Ред Бул Ринг втора година по ред е домаќин на тркачки викенд со спринт формат. Во однос на 2022 година, форматот е променет на подобро, најбрзиот во петочните квалификации е освојувач на Пол позицијата за неделната трка, што повеќе не ги збунува новинарите и пред се статистичарите.
Вториот тренинг е заменет со спринт престрелка, еден вид скратени квалификации за попладневниот спринт, кој пак е мини трка од 100км. Резултатите од спринтот не влијаат на стартниот редослед за денешната трка.
Вака се изгледа многу подобро, и не е јасно зошто тоа не е направено веднаш, плус веќе почнавме да се навикнуваме на вакви викенди. Тие носат повеќе пари за промоторите на настаните, па логично е што раководството на Формула 1 настојува да има се повеќе вакви викенди. Како ќе се одвиваат работите на овој план ќе покаже времето.
Патеката се наоѓа на Алпите на надморска височина од околу 660 метри. Таа има STOP/GO карактеристики, со висока просечна брзина, висока максимална брзина и средно побарување во однос на потисната сила.
Таа е спој на брзи правци со бавни и средно брзи свиоци, т.е. основата ја чинат 4-те правци кои завршуваат со остри свиоци, што значи дека добрата тракција и максималната брзина на правците се главните фактори за што побрз круг.
Има три места каде максимално се оптоваруваат сопирачките, но времето кое возачите остануваат со ногата на сопирачката е релативно ниско и се проценува на околу 9 секунди.
Сопирањето е во блиски интервали и тоа го отежнува ладењето на сопирачките, но и поради присуството на поредок воздух.
Патеката нуди повеќе можности за претекнување, не само поради присуството на три ДРС-зони, туку и нејзината широчина од 12 метри.
Сепак, главната можност за претекнување е третиот свиок (Ремус), каде што возачите по наглото сопирање се движат низ овој свиок во прва или втора брзина.
Како контраст на него е 9-от свиок (Ринт), кој возачите го поминуваат во шеста брзина и ги бараат лимитите на нивниот болид и нивната решителност. Овој викенд причина за многу избришани времиња на возачите кои не успеваа да останат во границите на патеката.
Големата Награда на Австрија се состои од 71 круга поради кратката должина на патеката. Пирели ги номинираше најмеките смеши од својот опсег.
На хартија, најбрзата стратегија се чини дека е со две застанувања во бокс, со почетен стинт на жолти, потоа префрлување на бели, за крај повторно назад на жолтите гуми. Или за оние кои имаат на располагање два комплети бели гуми, уште еден стинт на натврдата смеша за оваа трка, C3.
Стратегијата со едно застанување за промена на гуми, жолти-бели, исто така може да биде конкурентно, но гледајќи како се одвиваше минатогодишната трка, тоа е помалку атрактивна опција од правење два пит-стопа.
Марио Изола, Пирели: "Саботата беше многу интересен ден, при што времето создаде микс од различни ситуации и достапни опции кои често ги прават трките во Формула 1 понеизвесни и спектакуларни. Ова веќе го видовме во Спринт престрелката, но тоа беше уште поочигледно на Спринтот, каде имаше многу промени на позиции, и тоа милисекунди до самиот финиш."
"На пример, ако ги погледнеме возачите на Астон Мартин кои ги извозеа сите 24 круга на зелените гуми и Хулкенберг, кој стартуваше на зелени, а потоа се префрли на гуми за суво, жолти, во последните седум круга, тие завршија во разлика од само една секунда, што покажува дека и двата избора се валидни."
"Сумирајќи, мислам дека можеме да кажеме дека новиот Спринт формат навистина додава уште повеќе шоу во Формула 1."
"Од гледна точка на гумите, вчерашниот ден ни овозможи да спроведеме уште подлабока анализа на многу важната тема во Формула 1, таа за времето на премин од гуми за влажно време кон гуми за сув асфалт. Точката на вкрстување беше на 112% од референтното време."
