Тимот на Алпин реагираше со брзина на светлината и ја објави својата возачка постава за 2023 година.Австралиецот Оскар Пјастри ќе стане тимски колега на Естебан Окон и тој ќе го замени Фернандо Алонсо кој ќе се приклучи на Астон Мартин. Во 2023 година Окон ќе има 26 години, Пјастри ќе има 21 година, возачкиот тандем ќе биде најмладиот и најинтересниот во последните години.
Мелбурнецот се приклучи на академијата на млади возачи на Алпин по неговата титула во Формула Рено шампионатот во 2019 година.
Со нивна подршка веќе следната 2020 година стана Шампион во Ф3, а 2021 година шампион во Формула 2.
Со тоа тој стана само третиот возач кој обезбедил последователни титули во шампионатите на Формула 2 и Формула 3. Другите двајца се Чарлс Леклер и Џорџ Расел.
Оскар Пјастри беше назначен за резервен возач за Ф1 тимот на Алпин на почетокот на 2022 сезоната и оттогаш е подложен на интензивна и сеопфатна програма за обука на приватни тестови во победничкиот A521, минатогодишниот болид на Алпин. Тимот со нетрпение очекува да види како ќе се одвива следната фаза во неговата возачка кариера, заедно со Естебан Окон.
Отмар Шафнауер, тимски директор: "Оскар е брилјантен и уникатен талент. Горди сме што го негувавме и поддржавме низ јуниорските шампионати. Преку нашата соработка во изминатите четири години, го видовме како се развива и созрева во возач кој е повеќе од способен да направи чекор напред кон Формула 1."
"Како наш резервен возач, тој се запозна со работата на тимот на патеката, базата и тестирањата, покажувајќи зрелост, решителност и брзина, целосно заслужувајќи ја можноста да стане наш главен возач, тимски колега на Естебан."
"Веруваме дека оваа двојка на возачи ќе ни обезбеди континуитет што ни е потребен за да ја постигнеме нашата долгорочна цел да се бориме за победи и титули."
Во изјавата на Алпин има коментар од Шафнауер, но не и од Пјастри, што покрева одредени сомнежи дека договорот е едностран и дека младиот Австралијанец е набрзина промовиран за прв возач, како не би имал време да потпише за друг тим, после толку вложувања од страна на францускиот тим.
АЖУРИРАНО: Два часа по објавата на Алпин, Оскар Пјастри соопшти дека нема потпишано ништо со тимот и појасни дека нема да вози за нив во 2023 година.
По ненадејното и неочекуваното заминување на Фернандо Алонсо, Алпин се најде во незгодна позиција, па побрза еднострано да го промовира Пјастри.
Во меѓувреме, Марк Вебер, кој е агент на Пјастри, наголемо работеше да најде место за неговиот клиент во друг тим.
"Дознав дека, без моја согласност, Алпин попладнево излезе со соопштение во кое вели дека ќе возам за нив следната година. Тоа, не е во ред и не сум потпишал договор со нив за 2023 година. Нема да возам за Алпин следната година. "
Сето ова може да се смета за потврда на гласините кои укажуваат дека Оскар веќе има преддоговор со друг тим, и тоа најверојатно Мекларен, но не можеме да го исклучиме и тимот на Вилијамс, бидејќи во последно време во Формула 1 работите може да се сменат во секундата. Ова се совпаѓа и со гласините дека Даниел Рикиардо бил првиот избор да го замени Алонсо на Алпин.
ОФИЦИЈАЛНО: ОСКАР ПЈАСТРИ ЗАМЕНА ЗА ФЕРНАНДО АЛОНСО
8/02/2022 07:00:00 PM
0
Share to other apps