Презентацијата на Вилијамс беше осма во 2021 година и последна што се одржа во базите на тимовите. Останатите два болида, на Ферари и Хас ќе бидат прикажани во Бахреин пред почетокот на тест сесијата.
Тимот на Вилијамс планираше да го презентира FW43B во формат на проширена реалност, но во последен момент тоа мораше да биде откажано. Пред презентацијата, се покажа дека апликацијата е хакирана и дека хакерите можат да добијат пристап до камерите и личните податоци на учесниците, па тимот ги отстрани апликациите од Apple App Store и Android Google Play.
Наместо тоа беа објавени компјутерски рендери на новиот болид, првиот изграден под новите сопственици од Дорилтон Капитал, како и интервјуа со клучните раководители.
Болидот ја задржа минатогодишната ознака со дополнителна буква Б, но неговите бои беа драстично променети, комбинирајќи сина, бела и жолта боја.
За жал, ова нема да додаде брзина. Минатата година возачите на Вилијамс не успеаа да освојат нити еден поен со истата шасија.
Говорејќи за прв пат како извршен директор на Вилијамс, Јост Капито рече: "Вилијамс е спортска икона, и тим што создаде репутација на успех преку чиста решителност и смелост испреплетени со иновации, страс и искуство и апсолутна желба за победа. Подемите и падовите се типични за било кој спортски колектив, историскиот успех може да биде силен мотиватор, но не може да гарантира успех во модерната ера на Формула 1."
"Затоа, создадовме нов изглед за 2021 болидот, изглед кој го пренесува духот, нагонот и мотивацијата од минатото, она што е во крвта на Вилијамс, но во исто време гледа кон иднината и ги означува нашите долгорочни амбиции да се вратиме на предниот дел од гридот. Ние само што го започнуваме ова патување, има уште многу работа да се направи, но ние се движиме во вистинската насока и се радуваме на понатамошен напредок."
Сajмон Робертс, тимски шеф: "Станав тимски шеф и се навикнав на оваа улога. Сега треба да се фокусираме на трките и да се подготвиме за промените во 2022 година. Ни претстои многу работа, но ние сме во добра форма пред почетокот на сезоната."
"Не е лесно да се модифицира болидот во услови на пандемија. Многу од нашите вработени работеа од дома. Од една страна, ова не е лошо, но на долг рок може да предизвика проблеми. Денешната презентација е важен настан за оние кои работеа од дома, бидејќи за прв пат го видоа болидот како една целина. Значи, моравме да внимаваме на нивната безбедност и да ја завршиме работата. Потребен беше голем напор, но тимот заврши одлична работа."
"Оваа година, не е променета само обојувањето на болидот. Иако продолжуваме да користиме многу делови од минатата година и не можеме да ја менуваме амортизацијата или меѓуоскиното растојание, слободно можеме да работиме со аеродинамиката. Тимот ги редизајнираше системите за ладење и се обиде да ја намали тежината на болидот. Анализиравме и оптимизиравме сè."
"Новиот болид се вика FW43B бидејќи шасијата останува иста. Ја ажуриравме целата шасија што ја имавме минатата година, сè беше расклопено, проверено и поставено на место. Не требаше да правиме нова шасија, така што добивме повеќе време и можевме да работиме поблиску на сите детали. Сите овие ситници влијаат на брзината на болидот."
Џорџ Расел, #63: "Имав одлична зимска пауза, дури и малку се одморив. Минатата сезона беше интензивна, 17 трки за шест месеци. Веќе го пробав новиот болид, на филмскиот ден на Силверстоун. Ми се допадна, се помина во најдобар ред. Веќе на симулаторот, забележав дека болидот се разликува од минатата година. Но, праксата е сосема друга работа. Се надевам дека во реалноста болидот ќе испадне да биде не помалку ефикасен отколку на симулаторот, но нема да ја дознаеме вистината до квалификациите во Бахреин."
"Моја задача е да продолжам да напредувам. Mи се допаѓаат новите бои на болидот, светло сина со жолта боја. Во принцип, сè изгледа позитивно. Да видиме како се однесува болидот на патеката. Се радувам на почетокот на сезоната. Поминаа само неколку месеци од ГН на Абу Даби, но јас веќе сакам да седнам зад воланот и да дознаам колку е брз FW43B."
"Одлично е што повторно ќе ги посетиме Портимао и Имола. Претстои многу интересен почеток на сезоната! Со нетрпение ги очекувам овие две трки. Многу зборував со Јост Капито откако тој се приклучи на тимот, тој има долгогодишно искуство во мотоспортот. Тој знае што прави. Одлично е што се приклучи на нашиот тим и донесе голема енергија. Повторно, ова е нов почеток за нас."
Николас Латифи, #6: "Оваа сезона повеќе не сум дебитант во Формула 1, што ќе влијае на мојот пристап, но не очекувам сезоната да биде лесна. Плус е што ќе се чувствувам попријатно за време на тркачките викенди затоа што знам што да очекувам. Прво, важно е да се направи напредок во споредба со минатата година. Квалификациската брзина е главната област каде што сакам да се подобрам. Што се однесува до тркачкото темпо, сметам на природниот напредок благодарение на претходното искуство."
"Новите бои на болидот ги видов непосредно пред ова интервју! Според мене, тоа изгледа свежо и поразлично од она што го користеше тимот во последните неколку години. Тоа означува почеток на една нова ера. Комбинацијата на сина и жолта е потсетник на минатите успеси на тимот. Мислам дека болидот ќе изгледа одлично на патеката."
ВИЛИЈАМС, FW43B - ИСТОРИСКИТЕ УСПЕСИ КАКО СИЛЕН МОТИВАТОР
3/05/2021 11:13:00 PM
0
Share to other apps