Џорџ Расел го имаше најбрзото време на првиот тренинг за Големата Награда на Унгарија, патека каде што минатата година ја освои Пол позицијата.
Британецот беше најбрз во последниот дел од сесијата, која ја одбележи Серџо Перез кој имаше излетување и судир со бариерите, и тоа на само 3-4 минути од почетокот.
Мексиканецот ја загуби контролата над својот болид на влез во 5-от свиок и заврши во заштитните бариери, значително уништувајќи го својот РБ19, со новите елементи донесени за Хунгароринг. Малерозната серија за него никако да заврши...
Инцидентот на Перез влијаеше и на плановите на остатокот од гридот, бидејќи се изгуби драгоценото време додека болидот на Ред Бул беше отстранет од патеката.
Откако се врати зеленото знаме, возачите можеа да извозат само еден круг пред да почне да врне силен дожд. Патеката стана невозможна за возење со гуми за суво, па дури и Валтери Ботас излета во третиот сектор.
На табелата немаше нити едно забележано време, ризикот од излетување беше многу голем, дури и со зелените интермедија гуми на Пирели, па никој не сакаше да влезе во неволја.
Неколку возачи се решија да направат инсталациски круг на зелените пневматици. Луис Хамилтон прв излезе на патеката и повеќето од нив тоа го направија веднаш зад него. Секако, никој не форсираше, бидејќи остатокотѕ од викендот се очекува да биде со сува патека.
Валтери Ботас беше првиот кој комплетираше цел круг за да се забележи време на табелата и беше следен од двата возачи на Вилијамс. Патеката беше екстра лизгава, а тоа на своја кожа го почувствува и Карлос Саинц Јр., кој излета и се заглави во тревата.
Следуваше нов период на црвено знаме, а стјуардите некако успаеја да гоистуркаат назад на патеката. Неговото Ферари не беше многу оштетено, се скрши само завршната плоча на предното крило.
Кога сесијата беше рестартирана, одредени возачи продолжија да акумулираат километража на зелените пневматици, додека Макс Ферстапен ја следеше акцијата од својата гаража.
Фернандо Алонсо беше пред неколку минути во акција, но потоа Џорџ Расел и Оскар Пјастри под ризик на излетување нагазнаа повеќе на гаста и се бореа за првото место на табелата.
Британецот и Австралиецот се разменуваа на првата позиција, дури во пет наврати, но Расел последен ја мина целта. Тоа му даде предност за забележување на најбрзото време, две десетинки пред Пјастри.
Ленс Строл беше трет, а заостанување повеќе од секунда покажува зголемениот ризик за двајцата најбрзи возачи. Ландо Норис беше четврти, пред Алонсо и останатите возачи со над две секунди заостанување.
Кам-бекот на Даниел Рикиардо, кој го замени Ник де Врис, е одложен за вториот тренинг кој започнува во 17:00 часот.
ЏОРЏ РАСЕЛ НАЈБРЗ НА ДОЖДЛИВИОТ ХУНГАРОРИНГ
7/21/2023 12:58:00 PM
0
Share to other apps