Макс Ферстапен го имаше најбрзото време на денешните квалификации за Големата Награда на В.Британија, забележувајќи ја својата 27-ма Пол позиција, 5-та последователна за оваа сезона.
Сепак, најголемото изненадување беа перформансите на Мекларен, Ландо Норис го имаше второто најбрзо време и ќе се придружи на Холанѓанецот на првиот стартен ред на утрешната трка.
Неговиот тимски колега, Оскар Пјастри веднаш зад него со трето најбрзо време, а него на вториот стартен ред ќе му се придружи Чарлс Леклер, кој очигледно доби статус на возач бр.1 во тимот на Ферари.
Карлос Саинц Јр. е петти, пред возачите на Мерцедес АМГ, Џорџ Расел и Луис Хамилтон. Алекс Албон со извонредниот Вилијамс повторно меѓу најбрзите 10 возачи и 8-ма стартна позиција.
Фернандо Алонсо можеше само до П9, а тимот на Астон Мартин по почетната еуфорија, како да запаѓа во криза, а Ленс Строл не може да ја помине Q2 сесијата.
Гледавме многу интересни квалификации, со променливи услови на патеката и многу изненадувања.
До последна секунда не се знаеше кој ќе отпадне од понатамошната борба, на патеката требаше да се биде во вистинското време и вистнското место без сообраќај околу себе.
Макс Ферстапен изгледаше како јасен фаворит за Пол позицијата и ги оправда очекувањата, но најизненадувачкото нешто дојде во последните моменти, иако беше најавено со најбрзото време во Q1 сесијата.
Финалната Q3 сесија беше спектакуларна за следење, во која Ландо Норис беше само две десетинки од најбрзото време, а Оскар Пјастри три. И двајцата ги победија Ферари и Мерцедес АМГ, напредокот од Австрија беше потврден во пракса.
Серџо Перез покрај лошата среќа, доживува драстичен пад во формата. Мексиканецот повторно не можеше да ја помине Q1 сесијата и веќе пет трки не може да оствари пласман во најбрзите 10 возачи на квалификациите.
МАКС НА ПОЛ ПОЗИЦИЈА, МЕКЛАРЕН ВЕДНАШ ЗАД НЕГО
7/08/2023 03:31:00 PM
0
Share to other apps