Макс Ферстапен, по пропуштениот прв тренинг, беше убедливо најбрзиот возач на вториот тренинг за Големата Награда на Абу Даби. Мерцедес АМГ повторно се најде во предниот дел, во конкуренција на Ферари и Ред Бул.
Втората тренинг сесија во Абу Даби е најдобрата сесија за пронаоѓање на вистинските поставки на болидите, бидејќи се совпаѓа со клучните сесии за викендот,т.е. квалификациите и трката.
По нетипичниот прв тренинг, со многу млади возачи во болидите, поради недостаток од комплетирани кругови, многу возачи брзо излегоа на патеката за да ја "почувствуваат" асфалтот на Јас Марина.
По првиот стинт со жолтите гуми како најбрз во повеќето кругови, Макс Ферстапен беше првиот што се појави со црвените гуми и веднаш се искачи на првото место. Набргу и останатите започнаа со брзи квалификациски круга, но никој не успеа да го подобри времето на Холанѓанецот.
Макс Ферстапен заврши три десетинки пред Џорџ Расел, четири пред Леклер, шест пред Луис Хамилтон и Перез и Саинц Јр. на нешто повеќе од седум десетинки.
Возачите на Алпин го имаа најбрзото време во останатиот дел од табелата, со Окон на седмото и Алонсо на осмото место пред Даниел Рикиардо и Валтери Ботас кој го заокрија Топ 10 пласманот.
Мерцедес АМГ ја предводеше табелата на првиот тренинг во Абу Даби, со Луис Хамилтон прв и Џорџ Расел втор. Сесијата во која учествуваа осум млади возачи и која заврши со голема рамноправност меѓу првите четворица возачи: Хамилтон, Расел, Леклер и Перез разделени во само три десетинки.
На почетокот на тренингот асфалтот беше 47ºC со 34ºC амбиентална температура. Одлика беше учеството на Фелипе Другович во Астон Мартин, Роберт Шварцман во Ферари, Пато О'Вард, Мекларен, Пјетро Фитипалди, Хас, Џек Дуан, Алпин, Роберт Кубица во болдиот на Алфа Ромео, Логан Сарџент, Вилијамс, и Лиам Лосон зад воланот на шампипонскиот Ред Бул.
Тренингот не започна најдобро за О'Вард, кој во првиот круг пријави проблем со болидот што го принуди да се врати во својата гаража. Мекларен успеа да ги поправи проблемите во болидот на О'Вард. Мексиканецот се врати на патеката со жолти гуми и беше петнаесетти, повеќе од една секунда зад најдоброто време на Перез.
На половина од сесијата Сарџент го имаше единствениот инцидент на тренинг сесијата кога се изврте во првиот свиок, но без поголеми последици по болидот.
Мерцедес АМГ, еден од само двата тима со првата постава на патеката, стартуваа подоцна во сесијата. Луис Хамилтон беше единаесетти, а Џорџ Расел петнаесетти, и двајцата повеќе од секунда и половина од најбрзото време.
Во вториот дел од сесијата повеќето возачи се префрлија на нови црвени гуми за квалификациски симулации. Алекс Албон беше првиот кој го презеде првото место, што отсликуваше како патеката се подобрува како што се одвиваше сесијата.
Следен кој го подобри најбрзото време беше Валтери Ботас, исто така со нови меки гуми, но тоа траеше до комплетирање на најбрзиот круг на Перез кој постави време од 1:26.967.
Леклер беше следниот кој го подобри времето, но, тоа не траеше долго, бидејќи Хамилтон го презеде водството. Џорџ Расел исто така напредуваше и се најде на второто место, две десетинки зад својот тимски колега и 35 илјадити зад Моначанецот.
Во последните неколку минути, времињата едвај се променија, бидејќи возачите се посветија на долгите стинтови. Од младите возачи, најбрз беше Лосон, кој заврши на петтото место со Ред Бул.
Заедничките фотографии на Формула 1 возачите не се честа појава, со исклучок на задолжителните за почеток и крај на сезоната во возачките униформи, но, вчера сите возачи кои се натпреваруваат во 2022 сезоната се собраа од друга причина, која заслужи да биде овековечена.
Себастијан Ветел ја завршува кариерата, па во ресторанот Хакасан, еден од најдобрите ресторани во Абу Даби, беше приредена специјална вечера под мотото "Ти благодарам Себ!"
Сепак, не само што четирикратниот Ф1 шампион викендов се разделува со Формула 1, туку и следната година на стартниот грид нема да ги гледаме Даниел Рикиардо, Николас Латифи и Мик Шумахер.
Многу од возачите оставија кратки коментари на социјалните мрежи по вечерата, истакнувајќи дека во четвртокот вечерта си поминале многу убаво и во искрена атмосфера. Еве само неколку од нив:
- Пјер Гасли: "Прекрасна вечер, прекрасни разговори, славно и блиско друштво! Честитки за Себастијан Ветел!"
- Ландо Норис: "Најдобриот момент во 2022 година посветен на Себастијан!"
- Џоу Гуанју: "Одлична вечер со момците, добро се насмеав!"
- Џорџ Расел: "Одлична вечер со сите, посветена на последната трка на Себастијан!"
- Карлос Саинц Јр.: "Сите пристојни тркачи, но како луѓе се уште подобри. Беше забавно!"
Големата Награда на Абу Даби ќе биде последна трка, барем засега, за Даниел Рикиардо со Мекларен. До денес официјално не е објавено каде австралискиот возач ќе ја продолжи кариерата, но по првиот тренинг Хелмут Марко за германскиот Скај Спорт го потврди неговото враќање во Ред Бул.
Во 2023 година, Рикиардо најверојатно ќе биде развоен возач на овој тим. Во исто време, Лиам Лосон ќе биде резервен возач на Ред Бул и Алфа Таури за следната сезона. Поточната улога на Даниел Рикиардо, дали само како демо возач или нешто друго ќе биде позната кога се ќе биде официјализирано.
Даниел Рикиардо возеше за Ред Бул од 2014 до 2018 година, забележувајќи седум победи и завршувајќи на третото место двапати во сезоната.
НАЈБРЗИТЕ ТРИ ТИМА ВО НАЈДОБРО СВЕТЛО НА ЈАС МАРИНА
11/18/2022 04:25:00 PM
0
Tags
Share to other apps