Макс Ферстапен е победник на Големата Награда на Австрија со својата петта сезонска победа и 15-та во кариерата, зголемувајќи го водството во генерален пласман на возачи на 32 поени пред Луис Хамилтон.
Стартувајќи од Пол позицијата, возејќи го најбрзиот круг, водејќи од почеток до крај и победувајќи на трката, Холанѓанецот го забележа својот деби Хет-трик во кариера.
Валтери Ботас се искачи на второто скалило на подиумот, негов најдобар резултат оваа сезона. Ландо Норис успеа да го зграби третото скалило на подиумот, по проблемите со болидот на Луис Хамилтон.
Двете последователни трки на Ред Бул ринг донесоа ист Победник, но акцијата позади него беше тотално различна. Уште на квалификациите Макс Ферстапен доби изненадувачки придружник на првиот стартен ред, Ландо Норис со болидот на Мекларен. Британецот по прв пат во кариерата стартуваше од првиот ред.
Серџо Перез ја започна трката од третата позиција, исто така за прв пат оваа сезона, пред двајцата возачи на Мерцедес АМГ, Луис Хамилтон и Валтери Ботас. Изненадување стигна и од Џорџ Расел, кој со болидот на Вилијамс за прв пат се пласираше во Q3, освојувајќи ја 9-тата стартна позиција, која подоцна стана П8 по казната на Себастијан Ветел за блокирање на Фернандо Алонсо во квалификациите.
Во споредба со минатата недела, Пирели донесе еден чекор помеки смеши. За прв пат од почетокот на сезоната, трибините на патеката беа целосно исполнети, обоени во портокалово од фановите на Макс Ферстапен. За време на викендот, патеката беше посетена од 132 илјади гледачи.
На стартот, Ферстапен го задржа водството по првиот свиок, без промена на позиции на првите седум возачи. Први кои загубија позиции, по две места, беа Џорџ Расел и Карлос Саинц Јр. кој остана заглавен зад болидо на Вилијамс. Но, едно е да загубиш места, а друго е да ја завршиш трката по првиот свиок.
Тоа му успеа на Естебан Окон, кој заврши со скршена амортизација во битката со Џовинаци. Италијанецот се упати во бокс по нови гуми, додека Окон мораше да се паркира покрај патеката.
Следуваше период на Безбедносниот автомобил, за евакуација на болидот на Алпин. Џовинаци брзајќи да надомести од изгубеното време престигна болид пред безбедносниот автомобил да ја напушти патеката и следуваше првата казна од +5 секунди на денешната трка.
Трката беше рестартирана во третиот круг. Макс Ферстапен го задржа водството. Серџо Перез го нападна Норис од надворешната страна на 4-от свиок, но Британецот не попушти и Мексиканецот заврши во чакалот покрај патеката, паѓајќи на 10-то место кога се врати на асфалтот.
Ландо подоцна доби казна од пет секунди, но шансите за лесна 1-2 Победа за Ред Бул беше сведени на минимум. Напред, Холанѓанецот се оддалечуваше од Норис, кој пак беше под притисок на Хамилтон, но разликата во брзина не беше доволна за напад.
Следуваше мирен период на врвот, а возачите кои стартуваа со црвени гуми од 14-от круг го започнаа влегувањето во бокс. Прв беше Јуки Цунода, кој при тоа заработи и казна од +5 секунди, поради газење на белата линија при влез во боксевите.
Ландо Норис успеваше да одолее на нападите од Хамилтон се до 20-от круг, кога го изгуби второто место. Топ десет во тој момент беа: Ферстапен, Хамилтон, Норис, Ботас, Рикиардо, Леклер, Перез, Саинц Јр., Расел, Раиконен.
Од водечките прв по нови гуми замина Ландо Норис, во 32-от круг, следуваше Луис Хамилтон еден круг подоцна, на што веднаш реагираа и од гаражата на Ред Бул, менувајќи ги гумите на болидот на Макс Ферстапен. Со тоа, Холанѓанецот го задржа водството на трката, и немаше поголеми промени во поредокот на врвот.
