Kарлос Саинц е победник на 11-тата етапа на Дакар, само втора за Шпанецот во 2022 година, кога се натпреварува за фабричкиот тим на Ауди и го вози најновиот електричен автомобил, RS Q e-tron. Ова беше негова 41-ва етапна победа на досегашните негови учества на најтешкото рели на светот.
"Задоволен сум од тоа како работевме денес. Трасата беше многу тешка и се одвиваше на многу различен терен. Моравме да ги надминеме бескрајните дини, областите обраснати со трње и корита на исушените реки, имаше и многу камења. Имавме потешкотии со навигацијата."
На денешната етапа, втор низ целта мина Себастиен Леб, ксо предност од четири и пол минути пред лидерот на Дакар, Насер Ал-Атија, но набрзо стигна 5 минутна казна, за пребрзо возење во реон каде што брзината била ограничена.
Како резултат на тоа, разликата на Леб зад катарскиот возач на Тојота не само што не се намали, туку дури и се зголеми, повторно надминувајќи половина час. По казната, екипажот на деветкратниот WRC шампион падна на 8-то место на денешната 11-та етапа, додека Ал-Атија се искачи на седмата позиција.
Стефан Петерхансел, победникот на вчерашната етапа, денес немаше среќа. Најискусниот рели мајстор направи грешка во навигацијата, загуби време и беше седми во финишот, но се пресели на шестото место по казната на Леб.
Благодарение на казната што ја добија ривалите, второто место на крајот на денот му припадна на Аргентинецот Лусио Алварез, кој го вози автомобилот на Тојота, додека Матијас Екстром во фабричкиот Ауди го заокружи Топ 3 пласманот на 11-тата етапа.
Камаз екипажот на Едуард Николаев најбрзо ги помина 346-те километри од брзата делница, чија кружна рута започна во селото Биша и заврши таму. Ова е трета етапна победа на Николаев на Дакар во 2022 година, а денес имаше предност од само 15 секунди пред екипажот на Андреј Каргинов, откако го претекна непосредно пред целта.
Димитриј Сотников го забележа третото најбрзо време, и пред последната етапа продолжува да води во категоријата на камиони, но сега неговата предност е намалена на 8 минути, а судбината на победата ќе биде решена на последните 164 км. од трката.
Претставниците на другите тимови се обидоа да се вмешаат во борбата за место на победничкиот подиум, но тимовите на Камаз Мастер повторно се покажаа како посилни, на што сите веќе се навикнуваат.
Најдобар во категоријата на две тркала беше довчерашниот губитник Кевин Бенавидес. По сериозниот дефект на неговиот мотоцикл КТМ, тој практично се откажа од борбата, но новите прописи на FIM World Rally-Raid, во кои за прв пат беше вклучено и Дакар релито, на Аргентинецот му дозволија враќање во натпреварот.
Неговиот мотор беше успешно поправен, па денес стана победник на етапата. Сем Сандерленд заврши како втор, а овој резултат му овозможи да се врати на првата позиција во генералниот пласман.
Неговата предност пред Чилеанецот Пабло Кинтанила е нешто под седум минути, кој пак има 23 секунди предност во однос на Матијас Вокнер, па на утрешната кратка етапа се очекува многу остра борба за конечниот Топ 3 пласман.
Победите на тинејџерот Сет Кинтеро веќе станаа вообичаени, денес тој повторно беше најдобар во категоријата на лесни автомобили, Т3. Ова е рекордна 11-та етапна победа на овој Дакар, со што сега има една победа повеќе од претходниот рекорд поставен од Пјер Лартиг во 1994 година.
Но, водството во генералниот пласман го држи Франциско Контардо и се чини дека шансите да го изгуби се многу мали. Шпанката, Кристина Гутиерез Хереро се врати на трето место во генералниот пласман, а што се случи со екипажот со број 309, Фернандо Алварез не успеавме да дознаеме, едноставно го снема од рангирањето.
На последниот ден од релито учесниците ќе треба да поминат 680 километри, но растојанието на брзата делница е само 164 километри, што е ништо повеќе од спринт трка според стандардите на Дакар.
Но, пред да заврши супермаратонот во Џеда, возачите треба да ја поминат оваа етапа, 12-та по ред, и токму на оваа етапа ќе се решава судбината на победата во повеќе категории. Трасата е претежно песочна, па повторно ќе биде забавна!
Топ три вкупни резултати во секоја категорија:
АВТОМОБИЛИ
1. Насер Ал-Атија (201)
Toyota Gazoo Racing
36ч49:51
2. Себастиен Леб (211)
Bahrain Raid Xtreme
+ 33:19
3. Јазид Ал-Раџи (205)
Overdrive Toyota
+ 1ч03:43
МОТОЦИКЛИ
1. Сем Сандерленд (3)
GasGas Factory Racing
37ч04:05
2. Пабло Кинтанила(7)
Monster Energy Honda
+ 06:52
3. Матијас Вокнер (52)
Red Bull KTM Factory Racing
+ 07:15
КАМИОНИ
1. Димитриј Сотников (500)
Kamaz Master
39ч54:53
2. Едуард Николаев (505)
Kamaz Master
+ 08:18
3. Антон Шибалов(501)
Kamaz Master
+ 1ч04:34
ЛЕСНИ ВОЗИЛА Т3
1. Франциско Лопез Контардо (305)
EKS - South Racing
43ч56:34
2. Себастијан Ериксон (306)
EKS - South Racing
+ 0ч55:36
3. Кристина Гутиерез Хереро (301)
Red Bull Off-road Team
+ 4ч31:22
ДОБАР ДЕН ЗА АУДИ, СЕТ КИНТЕРО СО РЕКОРДНА 11-ТА ЕТАПНА ПОБЕДА
1/13/2022 06:50:00 PM
0
Share to other apps