Мајк Елиот поднесе оставка како главен технички директор на Мерцедес АМГ со моментален ефект, што беше потврдено од ѕвездената марка за официјалниот сајт на Формула 1.
Британецот беше дел тимот 11 години и беше еден од најзначајните лица одговорни за успесите постигнати од 2014 до 2021 година, седум титули кај возачи и осум последователни титули кај конструктори.
Но, последните две сезони не беа особено успешни за Мерцедес АМГ, и тоа доведе до размена на улоги помеѓу Елиот и Џејмс Алисон. Сега, Мајк одлучи да го напушти тимот со моментален ефект.
Елиот додаде: "Имав голема привилегија да бидам дел од овој тим на Мерцедес АМГ. Видов како расте од група луѓе кои се здружија за да победуваат на трки, потоа прва шампионска титула, до освојување на рекордни осум последователни шампионати за конструктори, и горд сум што го дадов мојот придонес во тоа патување."
"Иако во последните две сезони не победуваме на трки , во текот на изминатите шест месеци, уживав во развивањето на техничката стратегија за која се надевам дека може да ги обезбеди темелите на следниот циклус на успех на тимот."
"Одлучив дека сега е вистинското време да го направам мојот следен чекор надвор од Мерцедес АМГ, прво ќе паузирам и одморам, по 23 години работа во овој спорт, а потоа да го најдам мојот следен предизвик."
Тото Волф, рече: "Мајк беше еден од столбовите на достигнувањата на тимот во изминатата деценија и денес се збогуваме со него со навистина измешани чувства. Тој даде силен придонес не само за изградбата на победнички болиди, туку и за градење на културата на нашиот тим."
"Но, од друга страна, јасно е дека тој е подготвен за нови авантури надвор од Мерцедес AMG, така што знам дека ова е вистинскиот чекор и за него. Тој го напушта тимот денес со нашата благодарност за напорот, посветеноста и експертизата што му ги донесе на тимот во изминатите 11 години и нашите најдобри желби за иднината."
Останува нејасно дали Елиот ќе биде заменет со некого или неговата позиција ќе се укине. Мерцедес АМГ моментално е втор во шампионатот на конструктор, со 22 бода повеќе од Ферари со три трки до крајот на 2023 сезоната.
Тимот веќе е фокусиран на својот болид за 2024 година, а Ендрју Шовлин, веќе рече дека болидот за следната година ќе има значителни промени додека се обидуваат да се вратат на победничките патеки.
МАЈК ЕЛИОТ РЕШИ ДА ГО НАПУШТИ МЕРЦЕДЕС АМГ
10/31/2023 09:18:00 PM
0
Share to other apps