Макс Ферстапен се покажа недостижен во спринтот за Големата Награда на Австрија. Тековниот Ф1 Шампион релативно лесно ги победи возачите на Ферарите и ја одбрани Пол позицијата за утрешната трка. Карлос Саинц Јр. водеше тесна битка за второто место со својот тимски колега, Чарлс Леклер, но заврши трет.
Единствениот притисок за Макс Ферстапен беше стартот на кој мораше да се одбрани од борбениот Моначанец во болидот на Ферари. Но, по комплетирањето на првиот круг, возачот на Ред Бул наметна високо темпо и одлично се снајде во спринтот за да ја обезбеди најдобрата стартна позиција за неделната трка.
Ферарите, пак, имаа свој удел во борбата на патеката. Карлос Саинц Јр. се обиде во неколку наврати против Чарлс Леклер, но конечно мораше да се задоволи со третото место, пред Џорџ Расел кој се наоѓаше во "ничија земја" и Серџо Перез кој уште еднаш имаше добар кам-бек.
Естебан Окон ја спаси честа на Алпин со шестата позиција, додека Кевин Магнусен беше седми, а Луис Хамилтон, по инцидент со Пјер Гасли на стартот, по долга борба на крај му ја одзеде осмата позиција на Мик Шумахер и последниот поен.
Најмалерозен, по кој знае кој пат сезонава, беше Фернандо Алонсо, чиј болид комплетно се изгасна на стартот, па Шпанецот не можеше нити да го стартува спринтот. Алфата на Џоу Гуанју исто така имаше проблем, но дебитантот успеа да го реши, но неопходен беше втор формациски круг.
Сo гаснењето на црвените светла започна спринтот кој се одвиваше без поголеми проблеми за Макс Ферстапен кој имаше добар старт и го одбрани првото место, обидувајќи се да го "заглави" зад себа Чарлс Леклер во првите метри.
Како последица, Моначанецот го загуби второто место од Карлос Саинц Јр., но подоцна го врати во 4-от свиок. Џорџ Расел остана на четвртото место, а Естебан Окон на петтото, пред возачите на Хас.
Подолу во поредокот, Серџо Перез доби повеќе позиции во првиот круг и се најде на осмото место, додека Луис Хамилтон, по контактот со Пјер Гасли, падна на единаесеттата позиција, пред возачите на Мекларен.
Инцидентот меѓу Хамилтон и Гасли потсетуваше на оној на Расел во Силверстоун, но за среќа со поблаги последици.
За само неколку круга, Макс Ферстапен успеа да создаде значителна разлика во однос на Чарлс Леклер кој го имаше Карлос Саинц Јр. залепен зад него.
Холанѓанецот не му дозволи на Монацанецот да го користи ДРС-системот, додека пак Шпанецот во болидот на Ферари беше во можност да го користи ова "помагало" за напади врз својот тимски колега.
Зад нив, во битка беа Естебан Окон и возачите на Хас.
Напред, Макс Ферстапен по првите неколку круга влезе во ритам и изгледаше недостижен на врвот, а од петтиот, Карлос Саинц Јр. почна да го напаѓа својот тимски колега.
Шпанецот се обиде да го претекне во седмиот круг во два наврати низ третиот и четвртиот свиок, но Леклер беше решен да го спречи, и со доцно сопирање во последен момент успеа да се одбрани.
Во деветтиот круг, Серџо Перез се ослободи од Мик Шумахер и се насочи кон Кевин Магнусен, кого го престигна еден круг подоцна. Во 12-от круг, Мексиканецот го претекна и Естебан Окон.
Во исто време, Луис Хамилтон напредуваше неколку места со претекнување на Алекс Албон и Валтери Ботас, но потоа остана заглавен зад Мик Шумахер, кој со сите сили ја бранеше 8-та позиција.
Алекс Албон назадуваше во поредокот, при што беше претекнат од Ландо Норис, но првично тајланѓанецот се одбрани со истуркување од патеката на Мекларенот, за што си доби казна од 5 секунди.
Тој беше видно нервозен, па така подоцна имаше контакт со Себастијан Ветел, во кој подебелиот крај го извлече Германецот, кој подоцна во текот на спринтот мораше да се повлече во својата гаража поради дефект на болидот на Астон Мартин.
До последните десет круга од спринтот, Макс Ферстапен имаше комфорно водство од повеќе од две секунди пред Чарлс Леклер и повеќе од пет пред Карлос Саинц Јр.. Џорџ Расел и Серџо Перез беа далеку поназад, со Естебан Окон на шестото место, пред Кевин Магнусен и Луис Хамилтон.
Очекувано, Ферстапен знаеше да ја менаџира својата предност до перфекција и, иако Ферарите малку се приближија до крајот, тој го заврши спринтот на првата позиција и утре ќе стартува од Пол позицијата, со Чарлс Леклер на првиот стартен ред.
Карлос Саинц Јр. и Џорџ Расел трката ќе ја започнат од вториот, а Серџо Перез и Естебан Окон од третиот стартен ред.
Кевин Магнусен успеа да се одбрани од Луис Хамилтон, кој го грабна осмото место и едниот поен од Мик Шумахер во 21-от круг, кога Германецот остана без ДРС-системот. Топ 10 поредокот го комплетираше Валтери Ботас, кој заврши пред возачите на Мекларен.
Шумахер, Расел, Рикиардо и Окон беа повикани кај стјуардите поради прекршување на стартната процедура - комуникација преку тимското радио за време на формацискиот круг. Стјуардите решија дека не било прекршено нити едно правило, па сите се извлекоа без изречени санкции.
За разлика од нив, Себастијан Ветел доби суспендирана парична казна од 25.000 евра за недолично однесување на состанокот на тркачкиот директор со возачите одржан доцна синоќа. Германецот видно исфрустриран го напуштил состанокот своеволно, што не е доволено.
ФЕРСТАПЕН НЕДОСТИЖЕН НА СПРИНТОТ ВО ШПИЛБЕРГ
7/09/2022 06:23:00 PM
0
Share to other apps