Патеката е дизајнирана од архитектонското биро на Херман Тилке со помош на инженери на Формула 1 под раководство на Рос Браун. Таа се наоѓа во одморалиштето Корниче на брегот на Црвеното Море, околу 12 километри северно од географскиот центар на Џеда. Должината на патеката е 6175 метри, што ја прави втора по должината во календарот, веднаш зад СПА-Франкоршамп.
Патеката вклучува 27 свиоци и потенцијални три ДРС-зони. На симулатор, просечната брзина на минување на еден круг е 250 км/ч, што ја прави најбрзата градска патека во календарот и втора најбрза по Монца.
Рос Браун, спортски директор на Формула 1, изјави: "Кога ги објавуваме деталите за нова патека, тоа е секогаш радосен момент и патеката во Саудиска Арабија не е исклучок. Тесно соработувавме со Херман Тилке и со промоторот за да се осигураме дека нејзината конфигурација обезбедува блиска борба, така што фановите ќе бидат заинтересирани и возачите нема да имаат лесен настап."
"Овој проект ги содржи најдобрите карактеристики на современите градски патеки, како и долги правци, кои што ќе овозможат голема брзина и можности за претекнување. Патеката се наоѓа на брегот на Црвеното Море во многу убава област и едвај чекаме да ги видиме болидите на Формула 1 на неа, нешто што ќе се случи во декември."
"Сакам вистинска борба на патеката, да може возачот да му се приближи доволно на противникот, а потоа да направи поповолна траекторија во свиокот. Би сакал свиоците да бидат разновидни, каде возачот може да го избере внатрешниот радиус, да го принуди противникот да ја напушти траекторијата, за потоа во следниот свиок да може да се постави пред него. Ова, според мене, е вистинско тркање и вистинско престигнување."
"Не сакавме класична улична патека со свиоци од 90 степени. Ние сакаме борбата да биде тркало до тркало. Во Џеда, делумно ја искористивме постојната инфраструктура, но имаме среќа да имаме места каде што можеме да изградиме сè од нула, затоа се обидувавме да создадеме некои навистина импресивни делови од кругот."