Чарлс Леклер го забележа најбрзото време на квалификациите за Големата Награда на Бахреин, забележувајќи ја неговата 10-та Пол позиција во кариерата и прва за Ферари по минатогодишното Гран При на Азербејџан и 231-ва во историјата на овој тим.
Првите квалификации во сезоната секогаш се моментот на вистината, особено по ваквата сериозна промена на правилата. Овој вечерен час во Бахреин ги сумираше резултатите од долгата и напорна работа. Стоперката ги стави сите на своите места.
На тренинг сесиите, Макс Ферстапен беше лидер, забележувајќи го најбрзото време на вториот и третиот тренинг. Новите болиди се побавни од минатогодишните, но не толку далеку како што беше првично предвидено, а како мерка на претпазливост Пирели избра потврди гуми од пред една година, C1, C2 и C3.
Новите правила им даваат слобода на возачите да избираат со какви сакаат гуми да ја стартуваат трката, така што соодносот Q2 најбрзо време и смешата на која е забележано повеќе не се зема предвид при квалификациите.
На Астон Мартин повторно му беше потребна замена поради коронавирусот. Кога тимот се викаше Рејсинг Поинт во 2020 година, Нико Хулкенберг ги замени Ленс Строл и Серџо Перез, а овој пат седна зад воланот на болидот од Себастијан Ветел. Хулк не работеше на претсезонските тест сесии и мораше да се навикнува на новиот AMR22 за време на викендот.
Во Q1 сесијата, Пјер Гасли, Алекс Албон и Николас Латифи се решија за жолтите гуми, но, набрзо се откажаа од својата намера без да го комплетираат кругот. Сите се вратија во своите гаражи за црвените гуми за својот најбрз круг.
Во првиот обид Макс Ферстапен го предводеше поредокот, речиси повторувајќи го вчерашното најбрзо време, 1:31.909. Валтери Ботас со Алфа Ромео заостануваше само десетинка. Потоа Леклер го презеде врвот со време од 1:31.471, а неговиот тимски колега, Карлос Саинц Јр. заостана една десетинка.
Ферари и Ферстапен, кои го имаа најбрзото време, не излегоа на патеката за втор обид, додека сите останати продолжија да се борат, но топ 3 поредокот не се промени. Од понатамошната борба отпаднаа, Јуки Цунода, Нико Хулкенберг, Ленс Строл, Даниел Рикиардо и Николас Латифи.
Нико Хулкенберг го победи Ленс Строл за две десетинки од секундата зад воланот на истиот болид, враќајќи се во Формула 1 по една и пол година пауза.
Во Q2 сесијата, сите возачи излегоа на патеката на црвените гуми, борбата беше блиска и не даваше можност за подруг избор. Прв излезе Алекс Албон, но се врати во боксот без да го комплетира кругот.
При првите брзи круга, Макс Ферстапен повторно со најбрзото време, 1:30.757, а овојпат Леклер беше втор, но со голема разлика од шест десетинки. Кевин Магнусен со болидот на Хас имаше четврто најбрзо време, но беше повикан во својата гаража поради проблеми со истекување на течност од серво воланот.
Во вториот обид возачите на Ферари се подобрија, но не можеа да забележат побрзо време од тоа на Макс Ферстапен. Карлос Саинц Јр. заостана само три стотинки. Топ 6 поредокот беше збиен во разлика од само пет десетинки. Тоа е она што го очекувавме, блиска борба за секоја стартна позиција.
Кевин Магнусен го забележа седмото најбрзо време и го одведе тимот на Хас во финалниот сегмент од квалификациите за прв пат по 2019 Бразил ГП. Во Q3 не се пласираа Естебан Окон, Мик Шумахер, Ландо Норис, Алекс Албон и Гуанју Џоу.
Кевин Магнусен: "Неверојатно! Немам зборови! Последните две недели беа неверојатни. Дојдов во Бахреин непосредно пред тест сесијата, тогаш за прв пат го видов новиот болид. Успеав да разберам дека е многу конкурентен и денеска се уверив во тоа на квалификациите."
"Првиот дел од квалификациите го поминав со еден сет гуми, вториот исто така, во одреден момент бев четврти, но на крајот завршив седми. Потоа имавме проблем за кој требаше време да се реши, па во финалнта сесија имав само еден обид, но тоа беше доволно да бидам седми. Добро! Со нетрпение ја очекувам трката."
Во финалната Q3 сесија Карлос Саинц Јр. го забележа најбрзото време при првите брзи круга со 1:30.687. Леклерк заостануваше само 44 илјадити делови од секундата од својот тимски колега, а Макс Ферстапен само 56 илјадитинки.
Во вториот обид, Чарлс Леклер го забележа најбрзото време, пред Макс Ферстапен кој успеа да се подобри и со тоа разделувајќи го дуото на Ферари
.
ЧАРЛС ЛЕКЛЕР НА ПОЛ, МАКС ФЕРСТАПЕН ВЕДНАШ ЗАД НЕГО
3/19/2022 09:20:00 PM
0
Share to other apps