Макс Ферстапен трета година по ред победи на трката за Големата Награда на Јапонија, забележувајќи ја неговата 57-ма Победа во кариерата и трета оваа сезона.
Серџо Перез заврши како втор, негов 38-ми пласман на подиумот, обезбедувајќи ја 31-та двојна Победа за Ред Бул. На третото скалило на подиумот се искачи Карлос Саинц Јр..
За две недели борбата ќе продолжи во Кина каде не очекува првиот викенд во спринт формат за оваа 2024 сезона.
Ред Бул, по лошата трка во Мелбурн, одговори со доминантна двојна Победа на трката за Големата Награда на Јапонија.
Макс Ферстапен доминираше на трката во Сузука, но и Серџо Перез со леснотија успеа да ги победи некогашните ривали за комфорно второ место.
Карлос Саинц Јр. повторно беше најдобар од останатите и се искачи на последното скалило на победничкиот подиум, пред Чарлс Леклер кој успеа да извози трка со само едно застанување во бокс.
Ферари невообичаено "нежен" кон гумите на Пирели, но останува впечатокот дека подобра опција за денешната трка беше стратегијата со два пит-стопа.
Фернандо Алонсо, шести по уште една одлична трка. Имавме шоу во Алберт Парк поради откажувањето на Макс, но во Сузука, домот на Хонда и кој обично е "територија на Ред Бул" немаше дилема кој ќе биде победникот.
Ферстапен, во трка која беше прекината во првиот круг, поради инцидентиот на Даниел Рикиардо и Алекс Албон, победи со вклучен најбрз круг и со 12 секунди разлика пред Перез и 20 секунди пред Саинц Јр..
Шпанецот во тимот на Ферари, кој патем е се уште без работа за следната сезона, имаше многу добро темпо и заостана осум секунди зад Мексиканецот.
Ферари не само што се потврди како втор најбрз тим со тоа што Чарлс Леклер заврши на четвртото место, туку Моначанецот имплементираше стратегија за едно застанување во бокс, по црвеното знаме и можеше долго да остане на патеката со почетните жолти гуми, значително подолго од кој било друг возач.
SF-24 се однесува со гумите исклучително нежно, но на оваа трка ова подесување на болидите ги чинеше со полош пласман на квалификаиите, но, нели поени се освојуваат на трката. Ферари конечно го сфати тоа!
Ландо Норис мораше да се задоволи со петтото место, а Фернандо Алонсо, по уште една одлична дефанзивна трка и битките со Оскар Пјастри и возачите на Мерцедес АМГ, го освои заслужното шесто место, додека Ленс Строл не успеа да забележи нити еден поен.
Следуваа Џорџ Расел, кој на оваа трка конечно изведе успешно претекнување во последниот круг, поминувајќи го Оскар Пјастри за седмото место. Луис Хамилтон и Јуки Цунода, кој се покажа во добро светло на домашен терен го комплетираа списокот на освојувачи на поени.
РЕД БУЛ ДОМИНИРАШЕ НА СУЗУКА, ДОМАШНАТА ПАТЕКА НА ХОНДА
4/07/2024 01:42:00 AM
0
Share to other apps