Со Големата Награда на Сао Пауло, Бразил, завршува интересна серија од три последователни трки, Остин, Мексико Сити, Сао Пауло, но не и американската турнеја во Формула 1, бидејќи за две недели следува помпезно најавуваната трка во Лас Вегас.
Тркачкиот викенд во Бразил беше шести и последен за оваа сезона во Спринт форматот, за кој веќе се најавуваат нови промени, иако последните беа оваа година. Колку и да се трудат, она што е "вештачко" никогаш нема да стане "природно", но се за шоу е мотото на Американците.
Има помалку од еден месец до крајот на сезоната, се е решено во борбата за титулата, но остануваат уште неколку помалку битни дуели, како тој на Перез и Хамилтон за второто место во поединечниот пласман, Мекларен и Астон Мартин за четвртото место во шампионатот за конструктори, а на позициите од седмо до десетто место буквално се може да се реши со неколку поени.
Веќе трета година, трката во Бразил е применувана во Голема Награда на Сао Пауло, како и во Мексико, се покажа дека е полесно да се најде финансирање на локално ниво отколку на државно ниво.
И ако Големата Награда на Бразил во Сао Пауло секогаш беше на работ на откажување поради повеќе причини, тогаш Големата Награда на Сао Пауло е целосно успешен настан.
Бразилската јавност не е ништо помалку емотивна од мексиканската и подобро ја разбира Формула 1. Бразилската трка е ретко комплетна без приказни поврзани со криминал.
Возачите и вработените во тимот се ограбени повеќе од еднаш, на возачите им е доделено обезбедување, но на секој механичар не може да му се додели полицаец, па пред да ја напуштат патеката се пресоблекуваат во незабележлива облека за да не се истакнуваат дека се дел од Формула 1.
Штета е што на повидок се уште нема наследник на легендарниот Аиртон Сена, но за тоа е потребен или богат покровител или поддршка од голема компанија или тим. Или уште подобро, и двете.
Хозе Карлос Паче е една од неколкуте патеки каде се вози спротивно на стрелките од часовникот. Таа се состои од кривулест дел помеѓу свиоците 6 и 12, со три долги правци помеѓу свиоците три и четири, пет и шест, и после 14-от свиок до почетната "S"(Сена) шикана. Воедно, завршетокот на трето споменатиот правец е најидеалното место за претекнување.
Во минатото кога трките кои се возат во спротивна насока биле новост, тие биле тешки за навикнување за возачите. Во модерната ера, тоа повеќе би предизвикало механички проблеми на болидите, како "бегање" на горивото, водата, маслото спротивно од нивните пумпи.
Како и при секој тркачки викенд инженерите треба да најдат добар сет-ап на болидот со компромис на потисната сила која е посакувана низ тесниот и кривулест дел, но, непосакувана на правците, каде што болидот треба да постигне што е можно поголема максимална брзина.
Инженерите на Пирели предвидуваат четири стратешки опции. Првите две, кои се многи блиски, се состојат од две застанувања во бокс за промена на гуми.
Една од нив е да се стартува на црвените гуми, по што би следувал стинт на жолтите, и завршен стинт на црвените пневматици. Алтернатива е да старт на жолтите, потоа уште еден стинт на истата смеша, а потоа трката да се заврши на најмеките, црвени, гуми.
Температурите и условите на патеката ќе бидат одлучувачки фактор. За оние кои ќе се обидат со едно застанување во бокс, изборот е да започне трката на жолтите гуми, пред да се префрлат на белите за подолг завршен стинт.
Ако некој од возачите се одлучи за старт на црвените гуми, за да се искористи нивната изведба во раните фази на трката, може да се обиде со три застанувања во бокс, по следниот редослед црвени-жолти-црвени-црвени. Се разбира се зависи од тоа кои сетови на пневматици ги имаат возачите на располагање.
Како и секогаш во Ф1, деталите се тие што ја прават разликата, а ризикот од сообраќај и излегување на безбедносното возило исто така се фактор на брзата и компактна патека Интерлагос.
Марио Изола, Пирели: "Трките во Интерлагос се секогаш интересни, а така беше и на спринтот, со многу претекнувања, некои од нив навистина спектакуларни. Во саботата научивме многу за перформансите на гумите."
"Црвените пневматици бараа повнимателно менаџирање, додека жолтите повеќе страдаа од деградација, што ќе бара големо внимание во однос на нив."
"Податоците собрани во спринтот ќе бидат корисни за одредување стратегија за неделната трка, кога времето ќе биде приближно исто. Очигледно, најдобрата опција се две застанувања ако ги користите црвените и жолтите пневматици."
"Во саботата, најмеките гуми се покажаа добро дури и во прилично долги стинтови, така што клучот ќе биде да се најде вистинската рамнотежа помеѓу должината на стинтивите и редоследот по кој се користат смешите."
"Не треба да се исклучи стратегијата од три пит-стопови. Теоретски, не е најбрза, но би можела да биде погодна за оние кои сакаат да ги форсираат своите болиди без да се грижат премногу за деградацијата на гумите на патека каде што може да се претекнува."
"Треба да се запомни дека "undercut" во Интерлагос може да работи многу ефикасно."
Џорџ Расел, Пјер Гасли и Естебан Окон загубија по две стартни позиции затоа што ги попречија своите ривали на излезот од боксевите и не ги почитуваа целосно упатствата на тркачкиот директор да возат што е можно полево ако некој од другите возачи сака да ги претекне.
Тимот на Алпин се реши да ја смени Рено погонската единица во болидот на Пјер Гасли. На французинот му беа заменети сите компоненти, но бидејќи тоа не беа нови делови, туку претходно користени, нема да биде казнет.
Во петокот квалификациите завршија предвреме поради невреме со грмотевици, во саботата возачите работеа на сува патека, а прогнозата за денес исто така не најавува врнежи.
Возачите ќе го започнат загревачкиот круг во 14:00 часот по локално време. До овој час воздухот ќе се загрее до 22 степени со претежно сончево небо и југоисточен ветер од 17км/ч,со налети до 35км/ч. Шансата за врнежи е 4%.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА САО ПАУЛО ГРАН ПРИ
11/05/2023 01:48:00 PM
0
Share to other apps