Ред Бул на социјалните мрежи го покажа 2021 болидот, со ознака RB16B, и тоа со само две компјутерски рендерирани фотографии и кратко видео. Сепак, вистинските фотографии ќе се појават утре, кога тимот има закажано филмски ден на патеката Силверстоун.
Ознаката не е променета, но е додадена буквата Б, нагласувајќи го континуитетот на дизајнот со минатогодишниот болид. Тимот тврди дека RB16B е 60% копија на RB16. Предното крило, подвозјето и другите аеродинамички елементи се усогласени со новите регулативи.
Во 2020 година, тимот на Ред Бул го продолжи развојот на RB16 до последната трка со цел што е можно повеќе да ги оптимизира сите компоненти пред да бидат хомологирани за употреба во 2021 година.
Една од поголемите промени за оваа сезона е секако под капакот на моторот. За својата последна сезона во Ф1, Хонда воведува нова погонска единица и токму овој силно ревидиран ѕвер, за прв пат ќе го почувствуваат Макс и Серџо во текот на утрешниот ден.
Обојувањето на болидот е речиси идентично. Ги нема веќе логоата на Астон Мартин и неколку други спонзори, но до почетокот на сезоната, слободните места сигурно ќе бидат пополнети. Тимот повторно користеше мат боја.
Филмскиот ден во Силверстоун не само што ќе обезбеди фотографии од RB16B за медиумите, туку, исто така ќе го даде првиот показател за тоа што можат да очекуваат пред првиот и единствен пред сезонски тест за оваа година што започнува на 12 Март.
Денот ќе биде од особена вредност за тест и резервениот возач на Ред Бул, Алекс Албон. Тој ќе го вози RB15 во текот на филмскиот ден, но Тајланѓанецот ќе биде вклучен во анализата на информации добиени од RB16B. Ова ќе му овозможи да помогне во развојот на болидот во текот на 2021 сезоната.
Со презентацијата на новите болиди, нова Ф1 сезона е близу на прагот. Нешто повеќе од две недели до тест сесијата и уште малку повеќе од еден месец до првата трка од сезоната во Бахреин.
Кристијан Хорнер, Тимски шеф: "Минатата година го надградувавме болидот подолго од нашите ривали. Одлучивме да тргнеме по овој пат, бидејќи знаевме дека можеме да користиме многу елементи од 2020 болидот во 2021 година. Покрај тоа, важно беше да се отстранат проблемите со корелацијата на податоците што ги имавме во минатото."
"Ние ги преценивме нашите алатки за моделирање и го потценивме фактот дека тие сè уште не можат целосно да ја заменат работата на патеките. Како резултат, тимот ја покажа својата вистинска форма само во втората половина на сезоната."
"Како што напредува сезоната, ќе треба да се донесат одлуки кога да се префрлиме на болидот за 2022 година. Ситуацијата е комплицирана поради кратењето на буџетот, што ќе има најголемо влијание врз Мерцедес АМГ, Ферари и нашиот тим."
"За нас беше вистински подарок што Серџо Перез беше на пазарот за возачи. Во исто време, не моравме да брзаме да донесеме одлука, па ја поминавме сезоната и ја анализиравме ситуацијата со возачите. Одлучивме дека најдобро решение е да ги комбинираме Серџо и Макс во еден тим."
"Серџо има големо искуство, тој е силен борец. Се надеваме дека со неговото доаѓање тимот ќе стане поизбалансиран, како што беше во деновите на Макс Ферстапен и Даниел Рикиардо. Наш предизвик е да им обезбедиме на возачите компетитивен болид."
RED BULL, RB16B - ИСТ, ИСТ, НО РАЗЛИЧЕН
2/23/2021 04:03:00 PM
0
Share to other apps