Возбудувањата на патеката започнаа во 41-от круг, кога Леклер за прв пат го нападна Перез, имаше блиска борба со минимален контакт, возачите ги задржаа своите позиции, а Серџо го истурка Ферарито на чакалот покрај патеката.
Кога веќе на почетокот доделија казна од +5 секунди за Норис, беше невозможно Мексиканецот да се извлече без последици. Без многу размисување му беше изречена казна од +5 секунди на Перез. Топ десет во тој момент од трката беше: Ферстапен, Хамилтон, Ботас, Норис, Саинц Јр., Гасли, Рикиардо, Перез, Леклер, Цунода.
Во 47-от круг, Леклер повторно го нападна Перез и повторно Мексиканецот не му остави место, туркајќи го во чакалот. Следуваше нова казна од +5 секунди. Во 49-от круг, Карлос Саинц Јр. ги смени белите гуми на кои ја започна трката, по што тргна во напад на што повисок пласман. Во меѓувреме Ленс Строл доби казна од +5 секунди за брзо возење низ боксевите.
Како што одминуваше трката инженерите на Мерцедес АМГ забележаа оштетување на болидт на Хамилтон, па Валтери Ботас брзо ја надополнуваше разликата до својот тимски колега.
Кога го стигна на Финецот му беше наредено да не го напаѓа Луис Хамилтон.
Но, по само неколку круга, инженерите на Мерцедес АМГ увидоа дека со тоа ризикуваат да бидат престигнати од денес фантастичниот и брз Ландо Норис, им беше наредено на Хамилтон и Ботас да ги сменат позициите во првиот свиок, на почеток од 54-от круг на трката.
Беа во право Ландо Норис успеа да прелета покрај Хамилтон за третото место, а Луис се упати во бокс, менувајќи ги гумите. Тоа го проследија и во тимот на Ред Бул, па го повикаа Макс Ферстапен по нови гуми, како дополнителниот поен за најбрз круг би останал во рацете на Холанѓанецот.
Во 66-от круг, Леклер, по барање на тимот, го пропушти Саинц Јр. за да се обиде да престигне Мекларенот на Рикиардо, нешто што дотогаш не му успеваше на Моначанецот.
Шпанецот беше во налет на многу посвежи и побрзи жолти гуми, и во предпоследниот круг од трката успеа да избие пред Австралијанецот. За одбележување е и темпото на Џорџ Расел со болидот на Вилијамс, кој се до 68-от успеваше да го држи 10-место и последниот поен на трката.
Но, Фернандо Алонсо е искусен волк и успеа да го претекне. По завршувањето, Французинот изјави дека му било многу жал што тоа мораше да биде Расел пред него, во борбата за само еден поен.
Во последниот круг едни од најискусните возачи, Себастијан Ветел и Кими Раиконен имаа инцидент во борба за 12-тото место, при тоа излетувајќи во чакалот покрај патеката.
За две недели борбата ќе продолжи на Силверстоун, место каде ќе го имаме првиот викенд со спринт квалификации.
