Непосредно пред финишот на Големата Награда на Сао Пауло, тимот на Ред Бул побара од Макс Ферстапен да го пушти Серџо Перез да оди напред. Мексиканецот се бори со Чарлс Леклер за второто место во шампионатот на возачи, но Макс отворено одби да ги постапи по тоа барање.
По финишот на трката, Ферстапен, одговарајќи на прашања од медиумите, само рече: "Разбирам дека Серџо е вознемирен. Но, на тимот му ги дадов моите причини, тоа е поврзано со нешто што се случило во минатото."
Холанѓанецот одби да даде подетални коментари. Како резултат на тоа, на една трка до крајот на шампионатот, Леклер и Перез имаат еднаков број бодови, по 290, но возачот на Ферари е понапред, бидејќи има повеќе победи на своето конто.
Сега нешто што го забележавме уште во Мексико, може со сигурност да го потврдиме дека во шампионскиот тим владее тензична атмосфера меѓу двајцата возачи. Она што Чеко го навести на домашната трка, доста јасно го кажа по трката во Бразил.
"Тој го покажа своето вистинско лице. Ако има две титули, тоа е благодарение на мене."
По ова се наметнува прашањето: Kој е главен во Ред Бул, и како ќе се развиваат понатамошните односи меѓу тимските колеги?
Никој не го поврзува овој настан со еден друг, но ние веруваме дека ова може да е последица и на гласините за наводното потпишување договор помеѓу Ред Бул и Даниел Рикиардо како резервен возач. Дали тоа е вистинската причина која ги разгоре страстите во тимот?!?
Она што е јасно е дека Ферстапен добива целосна слобода, а нема дилема дека е побрз од Перез и не случајно сезонава победи на 14 трки и ја освои својата втора шампионска титула.
Исто така, јасно е дека возачите на ова ниво секогаш се карактеризираат со себичност, инаку немаше да постигнат таков импресивен успех. Сепак, Ферстапен на оваа трка требаше да ги стави интересите на тимот пред своите, особено во ситуации кога тоа се бара од него. Пред се,Формула 1 е тимски спорт, во кој нити еден возач не смее да биде поголем од тимот.
По вчерашната трка, на социјалните мрежи се појавија безброј коментари на револтирани фанови, кои не бираат изрази, изразувајќи го својот револт кон Холанѓанецот на крајно емотивен и вулгарен начин.
Таквите фанови, немаат ништо заедничко со Формула 1 и се јаки само на тастатура. Горди сме што не дозволивме нити еден таков коментар да помине на нашите социјални канали, многу често и на наша штета.
Еве неколку цивилизирани мислења на поранешни Ф1 возачи на оваа тема.
Ралф Шумахер: "Мислам дека Серџо Перез, во неговата прва година со Ред Бул, покажа колку може да направи за тимот. Мислам дека е време Макс да го врати овој долг, но тој демонстрираше менталитет на street fighter, што е манифестација на себичност."
"Секако дека постигна огромен успех, но не сум сигурен дека овие постапки вредат на шампионски возач. Макс мора добр да извага пред да каже нешто брзоплето, и да ја ублажи својата тврдоглавост.
Тимо Глок: "Сега Серџо ќе размисли дали да му помогне на Макс во иднина. Не заборавајте што направи за Ферстапен минатата година, а сега се работеше само за шестото место на трката. Беше возможно да му се даде шанса на Перез да забележи неколку поени плус."
Секако, оваа епизода ги потсети сите на една друга приказна поврзана со истиот тим, но која се случи пред девет години, кога Себастијан Ветел не ги следеше наредбите на тимот за време на Големата Награда на Малезија во 2013 година, и му ја одзеде победата на Марк Вебер.
Јасно е дека сега влогот не беше толку голем, но сè уште има сличности меѓу двете епизоди, бидејќи Ветел тогаш, обидувајќи се да ги оправда своите постапки, зборуваше и за неговите минати поплаки.
По трката во Сао Пауло, Ферстапен јасно стави до знаење дека во Абу Даби доколку има потреба ќе му помогне на тимскиот колега и ќе го поддржи. Но, јасно е дека атмосферата во тимот повеќе нема да биде така поволна и пријателска како што изгледаше до неодамна.
На крајот, да ги цитираме зборовите на Перез како одговор на прашањето дали му е важно тимските колеги да имаат еднакви шанси во тимот: "Секако, важно е. Во спротивно, нема смисла за мене." Дали Мексиканецот живее во илузија?
РАЗГОРЕНИ СТРАСTИ ВО РЕД БУЛ И НИВНИТЕ МОЖНИ ПОСЛЕДИЦИ
11/14/2022 08:21:00 PM
0
Share to other apps