Ферари за оваа сезона се реши за две презентации, на 26 февруари тие го претставија тимот, а денес го покажаа новиот болид, SF21, со кој се надеваат да напредуваат на табелата.
Шестото место во шампионатот на конструктори од минатата сезона беше најлош резултат за тимот од 1980 година, но Италијанците веруваат дека се решени проблемите со недостаток на моќност на Ферари ПЕ, а со тоа и нивната болна точка - брзина на правците. Според нив оваа година Чарлс Леклер и неговиот нов тимски колега, искусниот Карлос Саинц Јр., ќе може да се борат за места на подиумот.
Болидот традиционално е обоен во црвена боја со неочекувано вклучување на зелената боја, поради логото на брендот Mission Winnow, заедничка иницијатива на Ферари и Филип Морис. Минатата година, овие логоа се појавија на болидите само за време на претсезонските тест сесии.
Чарлс Леклер изјави дека оваа боја е додадена во последен момент, нешто на кое треба да се навикнеме. Ова лого најверојатно нема да го гледаме на трките во земјите каде има забрана за рекламирање на производи на тутунската индустрија, така да ако им беше поентата целиот фокус да се префрли на Филип Морис, им успеа. Се слушна многу повеќе за нив отколку минатите сезони!!!
Презентацијата на SF21 се одржа на веб-страницата на тимот, кога во закажаното време, 14:00, се појави десетминутно видео снимено во Маранело. Како во случајот на Вилијамс и во овој случај имавме напад на хакери кои успеаа да го симнат видеото, кое беше објавено на нашата ФБ страна пред официјалното започнување на презентацијата.
Овој болид е 67-от изграден во Маранело и е еволуција на минатогодишниот SF1000, како што диктираат прописите, кои бараат употреба на иста шасија како во 2020 година, со што се ограничуваат можностите за промена во многу области.
Затоа, SF21 е развиен во сите дозволени области, од моторот, кој е комплетно нов, до аеродинамиката и, задниот крај, каде што се искористени двата дозволени развојни токени во регулативата.
Прв кој се обрати на јавноста беше Матија Биното, тимскиот шеф, кој зборуваше на италијански јазик со англиски титлови: "Време е да ја претставиме нашата нова машина, SF21. Еве ја, ѕвездата на денот, болидот што оваа година ќе го управуваат Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр."
"Се базира на нашата шасија од минатата година. Според прописите, развојот на некои од компонентите е замрзнато, но ние се обидовме да го подобриме болидот во сите области каде што е возможно. Ја редизајниравме неговата аеродинамика, конструиравме целосно нова погонска единица."
"Покрај тоа, ја сменивме и бојата на болидот, како што можете да видите, задниот дел е обоен во бургунди црвена боја, истата нијанса како и првиот болид на Ферари 125S. Ова е истата боја што ја користевме минатата година во Муџело во чест на нашата 1000 трка."
"Но, како што се движиме постепено кон кокпитот, таа се трансформира во модерна црвена нијанса што ја користевме во последниве години. Оваа сезона ни претставува голем предизвик и преку овој изглед, визуелно, ние се рестартираме од нашето минато и одиме кон иднината."
"Ни претстои тешка сезона. Ја градиме нашата историја и гледаме кон иднината, надевајќи се дека таа ќе биде обоена со нашиот црвен потпис."
Утре, SF21 ќе дебитира на патеката во Бахреин на филмскиот ден, за време на кој може да се извозат до 100 километри. Чарлс Леклер и Карлос Саинц се најмладата возачка постава на тимот од 1968 година. Првата трка од 2021 сезоната ќе се одржи на 28 март, а просечната возраст на двајцата ќе биде 25 години и 3 дена. Пред тоа, тие ќе настапат и на единствената претсезонска тест сесија за 2021 година, тестирајќи го новиот болид во текот на три дена на патеката Сакир.
Лоран Мекиз, тркачки директор: "2021 година за нас ќе започне со поуки од неуспесите во минатата сезона. Во 2020 година, имавме многу тешко време, и на патеката и во нашата база, но извлековме заклучоци од нашите грешки, се обидовме да се подобриме во оние области каде бевме инфериорни пред една година."