| 2021 АВСТРИСКО ГРАН ПРИ - РЕД БУЛ РИНГ 71 круга,; 306.452км., Време: Сончево |
|||
| ПЛАСМАН: | |||
| П. | ВОЗАЧ | ТИМ | ВРЕМЕ |
| 1. | Макс Ферстапен | Ред Бул | 1ч23:54.543 |
| 2. | Валтери Ботас | Мерцедес АМГ | + 17.973 |
| 3. | Ландо Норис | Мекларен | + 20.019 |
| 4. | Луис Хамилтон | Мерцедес АМГ | + 46.452 |
| 5. | Карлос Саинц ЈР. | Ферари | + 57.144 |
| 6. | Серџо Перез* | Ред Бул | + 57.915 |
| 7. | Даниел Рикиардо | Мекларен | + 1:00.395 |
| 8. | Чарлс Леклер | Ферари | + 1:01.195 |
| 9. | Пјер Гасли | АлфаТаури | + 1:01.844 |
| 10. | Фернандо Алонсо | Алпин |
+ 1 круг |
| 11. | Џорџ Расел | Вилијамс | + 1 круг |
| 12. | Јуки Цунода 1 |
АлфаТаури | + 1 круг |
| 13. | Ленс Строл 2 | Астон Мартин |
+ 1 круг |
| 14. | Антонио Џовинаци 2 | Алфа Ромео | + 1 круг |
| 15. | Кими Раиконен 3 | Алфа Ромео | + 1 круг |
| 16. | Николас Латифи 4 | Вилијамс | + 1 круг |
| 17. | Себастијан Ветел | Астон Мартин | судир |
| 18. | Мик Шумахер |
Хас | + 2 круга |
| 19. | Никита Мазепин 4 |
Хас | + 2 круга |
1 казна +10 сек. 2 казна +5 сек. 3 казна +20 сек. 4 казна +30 сек. НАЈБРЗ КРУГ: МАКС ФЕРСТАПЕН - 1:06.200 |
|||
| БЕЗ ПЛАСМАН: | |||
| 20. | Естебан Окон | Алпин | судир |
|
ХИБРИДНА ЕРА - РЕД БУЛ РИНГ 2014 Нико Розберг - Мерцедес АМГ - 1:27:54.976 2015 Нико Розберг - Мерцедес АМГ - 1:30:16.930 2016 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1:27:38.107 2017 Валтери Ботас - Мерцедес АМГ - 1:21:48.523 2018 Себастијан Ветел - Ферари - 1:29:33.283 2019 Валтери Ботас - Мерцедес АМГ - 1:25:27.325 2020 Валтери Ботас - Мерцедес АМГ - 1:30:55.739 2020 ШТАЕРСКО ГРАН ПРИ Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1:22:50.683 2021 ШТАЕРСКО ГРАН ПРИ Макс Ферстапен - Ред Бул - 1:22:18.925 2021 Макс Ферстапен - Ред Бул - 1:23:54.543 @МкФормула1 - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА @MkFormula1 - REPUBLIC OF MACEDONIA |
|||
| 2021 ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН 9/23 | |||
| ВОЗАЧИ: | |||
| 1. | Макс Ферстапен | 182 | |
| 2. | Луис Хамилтон | 150 | |
| 3. | Серџо Перез | 104 | |
| 4. | Ландо Норис | 101 |
|
| 5. | Валтери Ботас | 92 | |
| 6. | Чарлс Леклер | 62 | |
| 7. | Карлос Саинц Јр. | 60 | |
| 8. | Даниел Рикиардо | 40 | |
| 9. | Пјер Гасли | 39 | |
| 10. | Себастијан Ветел | 30 | |
| 11. | Фернандо Алонсо |
20 | |
| 12. | Ленс Строл |
14 | |
| 13. | Естебан Окон | 12 | |
| 14. | Јуки Цунода |
9 | |
| 15. | Кими Раиконен | 1 | |
| 16. | Антонио Џовинаци | 1 | |
| 17. | Џорџ Расел | 0 | |
| 18. | Мик Шумахер |
0 | |
| 19. | Никита Мазепин |
0 | |
| 20. | Николас Латифи |
0 | |
| КОНСТРУКТОРИ: | |||
| 1. | Ред Бул | 286 | |
| 2. | Мерцедес АМГ | 242 | |
| 3. | Мекларен | 141 | |
| 4. | Ферари | 122 | |
| 5. | АлфаТаури | 48 | |
| 6. | Астон Мартин |
44 | |
| 7. | Алпин | 32 | |
| 8. | Алфа Ромео | 2 | |
| 9. | Вилијамс | 0 | |
| 10. | Хас | 0 | |








