Макс Ферстапен доминираше на трката за Големата Награда на Јапонија која беше скратена поради дождот. Холанѓанецот беше под закана од страна на Чарлс Леклер само на стартот, но потоа го наметна своето темпо и ја забележа 32-та победа во кариерата. Потоа, благодарение на казната за Чарлс Леклер, беше прогласен за двократен шампион.
Тоа беше трка што ни ги донесе духовите од минатото, прво, поради можноста да се повтори срамот од Белгија, второ, затоа што 2014 Јапонија не беше толку далеку кога Пјер Гасли помина многу блиску до камион за влечење под режим на безбедносниот автомобил. ФИА, повторно опкружена со контроверзии во Сузука.
По две сезони без Сузука во календарот, Големата Награда на Јапонија оваа година конечно се врати и ни донесе спектакуларен пласман на квалификациите, со најбрзите тројца возачи во разлика од само 57 илјадитинки. Но, денешната трка, сепак, се одвиваше на влажни услови, како и на петочните тренинзи, па сите возачи решија да започнат со интермедиа гумите на Пирели.
Стартот не беше баш најдобар од страна на Макс Ферстапен и тоа му овозможи на Чарлс Леклер да се намести паралелно, дури во еден момент и понапред, но Холанѓанецот со подоцнежно сопирање од надворешната страна на првиот свиок го задржа првото место.
Серџо Перез го престигна Карлос Саинц Јр. и се пласираше на третото место, а шпанецот едвај издржа неколку свиоци плус, кога изгуби контрола над својот болид и заврши во заштитните бариери покрај 12-от свиок. Тоа предизвика излегување на безбедносниот автомобил и на крај црвено знаме.
Поназад во поредокот, Естебан Окон имаше одличен старт и ја задржа својата позиција, но се искачи на четвртото место поради излегувањето на Саинц Јр. Луис Хамилтон беше петти, беше нападнат од Фернандо Алонсо но без претекнување, по што следуваше контакт со Себастијан Ветел и извртување на германецот во првиот свиок. Џорџ Расел беше седми со Даниел Рикиардо, Јуки Цунода и Мик Шумахер.
Во периодот на црвено знаме беше објавено тимското радио помеѓу Пјер Гасли кој со лут тон се обрати до својот тркачки инженер. Французинот се разминал со возилото кое беше пратено на патеката за отстранување на Ферарито на Саинц Јр., што е многу опасно и слично на трката од 2014 година и загинувањето на Жил Бјанки.
Неколку минути подоцна, тркачкиот директор одлучи да закаже рестарт во 07:50 часот, но набрзо се откажа од таа намера.
По повеќе од еден час без активност, ФИА одлучи возачите да се вратат на патеката во 09:15 часот и, изненадувачки, по три круга зад безбедносниот автомобил, тие повторно ја започнаа трката.
Макс Ферстапен потоа ја презеде иницијативата, со Чарлс Леклер зад себе во облак од водена прашина. Речиси сите возачи ги задржаа своите позиции, освен Себастијан Ветел и Николас Латифи, кои заминаа во бокс за да монтираат интермедиа гуми.
Во осмиот круг, гледајќи ги времињата на Ветел и Латифи, речиси сите возачи се упатија кон своите механичари по зелените гуми на Пирели. Единствените кои не го сторија тоа беа Фернандо Алонсо и Мик Шумахер,што им го уништи добриот пласман. Најмногу профитираше Себастијан Ветел, кој беше на задниот дел од поредокот при рестартирањето и сега се наоѓаше на шестото место.
Со сите возачи на интермедиа гуми, Макс Ферстапен ја водеше трката и почна да лета по патеката, додека Леклер се обидуваше да го следи неговото темпо, но безуспешно.
Серџо Перез пак, на третото место, настојуваше да го стигне Моначанецот, а беше безбеден пред Окон, Хамилтон, Ветел и Алонсо. Следуваше Николас Латифи на осмото место, кој, како и Себ, доби повеќе места со вистинската стратегија.
За само неколку круга, извонредното темпо на Макс Ферстапен му овозможи да направи предност од пет секунди пред Леклер. Серџо Перез, исто така, заостана зад двајцата водечки возачи, повеќе од осум секунди од Моначанецот.
Зад нив се одвиваше вистинска борба, бидејќи Луис Хамилтон се залепи зад Естебан Окон, а Себастијан Ветел беше во слична ситуација со Фернандо Алонсо. Понатаму, Расел ги претекна Цунода и Норис за да се искачи на деветтото место.
Како што минуваа круговите, Чарлс Леклер се оддалечуваше во однос на Макс и се приближуваше кон ДРС зоната со Серџо Перез, но возачите почнаа да ги чувствуваат последиците од деградацијата на предните интермедиа гуми и почнаа да размислуваат за застанување во бокс. Тоа ќе беше логички потег ако трката се возеше до 53-от круг, но со останати помалку од 20 минути до финишот беше ризичен потег.
Некои возачи од долниот дел на поредокот се решија да монтираат нов сет на интермедиа пневматици, по што беа многу брзи, но за водечките тоа не беше опција, туку позицијата на патеката имаше предност. Ферстапен и понатаму беше на врвот, со 16 секунди предност пред Леклер, кој беше под притисок на Перез. Сите успеваа да ги задржат позициите, освен Латифи кој беше претекнат од Расел за 8то место.
На крајот, Ферстапен ја мина целната линија за нова победа и иако тогаш не го знаеше тоа, веќе ја имаше втората титула во рака. Леклер, по убавата борба со Перез во последниот круг, заврши како втор, но доби казна од пет секунди за прескокнување на последната шикана и не само што му го даде второто место на мексиканскиот возач, туку и шампионската титула на Холанѓанецот.
Од своја страна, Естебан Окон заврши одлична трка, издржувајќи многу кругови под силниот притисок на Луис Хамилтон за четвртото место. Фернандо Алонсо кој смени гуми, брзо помина неколку возачи и во последниот круг му фалеа само единаесет илјадитинки за шестото место на Себастијан Ветел. Џорџ Расел, Николас Латифи и Ландо Норис го заокружија пласманот на освојувачи на поени.
ПОЈАСНУВАЊЕ: Исходот од Големата Награда на Јапонија, а потоа и шампионатот кај возачите, бидејќи Ферстапен е веќе двократен шампион, не можеше да биде покомплексен. ФИА ги додели сите поени на оваа трка и тоа е затоа што, иако 75% од круговите не се завршени, таа заврши регуларно со развеано црно-бело знаме за крај.
Априори, сè укажуваше дека распределбата на поените ќе биде помала поради фактот што се нема комплетирано повеќе од три четвртини од вкупното растојание, но членот 57.5 од меѓународниот спортски кодекс вели дека ќе се доделат помалку бодови само ако трката биде прекината пред време со равеани црвени знамиња.
Поради оваа причина, иако се завршени само 29 круга од трката, 26 со зелено знаме, возачите ги добиваат истите поени како трката да била возена во целост.
МАКС ФЕРСТАПЕН ДВОКРАТЕН ШАМПИОН
10/09/2022 02:05:00 PM
0
Share to other apps