"Како што се предвидуваше, дождот ја одигра својата улога, но за неделната трка се очекува суво време со значително повисоки температури, иако не на нивото што го видовме на тренинг сесијата."
"Со само еден тренинг, нема толку многу достапни податоци со кои може да се направи опсежна анализа на однесувањето на гумите на долги стинтови, но мислиме дека црвените гуми нема да бидат користени, така што изборот се сведува на жолти и бели."
"За крај, во име на Пирели, би сакал да изразам сочувство за смртта на Дилано Ван’т Хоф, кој почина по тркачкиот инцидент на регионалната трка на Европскиот Формула шампионат во Спа-Франкоршамп."
"Тоа е трагедија, која уште еднаш не потсетува дека трките понекогаш може да бидат суров спорт и степенот до кој безбедноста секогаш мора да биде императив за сите оние кои се вклучени во мотоспортот."
МЕСТО ЗА НАЈНОВИ ВЕСТИ (ќе биде ажурирано):
Патеката во Силверстоун, каде што следната недела ќе се одржи 10-тата трка од 2023 сезоната, многу тимови ја нарекуваат домашна. Па така имаме мравјалник, каде што гостите доаѓаат кај сите во исто време.
Само Ферари во Монца и Ред Бул во Шпилберг имаат навистина ексклузивни домашни трки. Овие два тимови се две спотивности на Формула 1. Ферари заработи репутација со производство на одлични спортски автомобили достапни само за најбогатите луѓе, а Ред Бул првично беше третиран со потсмев, често наречени едноставно како "лименки", бидејќи го произведуваат најпознатиот енергетски пијалок.
Но, во спортот главен е резултатот, а со текот на годините и ставот се менува. Ред Бул Рејсинг дебитираше во 2005 година и досега има настапено на 355 трки, победувајќи на 100 од нив и 6 Шампионски титули. Во истиот период Ферари победи на 60 трки и има 2 титули.
Статистиката од последните две сезони е уште поубедлива, 25 победи за Ред Бул, 4 за Ферари и 1 за Мерцедес АМГ. Импресивна супериорност. Па така, овој викенд имаат многу причини за забава и уживање. Многу лименки Ред Бул ќе се испијат овој викенд.
Трибините се целосно исполнети и обоени во портокаловите бои на фановите на Макс Ферстапен. Во 2021 година Ред Бул победија на двете трки во Шпилберг, а на минатодишната трка забележаја Победа на спринтот, но Леклер победи на трката. Оттогаш Чарлс повеќе не победи, а Ферстапен има 15 победи.
Ник де Врис имаше слаб настап во квалификациите, освојувајќи го последното стартно место. Искористувајќи го ова, во АлфаТаури одлучија да ги заменат акумулаторот за електрична енергија, инсталирајќи го третиот од двата дозволени и контролната електроника, исто така третата од две дозволени. Казната за Холанѓанецот ќе биде старт од пит-линијата.
Најновата вест која доаѓа од Ф1 падокот во Шпилберг и која ја објави Франц Тост е дека АлфаТаури во иднина ќе има седиште во Англија. Веста доаѓа само неколку дена откако се дозна дека тимот ќе го промени своето име во 2024 година.
Веќе знаеме дека Франц Тост нема да продолжи да го води тимот, бидејќи на негово место како тимски шеф доаѓа фераристот Лоран Мекис, а извршен директор ќе биде Питер Баер.
Пред почетокот на трката за Големата Награда на Австрија, инженерите на Хас ги променија поставките на болидот на Кевин Магнусен. За ова Данецот е казнет и ќе сму се придружи на Ник де Врис за старт од пит-линијата. Првично, трката требаше да ја започне од 19-тата позиција.
Барањето на Мекларен за преиспитување на казната за неспортско однесување на Ландо Норис во Канада беше одбиено од страна на стјуардите.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА АВСТРИСКОТО ГРАН ПРИ
7/02/2023 11:40:00 AM
0
Share to other apps