Фановите на Формула 1, во кои спаѓаме и ние, со нестрпливост и загриженост ја очекуваме одлуката на ФИА за прием на нови тимови во врвниот мотоспорт.
Можност што добар дел од актуелните тимови ја одбиваат и што се чини дека не го задоволува ниту Стефано Доменикали, директорот на Либерти Медија, сопственикот на Формула 1.
Од Германските медиуми доаѓаат гласини дека влезот на Андрети-Кадилак веќе практично има зелено светло, на кој би можело да им се приклучи и Хајтеч, кој ги има исполнето сите услови за влез во шампионатот.
Мохамед Бен Сулејем, претседателот на ФИА, неодамна изјави дека ќе биде многу тешко да му се каже НЕ на Џенерал Моторс. Автомобилскиот гигант секогаш придонесува и конфронтација со Форд ќе донесе дополнителен бум на зголемениот интерес што Ф1 го буди на клучниот американски пазар.
Но, како што веќе знаеме, од кога Американци ја контролираат Формула 1, таа е се помалку спорт, туку со секој изминат ден влече повеќе кон спектакл, се помалку има "фер-плеј", туку повеќе шоу-бизнис, т.е. производ за продажба. И сето тоа со политичка заднина, онаа на демонстрација "кој е тука главен".
Мајкл Шмит, од АМуС, истакнува дека кандидатурата на Хајтеч ја радува ФИА. Како тим докажале солвентност во пониските категории и соодветно финансирање, надминувајќи ги критериумите што ги бара ФИА.
Шмит, еден од најдобро информираните новинари во Ф1, отворено вели: "Изгледа Андрети и Хајтеч ќе добијат зелено светло од ФИА. И двете ги исполнуваат условите во однос на технологијата, персоналот и финансиите."
Но сегашните тимови, на кои им се брцнува во теглата со мед, се спротивставуваат на проширувањето, во некои случаи и жестоко.
Тие мора да додадат вредност на Формула 1... Некои патеки немаат соодветни гаражи за 22 болиди... Падокот е мал... Повеќе болиди на патеката ќе ги зголемат проблемите во сообраќајот... Формула 1 ќе ја изгуби вредноста... Проблемот со Ф1 не е да имаме американски тимови, туку американски возачи... итн... итн...
ФИА ја има моќта за одлука и сака да ја искористи, потврдувајќи ја својата улога на контрола над Ф1, која малку по малку ја отстапуваше или губеше. Последниот и тековен Конкорд договор предвидува до 24 трки и до 12 тимови, односно 24 болиди.
Навиваме ФИА да пресече и донесе одлука за прием на два нови тима во Формула 1 Шампионатот, на сметка на одредени новокомпонирани тимови кои мислат дека владеат со Формула 1, давајќи си преголемо значење.
Сепак, зеленото светло само од ФИА не е доволно за нови тимови да дебитираат во Формула 1. Сè уште е потребно одобрение од сопствениците на шампионатот од Либерти Медија.
Покрај тоа, дури и ако Либерти Медија даде зелено светло, тимот на Ферари може да го искористи правото на вето и да го блокира појавувањето на нови тимови.
За крај, новиот конкорд договор треба да биде потпишан од 2026 за кога е закажано влегувањето на новите тимови, па останува да видиме дали ќе предвидува 12 или само 10 тимови.
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.