Карлос Саинц Јр. го забележа најбрзото време на петочните тренинг сесии на патеката Марина Беј каде викендов се вози трката за Големата Награда на Сингапур.
Зад Шпанецот се пласираа Леклер, Расел, Ферстапен и Хамилтон. Естебан Окон со Алпин беше најдобар од останатите, пред Валтери Ботас на седмото место, Алонсо на осмото и Перез на деветтото место.
Вториот тренинг е најважен во Сингапур, бидејќи се совпаѓа со саботните квалификации, па тимовите имаат репрезентативни услови за подесување на болидите за најбрзиот круг.
Чарлс Леклер изгуби дваесет минути на првиот тренинг, а истото се случи и во оваа сесија. Болидот беше демонтиран, механичарите го сменија подот. Во своите гаражи се задржаа и возачите на Ред Бул.
Макс Ферстапен ја менуваше предната амортизација, Перез имаше проблеми со балансот на болидот. Холанѓанецот излезе на патеката по изминати 20-тина минути, а Перез и Леклер по половина час. Првиот возач на Ред Бул мораше да се врати повторно во својата гаража поради проблеми со амортизацијата.
Како и на првиот тренинг, немаше посериозни инциденти на патеката. Хамилтон помина низ зоната за излетување на првиот свиок, Ветел во 11-от, Магнусен во 14-от, Ботас во 16-от, Гасли во 18-от.
Фернандо Алонсо и Серџо Перез ја допреа заштитната бариера со задното лево тркало. Интересен момент беше кога болидот на Пјер Гасли се запали на невообичаено место над главата на Французинот и тоа кога неговите механичари го туркаа АТ03 на влез во својата гаража.
Пламенот се појави во близина на горниот отвор за воздух каде се запалиле испарувањата гориво кога бил приклучен алатот за намалување на притисокот во резервоарот со гориво. Гасли успеа навреме да излезе, а механичарите брзо го изгаснаа пламенот.
Луис Хамилтон беше најбрзиот возач на првиот тренинг за Големата Награда на Сингапур. Втор беше Макс Ферстапен, 84 илјадитинки зад Британецот, а Чарлс Леклер трет со четири десетинки заостанување.
Состојбата на патеката во Сингапур традиционално на почеток од викендот е со лизгав асфалт, па возачите беа внимателни при излегување на патеката, како не би завршиле во блиските заштитни бариери.
Леклер излеге на патеката и веднаш се врати во својата гаража поради проблеми со сопирачките по што ги загуби првите дваесет минути ос сесијата, во која немаше посериозни инциденти.
Џорџ Расел погреши при сопирање за влез во 11-от свиок, имаше контакт со заштитната бариера, но без последици по болидот.
Во 39-та минута сесијата беше прекината поради Ленс Строл, кој изгуби контрола врз задниот дел на својот Астон Мартин и удри во бариерите на излез од петтиот свиок.
Не можеше да се врати во својата гаража, и по наредба на неговиот тркачки инженер мораше да го запре болидот, кој мораше да се отстрани од патеката.
Макс Ферстапен направи грешка при сопирање и влета во безбедносната зона покрај 16-от свиок, по што продолжи да се движи.
Да ги споменеме и најновите гласини кои се појави низ падокот во Сингапур.
- Според нив ФИА истражувајќи ги сметките на тимовите за минатата сезона пронашла индиции дека два тима можеби потрошиле повеќе од дозволеното.
Едниот тим е Ред Бул кој има поголемо надминување на буџетот и Астон Мартин со помало пречекорување.
Официјално соопштение на ФИА: "ФИА ја финализира проценката на финансиските податоци за 2021 година поднесени од сите тимови во Формула 1. Сомнителните прекршувања на финансиските регулативи, доколку ги има, ќе се решаваат во согласност со формалниот процес утврден со регулативите."
Кристијан Хорнер, тимски шеф на Ред Бул: "Сите извештаи беа доставени до ФИА уште во март, а на федерацијата и треба долго време да ги анализира. Тие прават се детално, но мислам дека кон средината на следната недела ќе ги објават своите наоди."
