Ферари добива нов главен спонзор со непосреден ефект.
Веќе од следната трка за Големата Награда на Мајами, компанијата HP влегува со значителна финансиска инјекција, што е доволна тимот да ја додаде наставката HP во своето име Scuderia Ferrari HP.
Како и секогаш за нас спонзорите немаат големо значење, па Ферари ќе си остане Ферари, слично на останатите тимови со вакви "спонзорирани" имиња.
Трката во Мајами ќе биде со посебен шмек за Италијанците. Тимот подготви специјална серија на спортска облека во сини тонови, за да му оддадат почит на своето минато, т.е. 70 години од присуството на брендот на северно американскиот континент.
Ферари ќе користи технологија и услуги на HP, вклучувајќи адаптивни компјутери и уреди, производи и услуги за соработка и можности за печатење, за да помогне во зголемување на перформансите на и надвор од патеката.
Новото партнерство го вклучува новото име на тимот и идентитетот на брендот во Ф1 тимот, Еспортс шампионатите и болидот на Ферари кој се натпреварува во Ф1 Академијата.
Логото на HP ќе го има своето деби на Ф1 болидите на Маранело за време на Големата Награда на Мајами закажана за 3-5 мај, кога тимот ќе започне да се натпреварува со новото име.
Пред Големата Награда на Мајами, претставници од двете организации ќе бидат присутни на презентацијата на новото партнерство и специјалното обојување на болидите за трката во Мајами.
Ќе присуствуваат извршниот директор на Ферари, Бенедето Виња, тимскиот шеф на Ф1 тимот, Фред Васер, возачите на тимот Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр. и извршниот директор на HP, Енрике Лорес.
"Нашиот основач ни ја пренесе својата постојана волја за напредок. Од ова произлегува нашата желба за иновации на патиштата и на тркачките патеки, како и нашата посветеност за одржлива иднина, од неутралност на јаглеродот до образованието на помладата генерација", рече Бенедето Виња, извршен директор на Ферари.
"Во HP ги најдовме истите вредности, кои ги прават идеален партнер, па со нетрпение очекуваме да ја започнеме нашата соработка и заедно да се соочиме со нови можности и предизвици."
"Со технологијата, перформансите и исклучителната изработка што ја поттикнуваат иднината, партнерството помеѓу HP и Ферари е природно вклопување", рече Енрике Лорес, извршен директор на HP Inc.
"Преку оваа уникатна соработка, ние исто така имаме можност да допреме до нова публика, да поттикнеме раст на бизнисот и да создадеме трајно влијание за нашите заеднички клиенти и заедници. Заедно ќе ја искористиме глобалната тркачка сцена за да ги забрзаме одржливите иновации."
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.