Чарлс Леклер го забележа најбрзото време на квалификациите за Големата Награда на Мајами, забележувајќи ја третата пол позиција во сезоната и 12-та во неговата Ф1 кариерата.
Карлос Саинц Јр. го имаше второто најбрзо време, за 81-от прв стартен ред за Ферари во историјата на овој спорт и прв од 2019 Мексико ГП.
Вториот ред ќе му припадне на возачите на Ред Бул, Макс Ферстапен и Серџо Перез, а веднаш зад нив од третиот трката ќе ја започнат Валтери Ботас и Луис Хамилтон.
На градските патеки квалификациите секогаш се од особено значење. Новата патека во Мајами на тренинг сесиите го покажа својот карактер. Тесна, со лизгав асфалт надвор од тркачката линија, па и најмалата грешка беше доволна за да го испрати болидот во заштитните бариери.
На сите три тренинзи беа развиорени црвените знамиња, тројца искусни возачи како Ботас, Саинц Јр. и Окон сериозно ги оштетија своите болиди. Естебан имаше несреќа тоа да го направи на саботниот тренинг, кога заврши во заштитната бариера (бетонска) покрај 14-от свиок.
Тоа беше истото место каде што вчера излета и Карлос Саинц Јр. Французинот не беше повреден, но неговата шасијата не издржа толкав напор, па така тој не учествуваше во квалификациите.
Леклер и Расел беа во водство во петокот, а денес Перез беше најбрз. Во квалификациите, важно беше да се вози кругот чисто, брзо и да се избегне сообраќајот. Не успеаја сите во таа намера.
Во Q1 сесијата речиси сите возачи во одреден момент беа попречени од сообраќајот. Тие наизменично менуваа брзи и бавни кругови за да ги одржат гумите во оптимална состојба. Сесијата помина без поголеми проблеми.
Алонсо со десното задно тркало удри во бариерите во свиокот 16, без никакви последици по болидот. На крајот од сесијата, многу возачи заглавија во последниот свиок за да обезбедат слободен простор пред нив, но тоа некои од нив ги чинеше започнување брз круг.
Леклер беше најбрз, а од понатамошната борба отпаднаа Магнусен, Џоу, Албон, Латифи. Естебан Окон ги пропушти овие квалификации. Тимското радио на Магнусен не работело, па Данецот не добивал информации од својот тркачки инженер.
Во Q2 сесијата, веќе во првиот брз круг, Макс Ферстапен постави најбрзо време. Џорџ Расел го прекина својот прв брз круг поради вертикалните осцилации на болидот и се врати во својата гаража.
Британецот во следниот обид повторно го имаше истиот проблем и го прекина брзиот круг. На крај Чарлс Леклер го имаше најбрзото време, а квалификациите завршија за Фернандо Алонсо, Расел, Ветел, Рикиардо и Шумахер.
Во Q3 сегментот, во првиот обид, Чарлс Леклер забележа време 1:29.055, но Ферстапен беше побрз за 6 стотинки, 1:28.991. Првите тројца, Ферстапен, Леклер, Саинц Јр. беа во разлика од 8 стотинки, останатите загубија повеќе од половина секунда.
При вторите брзи круга, Макс имаше грешка во првиот сектор и не можеше да се подобри, но возачите на Ферари се подобрија. Чарлс го извозе рекордниот круг на Интернационалната патека во Мајами - 1:28.796, а Саинц Јр. го престигна Холанѓанецот за втората стартна позиција за само 0.005 делови од секундата.
ЛЕКЛЕР НЕПОГРЕШЛИВ, ФЕРАРИ НА ПРВИОТ СТАРТЕН РЕД
5/07/2022 11:53:00 PM
0
Share to other apps







