Спринт викендите по се изгледа ќе останат дел од Формула 1 шампионатите, но раководството на врвниот мотоспорт се уште се обидува да го пронајде вистинскиот формат, што ги задоволува нејзините потреби и цели.
Оваа сезона имавме промена на форматот на спринт викендите, се воведе Спринт Престрелка, но веќе се размислува за нови промени од следната сезона. Спринтот се појави во Формула 1 во 2021 година, три викенди кои служеа како квалификации за неделната трка. Формат кој беше задржан во 2022 година.
За оваа, 2023 сезона, бројот на спринт викенди се искачи на шест и непосредно пред првиот спринт викенд, во Баку, ФИА и Ф1 го променија форматот: во петокот се квалификации за трката, додека во сабота се одржува Спринт престрелка, т.е квалификации за спринт со однапред одредени гуми, и спринтот, кој повеќе не влијае на стартниот редослед за трката.
Спринтот, како и промените направени потоа, беше воведен со цел да се зголеми спектаклот и интересот на публиката. И, со истата цел, Формула 1 размислува за нови промени за следната година.
Бројот на викенди со спринт формат би останал ист и во 2024 година, но според Стефано Доменикали, тие планираат да направат "Гренслем".
"Ќе има шест спринт викенси кои ќе ги објавиме во септември, бидејќи имаме закажан состанок на Комисијата за Формула 1 за викендот на Големата Награда на Белгија."
"Постои предлог што би сакал да го кажам, во согласност со концептот на "Гренслем": возачите кои ќе ги освојат двете Пол позиции и двете победи за време на викендот да бидат наградени со нешто дополнително, што добро го претставува она што го оствариле."
Доменикали не прецизираше каква ќе биде наградата за постигнување на "гренслем", но тоа може да биде повеќе поени или едноставно трофеј, како што е случајот со Пол позициите.
Друг аспект што може да варира следната година е распоредот. Во игра е варијантата Спринт престрелката да се одржи во петок, Спринтот се преместува во сабота наутро и квалификациите за неделната трка да се одржуваат во сабота попладне, како и за време на викендите со вообичаен формат.
Исто така, распределбата на пневматиците и прописите на затворениот паркинг (parc fermé), исто така, ќе бидат предмет на дебата во наредните месеци.
А Ф1 фановите?!? Тие сигурно не се прашуваат, но на дел од нив сигурно им се допаѓа овој формат, особено кога имаме сезони од овој тип, кога еден тим е над сите останати. Но, континуираното "американизирање" на Формула 1 не е баш решение по наш вкус.
Најголемиот проблем на Формула 1, денес, и во последните 15-тина години, е што имаме јасно доминантен тим над останатите. Проблемот е во недела, ТРКАТА, а тоа е основата на овој спорт.
Доколку би имало борба за победата помеѓу 2, 3 или повеќе тимови, нема потреба од спринтови, ниту млатење празна слама.
Најдобрите трки и најдобрите квалификации биле кога има болиди во иста лига кои можат да се борат за првото место на табелата, без потреба од чудни глупости.
СТЕФАНО ДОМЕНИКАЛИ РАЗМИСЛУВА ЗА "ГРЕНСЛЕМ"
7/14/2023 08:48:00 PM
0
Share to other apps