"Земајќи ги предвид ограничувањата за развој на болидот и новите финансиски регулативи, разбравме дека нема да можеме брзо да напредуваме, но методички работевме на враќање на тимот во групата на лидери. Беше очигледно дека за ова ни треба поефикасен болид од минатогодишниот SF1000. Нашите инженери, Енрико на чело на одделот за мотори и Енрико на одделот за шасија, дадоа се од себе, но ни останатите тимовите не застанаа во развојот."
"Оваа година ќе се обидеме да извлечеме максимум од нашиот болид, без оглед на нивото на неговата конкурентност. Нашата цел е да дадеме се од себе за време на тркачките викенди и да го натераме тимот да се движи во вистинската насока, така што целиот тим се чувствува како блиско семејство."
"Важен дел од ова e доаѓањето во Маранело на Карлос, кого го одбравме да го замени Себастијан Ветел. Поранешниот возач на Мекларен и Чарлс Леклер се најмладиот пар возачи на Ферари од 1968 година. Двајцата возачи зрачат со позитивна енергија. За време на зимската пауза, видовме колку одлично работеа заедно и тоа е многу добро за тимот."
Енрико Гвалтиери, ПЕ: "Енцо Ферари секогаш велеше дека моторот е срцето на тркачкиот автомобил, и ние се чувствуваме одговорни за нашата работа. Маранело има единствена моторика, но знаеме дека минатите успеси и славната историја не гарантираат наши идни победи. Во Формула 1, треба постојано да го подобрувате секој дел од болидот, да извлекувате заклучоци од грешки, да го користите искуството и да работите многу напорно."
"Минатата сезона ни даде јасна идеја за позициите на тимот и тоа е она што го искористивме во нашата идна работа. Ова знаење, посветеност, како и вештината на нашите специјалисти и партнери ја формираа основата на новата погонска единица 065/6, што ќе се користи оваа сезона."
"Заземавме систематски пристап и работевме со сите оддели, со дизајнерите и инженерите одговорни за работа на симулаторот, надградба на болидот и работа на патеката, се обидовме да ја искористиме секоја можност за да напредуваме. Заедно со нашите колеги од одделот за шасија, работевме многу на изгледот на ПЕ за да го направиме болидот што е можно поефикасен."
"Заедно со нашиот партнер Шел, работевме многу со моторот со внатрешно согорување, обидувајќи се да ја подобриме неговата топлинска ефикасност. Toa треба да ни помогне да добиеме повеќе од една десетинка по круг. Многу работевме со турбополначот и се обидовме да ја подобриме ефикасноста на системот за издувни гасови. Ние не ги занемаривме хибридниот систем и се обидовме да ги оптимизираме сите негови компоненти."
"Работевме како тим заедно со нашите добавувачи и технички партнери, особено Shell и Mahle. Вложивме многу напор во овој проект, но веќе започнавме да подготвуваме нова погонска единица, која ќе дебитира следната сезона и ќе се користи најмалку во следните три години, така што нејзината ефикасност ќе игра многу важна улога."
Енрико Кардиле, Шасија: "Почнувајќи го SF21, сакавме да разбереме кои компоненти ќе напредуваат најмногу. Ние го избравме задниот дел на болидот, развивајќи нов менувач и амортизација. Заедно со напорите на нашите колеги од ПЕ, ова доведе до значителен напредок, па задниот дел на болидот е покомпактен."
"Покрај тоа, го подобривме системот за ладење, ја зголемивме ефикасноста на главниот радијатор, а елементите на телото станаа поедноставени за зголемен протокот на воздухот. Една од клучните области најмногу погодени од промената на правилата е аеродинамиката."
"Новата регулатива ја намали потисната сила во задниот дел на болидот. Работејќи со аеродинамиката на SF21, пред сè се обидовме да ги компензираме овие загуби и да го намалиме отпорот. Ревизијата на предниот дел на болидот беше помалку радикална. Развивме ново предно крило со нов концепт на носот, но шасијата и предната амортизација се од минатогодишниот SF1000."
ФЕРАРИ, SF21 - РЕСЕТИРАЊЕ ЗА ПОДОБРИ ПЕРФОРМАНСИ
3/10/2021 07:32:00 PM
0
Share to other apps