По спринт викендите во Кина и Мајами на Имола се враќаме на традиционалниот формат со три тренинг сесии. На првиот тренинг имавме настап на Оливер Берман, кој возеше во болидот на Хас наместо Кевин Магнусен.
Почетокот на европската турнеја, како што е Имола во овој случај, секогаш е време на воведување на првите големи пакети за подобрување во тековната сезона. Во повеќето болиди имаме нови делови, така што нивното правилно и колку што е можно подолго тестирање би било идеално.
Во Астон Мартин, само Алонсо ја тестираше најновата верзија на АМР24, додека Ленс Строл продолжи со старата верзија на болидот за добивање на компаративни податоци помеѓу двата болида. Во Ферари двајцата возачи го имаа новиот пакет надградби од првата минута.
Сите три смеши на Пирели се појавија на првата тренинг сесија, иако само еден тим ги користеше црвените од самиот старт, а тоа беше Ред Бул. Останатите се одлучија за жолтите, најкористена опција, и белите гуми на Пирели.
Џорџ Расел го имаше најбрзото време во оваа прва половина од сесијата, кога беа развеани црвените знамиња, предизвикани од дефект на болидот на Вилијамс, кој Алекс Албон мораше да го паркира покрај патеката.
Прекинот траеше кратко време, а по рестартот на сесијата повеќе возачи ги ставија црвените гуми, во потрага по повеќе перформанси во еден круг, па заедно со еволуцијата на патеката, не беше потребно многу време да гледаме зелени и виолетови сектори.
Видовме измена на неколку различни имиња на врвот на табелата, Ферстапен, Саинц Јр., Расел, но најдобра референца пред крајот на сесијата беше времето на Чарлс Леклер.
Моначанецот го забележа најбрзото време, токму во истиот момент кога Луис Хамилтон имаше излетување и извртување на патеката, без оштетување на неговиот W15, на влезот во Acqua Minerale.
Во нивната симулација со црвени гуми, двата Ред Була заостанаа две и пол десетинки зад најдоброто време на Леклер. Серџо Перез беше седум илјадитинки побрз од Ферстапен кој не можеше да го контролира RB20 во вториот сектор. Во два наврати по виолетов прв сектор, мораше да ја "коси" тревата покрај патеката, и да ги прекине брзите кругови.
Иако Ферари ги посвети своите последни десет минути од тест сесијата на тркачко темпо со бели пневматици, времето на Леклер остана на врвот на табелата, а Саинц Јр. беше трет.
Џорџ Расел ги подели двата црвени болида, со Перез на четврто место, пред Макс Ферстапен.
Јуки Цунода, едно од изненадувањата на денот, беше шести на домашната трка за Торо Росо, т.е. РБ.
Луис Хамилтон беше седми, пред двата болиди на Мекларен, осми Ландо Норис и деветти Оскар Пјастри. Фернандо Алонсо не можеше повеќе од десеттото место со надградениот АМР24.
СИТЕ ПРИЈАВЕНИ НАДГРАДБИ НА БОЛИДИТЕ ЗА ИМОЛА