Макс Ферстапен го извади целиот свој потенцијал во последната Q3 сесија од квалификациите за Големата Награда на Австралија и ја забележа неговата 35-та Пол позиција во Формула 1.
Холанѓанецот не беше најбрз на ниту една тренинг сесија и беше победен од Карлос Саинц Јр. во Q1 и Q2, но шпанецот во последниот сегмент не успеа да го извади максимумот од болидот на Ферари, каде Макс со спектакуларно време додаде нова Пол позиција зад неговото име.
Сепак, може да се каже дека ова е одлично постигнување на Карлос Саинц Јр., пласман на првиот стартен ред неполни две недели по операцијата во Џеда, при тоа победувајќи ги Серџо Перез, Ландо Норис и Чарлс Леклер, кој не можеше повеќе од 5-тата стартна позиција. Моначанецот повторно греши под притисок, тогаш кога е најважно да покаже добри резултати.
Фернандо Алонсо се чинеше дека има темпо да биде во борба за седмата позиција со Џорџ Расел, но во првиот обид во Q3 излета од патеката и го оштети подот на својот болид, па мораше да се задоволи со десетата позиција, веднаш зад Ленс Строл.
Стјуардите на Големата Награда на Австралија му изрекоа казна во форма на опомена на Пјер Гасли, поради тоа што Французинот во првиот дел од квалификациите, ја прегази жолтата линија (на повеќето патеки е бела) која го иозначува излезот од боксевите.
Стјуардите забележаа дека маневарот на Гасли не претставувал опасност по никој, па затоа опомена е стандардна казна на такви прекршоци. Ова е негова прва опомена (возачка) за оваа сезона.
Серџо Перез, од друга страна, ќе загуби три места на стартот на трката за Големата Награда на Австралија. Мексиканецот беше казнет затоа што го блокираше Нико Хулкенберг во Q1 сесијата од квалификациите.
Имајќи ги предвид околностите на инцидентот, стјуардите дошле до заклучок дека Хулкенберг морал да излезе од оптималната тркачка линија за да го избегне Перез и да притисне на кочницата порано од вообичаеното.
Стјуардите додадоа дека Ред Бул предоцна го предупредил својот возач дека Нико се приближува, бидејќи вниманието на тимот беше насочено кон болидот напред.
Така, Серџо Перез ќе стартува шести на неделната трка, зад Ландо Норис, Чарлс Леклер и Оскар Пјастри.
Џоу Гуанју ќе ја стартува неделната трка од пит-линијата. Во квалификациите, возачот на Заубер го оштети предното крило на рабниците покрај 10-от свиок. Во тимот немаат резервно предно крило со иста спецификација, па како замена ќе се користи крило со други спецификации.
Замената на оштетените делови со нови со различна спецификација се смета за прекршување на режимот "затворен паркинг" и повлекува казна, старт од пит-линијата.
Кинезот нема да загуби многу, бидејќи ја имаше обезбедено последната стартна позиција.Официјалната потврда на казната од страна на ФИА се очекува неколку часа пред старт на трката, 05:00 часот по македонско време.
Во Q1 сесијата сите возачи беа на црвените гуми. Во првиот обид Леклер го имаше најбрзото време, а Пјер Гасли ја премина жолтата линија додека излегуваше од пит-линијата. Стјуардите го разгледаа овој инцидент по квалификациите и Французинот доби опомена.
При вторите брзи круга, најпрвин Алонсо беше побрз, па Саинц Јр. го победи времето на Леклер, а неговиот резултат остана како најдобар.
Од понатамошната борба отпаднаа Хулкенберг, Гасли, Рикиардо и Џоу кој го оштети предното крило. Австралиецот имаше круг за понатамошен пласман, но излезе надвор од границите на патеката и кругот беше избришан.
Во Q2 сесијата борбата повторно се одвиваше на црвените гуми. Во првиот обид, Ферстапен беше на врвот на табелата, додека при вторите обиди Саинц Јр. го победи Холанѓанецот со време кој никој не можеше да го победи до крајот на сегментот.
Хамилтон, Албон, Ботас, Магнусен и Окон не се пласираа во најбрзите десет возачи.
По два сегменти по кои се понадевавме дека Ред Бул може да биде победен, барем на квалификациите, на ред доде финалната пресметка со која се дефинира стартниот поредок на најбрзите возачи.
Ферари, Ред Бул и Мекларен излегоа за својот прв обид со нови црвени гуми, останатите, со користени.
Веќе во првиот брз круг, изненадување! Ферстапен забележа извонредно време и ги победи Саинц Јр. за две десетинки, Леклер за три десетинки и Перез за четири десетинки. Норис беше петти, пред Пјастри, Расел и Цунода. Алонсо направи грешка во 6-от свиок и не го комплетираше кругот. Строл одлучи да почека.
При вторите обиди на возачите Макс Ферстапен беше уште побрз, не дозволувајќи им на своите ривали ни да помислат на Пол позицијата. Карлос Саинц Јр. успеа да го победи Серџо Перез и беше втор, но Холанѓанецот беше извонреден во овој Q3 сегмент.
Чарлс Леклер направи грешка во третиот сектор од последниот брз круг и заврши петти, губејќи една позиција од Ландо Норис. Пијастри беше шести, пред Расел, Цунода, Строл и Алонсо кој имаше оштетување на неговиот AMR24 по прошетката низ чакалот покрај патеката.
Во петокот не сите можеа да ги најдат најдобрите поставки за патеката во Алберт Парк, па за тоа им преостана уште саботниот тренинг. Асфалтот беше поладен, поради облачното небо.
Многу возачи ги испробаа белите гуми за прв пат во овој викенд, ценејќи го нивниот тркачки потенцијал.
Алекс Албон, кој го уништи својот болид на првиот тренинг, седна зад воланот на болидот на Логан Сарџент, кого Вилијамс беше принуден да "прати" во публика, затоа што Тајланѓанецот има многу поголеми шанси за подобар пласман.
Саботниот тренинг помина без проблеми, а најбрзото време го имаше Чарл Леклер. Се ова укажуваше на добар настап на Ферари во квалификациите, но кога беше најпотребно нивните возачи потфрлија.
ФЕРАРИ НЕ УСПЕА, МАКС ПОВТОРНО НА ПОЛ ПОЗИЦИЈАТА
3/23/2024 01:02:00 AM
0
Share to other apps