Не поминаа три месеци од крајот на 2021 сезоната, а тимовите повторно се собраа во Барселона. Денес со првиот тест ден се отвори 2022 сезоната со која започнува нова ера на Формула 1, според нови правила.
Во првата теста сесија, Формула 1 одлучи да се откаже од телевизиското покривање и јавниот тајминг со цел да го поддржи печатените и онлајн медиуми. За прв пат по многу години на фановите не им беше дозволено да влезат на трибините во Барселона. Шпанците можеа само преку оградата да ги гледаат новите болиди на Фернандо Алонсо и Карлос Саинц Јр.
Никој не знаеше што да очекува, но беше јасно дека силните нема да станат слаби. На презентациите тимовите ги криеја најинтересните решенија, но на тестовите сите можеа да ја оценат разликата во толкувањето на новите прописи.
Тимовите од присутните фотографи околу патеката, веднаш добија/купија фотографии/видеа од ривалските болиди како би ги простудирале нивните решенија. Речиси е сигурно дека 2022 болидите ќе имаат значителни промени за втората тест сесија во Бахреин.
Многумина очекуваа дека во услови на невообичаено строги правила, болидите ќе испаднат многу слични еден на друг и со концептот претставен минатото лето, но во праксата тоа не се случи, разликите беа забележливи.
На првиот тест ден видовме десет различни болиди. Се тоа ја зачини интригата која беше присутна во очекување на новите адути на тимовите. Конкретно, Адријан Њуи успеа да најде многу радикално решение за страничните делови и подот на RB18, нешто за кое се дискутираше цело утро.
Аналитичарите беа изненадени од внимателно рзработените детали на болид на Хас, тимот кој ја жртвуваше минатата сезона, за целосно да се посвети на новиот VF-22, но засега е невозможно да се процени неговиот потенцијал.
Утрината болидот го помина поголемиот дел од времето во својата гаража, поради проблеми со пумпата за гориво, а попладнето дојде до истекување на системот за ладење.
Главните возачи работеа во сите тимови, само во Алфа Ромео во претпладневната сесија зад воланот на C42 седна Роберт Кубица, резервниот возач на тимот, но не помина премногу време на асфалтот.
Само кај Алфа Ромео болидот ја немаше конечната шема на бои, која е планирано да биде презентирана во недела. Болидите, тркачките комбинезони, тимските униформи и кацигите на возачите сите беа во камуфлажна црна, сива и бела боја.
По паузата, Кубица беше заменет со Валтери Ботас, кој дојде од тимот на Мерцедес АМГ, но и тој се соочи со проблематична попладневна сесија. Главниот фактор на ризик при промена на прописите обично беа моторите, но тие речиси и не се менуваа, па имаше многу помалку проблеми поврзани со изджливоста на погонските единици, отколку, да речеме, во 2014 година, кога Формула 1 премина на хибридната технологија.
Тогаш на првиот ден од тестирањето само Кими Раиконен успеа да извози повеќе од триесет круга, а денес речиси сите успеаја во тоа. Одлична статистика за првиот тест ден.
Утрината, Макс Ферстапен помина низ чакалот покрај патеката, но без никакви последици по неговиот болид. По паузата за ручек се појавија првите црвени знамиња, но на само неколку секунди, кога Ландо Норис застана на излезот од боксевите. Механичарите на Мекларен го вратија болидот назад во својата гаража и сесијата продолжи.
Најдоброто време на првиот ден го забележа Ландо Норис, пред возачите на Ферари, кои долго време беа на врвот на табелата. Но, засега главната цел е да се извозат што повеќе кругови, пополнувајќи ги серверите со податоци за однесувањето на болидот на вистинска патека.
Макс Ферстапен извозе најмногу кругови, а во добро светло се покажаа и болидите на Мерцедес АМГ, Ферари, Мекларен. Општото чувство од првиот ден е дека во бавните свиоци болидите се инфериорни во однос на минатата година, но кај брзите кога ќе почне да работи аеродинамиката ќе возат како по шини. Тестирањето ќе продолжи утре.
УСПЕШЕН СТАРТ НА 2022 СЕЗОНАТА
2/23/2022 10:05:00 PM
0
Share to other apps