"Ние сме целосно уверени дека нашиот начин на работа е целосно исправен, но, како и секогаш, ќе кружат разни гласини, вклучително и некои сериозни обвинувања. Во моментов не сме вознемирени, но изненадувачки е што овие информации стигнале до печатот."
"ФИА тврди дека не знаат како сите овие информации стигнале до медиумите. Чудно е што тоа се одлуки кои сеуште не се донесени. Овие инфомации кои се јавно објавени имаат за цел да ja нарушат нашата репутација."
- Според францускиот Канал+, АлфаТаури постигнала договор со Ник де Врис, кој следната година ќе го замени Пјер Гасли, кој пак ќе замине во тимот на Алпин, каде ќе го замени Фернандо Алонсо.
- Формула 1 и Скај Ф1 објавија дека го продолжиле договорот за соработка до 2029 година, и дека каналот ќе има поголем пристап до ексклузивни информации.
- Хелмут Марко, советникот за мотоспорт на Ред Бул, зборувајќи за тоа како се развива проектот за изградба на погонски единици во нивниот оддел Red Bull Powertrains, истакна дека веќе се обновени преговорите со Хонда за можно продолжување на нивната соработка.
На крај да дадеме и одредена анализа на петочните тренинг сесии на кои Карлос Саинц Јр. го постави реперот. Шпанецот беше агресивен и ги победи Макс Ферстапен, Чарлс Леклер, Луис Хамилтон и остантите, како најава на интересна битка меѓу трите најбрзи тимови до крајот на викендот.
Уште еднаш да напоменеме вториот тренинг секогаш е најважниот во Сингапур, бидејќи е единственот кој што се одржува во време на квалификациите и дел од трката.
Карлос Саинц Јр. излезе на патеката многу рано и не му требаше долго време за да започне да бележи конкурентни времиња на жолтите гуми. Во негова близина беа возачите на МерцедесАМГ, но Шпанецот секогаш изгледаше дека има нешто плус во споредба со Луис Хамилтон и Џорџ Расел.
Со завршување на вториот тренинг не само што го забележа најбрзото време на жолтите, туку тоа го направи и на црвените гуми. И покрај тоа што Ферстапен и Леклер за својот брз круг излегоа во последните моменти од сесијата и имаа најмногу "гумирана" патека, не успеаа да го турнат шпанецот од врвот на табелата.
Но, тренинг сесиите се како што вели и самиот назив само тренинг сесии. На нив не може да го знаеме оптоварувањето на болидот со гориво или мапирањето на погонските единици на секој од возачите.
Плус Моначанецот во тимот на Ферари и Ферстапен имаа многу малку акција на патеката, но забележаа конкурентни времиња. Брзина, се разбира, не им недостасува.
Во последно време, на уличните патеки, па така и на Марина Беј, од борба за победата, не може да се исклучи и Мерцедес АМГ, а Луис Хамилтон на првиот тренинг ни покажа, дека тие нема да се откажат така лесно од борбата за Победа.
Нивниот проблем се квалификациите, додека болидот е многу конкурентен во трка. Состојбата кај Ферари е спротивна, брзи во квалификации, слаби во трка, пред се поради брзото абење на Пирели пневматиците. Но, во Сингапур тоа можеби нема да биде толку важно како на другите патеки поради речиси невозможните услови за претекнување.
Како и да се, битката меѓу Ред Бул, Ферари и Мерцедес АМГ изгледа реална и дава големи шанси да гледаме интересна трка во Сингапур. Кој ќе биде победникот ќе дознаеме во недела.
Плус треба да почекаме и да видиме дали конечно ќе дојде најавуваниот дожд, а во такви услови и други тимови би можело да се вклучат во оваа битка.
ФЕРАРИ НАЈБРЗ, МЕРЦЕДЕС АМГ ВО БЛИЗИНА, РЕД БУЛ ПРЕМНОГУ РЕЗЕРВИРАН
9/30/2022 05:27:00 PM
0
Tags
Share to other apps