Макс Ферстапен го забележа најбрзото време на вториот тренинг за Големата Награда на В.Британија, но Карлос Саинц Јр. заостана само 22 илјадитинки зад Холанѓанецот во оваа прилика.
Вилијамс продолжи со добриот настап, двата болиди се најдоа во Топ 5 пласман. Но, дали тоа беше само за петочните наслови?!?
Сите се сомневаме во лошиот пласман на возачите на Мерцедес АМГ, кои најверојатно ќе воскреснат во текот на утрешниот ден!
Почетокот на вториот тренинг мораше да се одложи, по инцидентот за време на квалификациите во Формула 2, неопходно беше да се поправат заштитните бариери.
Доцнењето се покажа мало, само пет минути подоцна се вклучи зеленото светло на излезот од пит-линијата.
Леклер не можеше да се вклучи во акцијата на патеката, механичарите на Ферари се обидуваа да ги пронајдат проблемите со електриката на неговиот болид, поради што ја загуби целата сесија. Лош почеток на викендот за италијанскиот тим.
Откако на првата тренинг сесија повеќе се работеше на белите и жолти гуми, на втората тренинг сесија возачите активно користеа црвени гуми, но поплаките дека нема доволно грип се слушаше често и на овој тренинг.
Алекс Албон повторно изненади со пласманот на третото место, само две десетинки зад Ферстапен. Серџо Перез беше четврти, сместен меѓу возачите на Вилијамс, со Ленс Строл на шестото место. Алонсо заврши десетти, а Мерцедес АМГ беше надвор од Топ 10 пласман.
Џорџ Расел и Луис Хамилтон продолжија со своите тешкотии да комплетират брзи кругови на црвените гуми. Дали толку веруваат во своето темпо и се фокусираа на што подобар сет-ап на болидот за неделната трка, останува да видиме во текот на утрешниот ден.
Девет тимови претставија одредени технички иновации на Силверстоун, а само болидите на Ферари останаа исти како и во претходната трка во Австрија.
РЕД БУЛ
Ред Бул го искористи умерениот стрес применет на сопирачките на Силверстоун, па предните канали за ладење на сопирачките се намалени.
МЕРЦЕДЕС АМГ
Предните крила на болидите на Мерцедес АМГ се целосно редизајнирани, а тимот очекува да биде во можност поефективно да го контролира протокот на воздух во поширок опсег на позиции на болидот, како и оптимално да се насочи протокот по болидот при минување низ свиоците со голема брзина.
АЛПИН
Ажурираното предно крило треба да работи подобро во бавните свиоци, но истовремено, неговата ефективност при големи брзини нема да се влоши.
МЕКЛАРЕН
Втората од три фази на надградба на болидот беше темпирана да се совпадне со Британското Гран При. MCL60 има нова архитектура на носот и предното крило, вклучувајќи ги и крајните плочи. Променети се каналите за ладење на задните сопирачки, како и минимална измена на задната амортизација.
АЛФА РОМЕО
C43 доби голем број подобрувања за да се подобри неговото однесување во бавните свиоци. Променета е геометријата на долниот дел од подот, неговите рабови и дифузерот. Променет е обликот на канали за ладење на задните сопирачки и облогите на задната амотизација, се со цел за оптимална интеракција со надградениот под.
АСТОН МАРТИН
Геометријата на предното крило е малку променета, што е направено за да се подобри аеродинамичната рамнотежа во однос на патеката Силверстоун. Имајќи го предвид фактот дека во Силверстоун оптоварувањето на сопирачките не е најголемо, елементите на системот за ладење на дискот на задните сопирачки е изменет.
ХАС
Предниот крај на Вентури тунелите е редизајниран како дел од пакетот за надградба кој исто така вклучува подобрени облоги на предната суспензија за насочување на протокот на воздух. Променет е и долниот елемент на дополнителното задно крило.
АЛФАТАУРИ
AT03 доби мноштво надградби, првенствено насочени кон елиминирање на недостатокот на ефикасност на шасијата низ бавните свиоци. Променета е геометријата на подот, неговите рабови и дифузорот.
Капакот над погонската единица и менувачот стана поширок, што е направено за да се подобри ефикасноста на аеродинамиката на задниот дел на болидот. Исто така, редизајнирано е и задното крило, кое стана пошироко во централниот дел и нешто потесно кон рабовите.
ВИЛИЈАМС
Специјално за трката во Силверстоун, FW45 доби предни и задни крила дизајнирани за помал отпор.
МАКС ЗА ВЛАКНО ПОБРЗ ОД САИНЦ ЈР., ЛЕКЛЕР СО ПРОБЛЕМИ
7/07/2023 04:50:00 PM
0
Share to other apps