброто можно сценарио за да се постигнат двете наши цели, и уверен сум дека тоа ќе биде успешно."
Пјер Гасли, #10: "Подготвен сум да ја преземам улогата на лидер во тимот. Јуки е многу брз возач и ќе ни помогне да го придвижиме тимот напред и ќе работиме заедно за да го постигнеме тоа. Јас навистина верувам дека во минатата година бевме најдобриот тим во однос на начинот на работа, развојот, перформансите и начинот на управување со тркачките викенди. Јас секогаш сум гладен за повеќе и сигурен сум дека можеме да постигнеме големи работи во 2021 година."
Јуки Цунода, #22: "За време на зимската пауза имав среќа да поминам извесно време со тимот на АлфаТаури, така што веќе развивам силни врски и учам многу од нив, вклучувајќи го и Пјер, кој е неверојатен талент. Главната цел е да напредувам брзо и да испорачам резултати што е можно побрзо, и јас сум навистина возбуден да започне сезоната."
2021 сезоната за новиот болид на АлфаТаури, АТ02, започнува на тестот во Бахреин, од 12 до 14 март, како подготвка за првата трка од сезоната, Големата Награда на Бахреин на 28 март.
АЛФАТАУРИ, АТ02 - ОПТИМИЗИРАН БОЛИД ЗА НАПРЕДОК НА ТАБЕЛАТА
2/19/2021 12:23:00 PM
0
Share to other apps