Тимот на Хас Ф1 потврди дека по завршувањето на 2022 сезоната завршува партнерството со Мик Шумахер. Следната година тимски колега на Кевин Магнусен ќе биде 35-годишниот ветеран Нико Хулкенберг, учесник на 181 Ф1 трки, кој има возено за Вилијамс, Форс Индија, Заубер, Рено, Рејсинг Поинт и Астон Мартин.
Гинтер Штајнер, шеф на тимот: "Би сакал да му се заблагодарам на Мик за неговиот ангажман во тимот во последните две години. Неговите достигнувања во младинските категории се добро познати и за време на неговото време со Хас тој продолжи да расте и да се развива како возач."
"Донесовме одлука да се разделиме со Мик, му посакуваме континуиран успех во кариерата."
Германскиот возач му се приклучи на Хас во декември 2020 година, освојувајќи ја титулата во Формула 2 таа година. Неговиот најдобар резултат во две сезони со американскиот тим беше 6-то место на Големата Награда на Австрија, една недела по Големата Награда на Велика Британија, каде што заврши осми, забележувајќи ги своите први поени. Пред последната трка од сезоната, Мик го зазема 16-то место во поредок на возачи со освоени 12 поени на своето конто.
"Многу сум среќен што Нико Хулкенберг се враќа назад во Формула 1. Тој ќе го донесе своето искуство и знаење во тимот," вели Гинтер Штајнер. "Нико има скоро 200 стартови во Ф1 и отсекогаш бил брз и сигурен возач. Овие квалитети, во комбинација со искуството на Кевин Магнусен, ни даваат многу сигурен и искусен возачки состав кој ќе му помогне на тимот да постигне повеќе."
"Тоа беше причината за враќањето на Нико во Формула 1, тој ја споделува нашата визија и може да биде клучен играч, заедно со остатокот од тимот, во градењето на успехот што го изградивме оваа година со враќање во борбата за бодовите."
Нико Хулкенберг: "Многу сум среќен што се враќам во Формула 1 со тимот на Хас. Сепак, постои чувство дека никогаш не ја напуштив Формула 1. Драго ми е што можам повторно да го работам она што најмногу го сакам и сакам да им се заблагодарам на Џин Хас и Гинтер Штајнер за нивната доверба."
"Имаме многу да направиме за да се бориме рамноправно со другите тимови од средината на поредокот. Со нетрпение очекувам да се вратам во болидот."
Хулкенберг ќе се приклучи на Хас во вторник на 22 ноември, учествувајќи на тестот во Абу Даби. Нико ќе го вози тековниот 2022 болид заедно со резервниот возач на тимот Пјетро Фитипалди.
Набргу по објавувањето на веста, Мик Шумахер даде официјална изјава преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека не го крие своето разочарување.
"Ова ќе биде мојата последна трка за Хас Ф1. Не сакам да кријам дека одлуката на тимот да не ми го продолжи договорот многу ме вознемири. Сепак, би сакал да им се заблагодарам на Хас и Ферари што ми ја дадоа можноста."
"Годините на заедничка работа помогнаа да се подобри техничката обука и да се стане позрела личност. Сфатив колку ја сакам Формула 1, токму кога почнаа тешкотиите. Понекогаш работите не беа лесни, но постепено се претставував подобро, научив многу и сега знам дека заслужувам место во Формула 1."
"Оваа тема не е затворена за мене. Тешкотиите само ќе ме направат посилен. Ќе се борам да се вратам во Формула 1."
Текстот на изјавата на Мик, објавен на два јазика, на германски и на англиски, завршува со кратенката PTW, што во овој случај означува дека синот на седумкратниот Ф1 шампион има намера да им докаже на сите свои критичари дека грешат.
ОФИЦИЈАЛНО: ШУМИ ЈР. АУТ, ХУЛК ВО ХАС ЗА 2023 ГОДИНА
11/14/2022 02:03:00 PM
0
Share to other apps