Карлос Саинц Јр. беше најбрз на петочните тренинг сесии за Големата Награда на Сингапур, а Чарлс Леклер се погрижи за нов 1-2 пласман за Ферари. Изненадувањето дојде од Ред Бул, бидејќи Макс Ферстапен, ни Серџо Перез не можеа да дојдат до топ 6 пласман.
Џорџ Расел беше трет најбрз возач со заостанување од две десетинки, додека Фернандо Алонсо, четврти со три десетинки.
Луис Хамилтон заврши на петтото место, пред Ландо Норис и возачите на Ред Бул на кои не им беше удобно во текот на целата сесија.
Кевин Магнусен и Валтери Ботас го заокружија Топ 10 пласманот. Квалификациските симулации се одвиваа на средината од сесијата, а останатото време возачите се фокусираа на долги стинтови пред неделната трка.
Вториот тренинг во Сингапур е најкорисен за возачите и инженерите, кои можеа да го оценат однесувањето на болидот при ладење на асфалтот по жештината на денот, во услови кои ќе бидат приближно исти како на саботните квалификации и на неделната трка.
Состојбата на патеката се подобри, во зоните за сопирање асфалтот беше покриен со искористена гума, што позитивно влијаеше на брзината. Ред Бул монтираше нов под на болидот на Перез, кој Ферстапен го тестираше на првиот тренинг.
Алекс Албон се пожали на губење на електриката од ПЕ, се врати во боксот, го предаде болидот на механичарите, по што следуваше крај на сесијата за него, со само 5 комплетирани круга.
Возачите на Ред Бул, барем по пораките преку тимското радио имаа големи проблеми. На Макс Ферстапен му недостасуваше грип на патеката, додека Перез имаше чувство дека при секој свиок очекува да заврши во бариерите покрај патеката.
Кевин Магнусен и Ленс Строл имаа блиски средби со заштитните ѕидови, но без никакви последици по нивните болидите.
ФЕРАРИ ДОМИНИРАШЕ, РЕД БУЛ НАДВОР ОД ТОП 6 ПЛАСМАН
9/15/2023 02:23:00 PM
0
Share to other apps