Почнувајќи од следната сезона, Нико Хулкенберг ќе вози за Заубер.
Тимот од Хинвил потврди дека е потпишан повеќегодишен договор со германскиот возач, а во 2026 година, по реорганизацијата, кога тимот ќе добие фабрички статус, тој ќе стане првиот возач на Ауди.
Во текот на следната сезона, Хулкенберг ќе ги комбинира трките во Формула 1 со работата на изградбата на првиот болид на Ауди за 2026 година.
Андреас Зајдл, извршен директор на Заубер: "Многу сме задоволни што го пречекуваме Нико назад во Хинвил и возбудени сме што ќе се тркаме заедно во Формула 1. Со неговата брзина, искуство и тимска работа, тој ќе биде важен дел од тимот во процесот на трансформација и проектот на Ауди во Формула 1."
"Од самиот почеток имавме взаемен интерес за долгорочна соработка. Нико има силен карактер и неговите придонеси и на професионален и на личен план ќе ни помогнат да напредуваме во градењето на болидот и градењето на тимот."
Нико Хулкенберг: "Се враќам во тимот со кој работев во 2013 година и имам многу спомени од неговиот силен тимски дух. Шансата да се вози за Ауди е нешто многу посебно."
"Кога германскиот производител на автомобили влегува во Формула 1 со таква решителност, тоа претставува единствена можност. За мене е голема чест да го претставувам фабричкиот тим на толку голем автомобилски бренд, чии болиди ќе користат погонски единици произведени во Германија."
Ајaо Комацу, тимски шеф на Хас: "Сакам да му се заблагодарам на Нико за неговиот придонес во развојот на тимот во времето поминато со нас. Тој е одличен тимски играч и задоволство е да се работи со него. Неговото искуство и повратни информации се непроценливи за нас додека работиме на подобрување на болидот."
"Резултатите од неговата работа се забележливи во брзината на VF-24 во квалификациите и трките. Имаме уште многу трки што треба да ги поминеме оваа сезона, па со нетрпение очекуваме да ја продолжиме нашата соработка и да имаме корист од неговата работа на преостанатите трки од 2024 сезоната."
Преселбата на Нико Хулкенберг во Заубер значи дека Џоу Гуанју ја вози последната сезона со швајцарскиот тим. Може да се претпостави дека и Валтери Ботас ризикува да остане без работа, но се зависи од тоа дали тимот од Хинвил може да го добие потписот на Карлос Саинц Јр.. Ако и шпанецот се согласи, тогаш Хулкенберг всушност ќе го заземе местото на Ботас. Ако не, германскиот возач ќе го замени Џоу.
Нико Хулкенберг во текот на годините на својата долга кариера повеќе пати докажа дека е способен да покаже одлични резултати, особено во квалификациите, но во трка никако не успева да го совлада менаџирањето на Пирели пневматиците.
Во хибридната ера кога тоа е од големо значење, тој беше во втор план во однос на своите тимски колеги во Рено, во Форс Индија. За разлика од него Валтери Ботас имаше пристојни резултати во Мерцедес АМГ, и тоа во околности кога еден од главните проблеми беа перформансите на гумите.
Да не беа проблемите со пит-стоповите што го мачат Заубер оваа година, нивото на конкурентност на Ботас може да се спореди со она што го покажа за време на неговите најдобри години во Мерцедес АМГ.
Хулкенберг веројатно е способен да го победи во еден брз круг, но Ботас има тенденција да биде постабилен во тркачко темпо. Нема сомнеж дека Нико ќе заврши подобра работа од Џоу, кому очигледно му недостасува стабилност, но споредувањето на Нико со Финецот не е баш во негова корист.
Јасно е дека Нико Хулкенберг не е профилот на лидер што му треба на Ауди. Но, со овој потег можеби сакаат да извршат дополнителен притисок врз Карлос Саинц Јр. да потпише, без да се чека да се види што ќе се случи со слободното место во Мерцедес АМГ или потенцијално во Ред Бул.
Во овој момент Саинц Јр. знае дека го има клучот на пазарот и, до одреден степен, тој е сопственик на своето време. Може да се каже дека Карлос е единствениот слободен возач од повисок калибар. Во Ауди, Мерцедес АМГ и Ред Бул го знаат тоа. Ауди сакаше да има го има неговиот одговор до крајот на април, но сега може да си дозволи да чека до јуни/јули.
НИКО ХУЛКЕНБЕРГ ГО ОТКАЧИ ХАС ЗА ЗАУБЕР
4/27/2024 11:38:00 AM
0
Share to other apps