Швајцарскиот тим Заубер во Формула 1 шампионатот настапува како Алфа Ромео од 2019 година, но партнерството со познатиот италијански бренд завршува, а Големата Награда на Абу Даби ќе биде последна трка под ова име.
Прес-службата на тимот од Хинвил по тој повод излезе со посебно соопштение кое содржи и романтично, музичко, расположение:
"На финалето на сезоната во Абу Даби ќе се збогуваме со нашите партнери од Алфа Ромео по шест години соработка. Горди сме што го вративме овој историски бренд во Формула 1 и навистина се боревме за секоја педа од патеката за фановите на Алфа Ромео ширум светот."
"Но, претстои уште една трка, Големата Награда на Абу Даби, и имаме намера да се бориме за бодови за успешно да ја завршиме сезоната, како и да одржиме борбеност за време на зимската пауза за да се подготвиме за новиот шампионат."
"Влогот е сè уште голем и ќе се бориме со сите сили, за нашите брендови, за нашите луѓе, за нашите фанови. Финалето на сезоната ќе биде последниот дел од симфонијата на долгата сезона, но музиката сè уште свири и ние сме подготвени за последниот танц во 2023 година."
Во 2026 година, тимот од Хинвил ќе стане фабрички тим на Ауди, но до тој момент германскиот производител нема да се споменува во името.
Алесандро Брави, извршен директор на Заубер: "Следната година болидите нема да го имаат логото на Ауди, бидејќи тие нема да бидат дел од Формула 1 до 2026 година."
"Од комерцијална гледна точка, важно е да се постигне голем успех во 2026 година, а не да се ослабне брендот Ауди со тоа што ќе ги донесеме во тимот сега."
"Во следните две години ќе продолжиме да се натпреваруваме како Заубер, надградувајќи го наследството на целата групација. Веќе го испланиравме следниот чекор, а договорот со насловниот спонзор за следните две сезони беше потпишан на почетокот на 2022 година."
"ФИА ќе го објави списокот на учесници во 2024 Ф1 сезоната околу 10 декември, а тогаш, и не порано, ќе го објавиме името на тимот за следните две сезони и новите партнери. Сè е многу јасно за следните две сезони."
"Но, сакам да нагласам дека ова не се две преодни години. Имаме две години пред нас, кои се дел од долгорочниот проект да го подигнеме тимот на следното ниво."
Жан-Филип Импарато, извршен директор на Алфа Ромео: "На крајот од шест сезони, време е да се направи сметка."
"За Алфа Ромео, оваа Ф1 авантура претставуваше меѓународна изложба на највисоко ниво, како и длабоко човечко и спортско искуство, обезбедувајќи моќна стратешка светска маркетинг платформа за Алфа Ромео."
"Алфа Ромео има натпреварувачка ДНК и ќе се врати да ги воодушеви своите фанови што е можно поскоро, кога ќе бидат создадени соодветни услови."
На трката за Големата Награда на Абу Даби, C43 ќе излезе на патеката со бројот шест украсен низ целото негово обојување, за да прослави шест години партнерство со Заубер.
Понатаму, формулацијата "Alfa Romeo nei nostri cuori" (Алфа Ромео секогаш во нашите срца) ќе се појави во обојувањето, како почит од страна на Заубер кон Италијанскиот бренд.
АЛФА РОМЕО СЕ ЗБОГУВА ОД ФОРМУЛА 1
11/23/2023 11:17:00 PM
0
Share to other apps